1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стартува расправата за буџетот

Костадин Делимитов
25 ноември 2019

Власта догодина сака да троши рекордни 3,9 милијарди евра. Најмногу за плати, пензии и социјала. Опозицијата критикува и ќе нападне со над 300 амандмани.

https://p.dw.com/p/3TebU
Mazedonien - Das Parlament
Фотографија: MAKFAX

Изборната 2020 година носи нова стратегија за инвестирање на народните пари. Рекордно тешкиот буџет од 3,9 милијарди евра, според плановите на власта, е со фокус на човечкиот капитал. Најголем дел од парите ќе се инвестираат во граѓаните. За подобар животен стандард, но и за поквалификувана работна сила. Планот е да растат платите, пензиите, социјалните трансфери: 

„Доколку не вложуваме континуирано во човечкиот капитал, како земја нема да имаме работна сила подготвена за работните места на иднината, нема да бидеме конкурентни со светската економија и нема да може да го одржиме економскиот раст. Свесни сме дека како земја, според индексот на човечки капитал кој ја мери потенцијалната продуктивност на детето согласно инвестираното во него преку здравството, образованието и социјалната грижа, заостануваме во регионот“, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска.

Власта очекува конструктивност, опозицијата е бесна

Министерката за финансии ќе го брани пред пратениците својот прв буџет. Таа очекува процесот да помине главно во демократски амбиент:

„Очекувам ефикасна, ефективна и конструктивна дебата кој што пред сѐ и единствено ќе биде во интерес на граѓаните", изјави Ангеловска.

Колку ќе биде конструктивна и ефикасна расправата за трошењето на народните пари ќе зависи и од опозицијата. А таа е бесна и обвинува дека власта скроила буџет со кој го жртвува развојот на државата за сметка на поткуп на гласачите. Клучниот аргумент, според опозицијата, се парите предвидени за капитални инвестиции кои, позиционирани на 383 милиони евра, се помалку и од оние за тековната година:

„Средствата што не се вложуваат во инфраструктура, не се вложуваат во изградба на нови училишта, изградба и адаптација на болници, клинички центар и.т.н. популистички се наменуваат за тековни трошења, за пораст на платите во администрацијата, пораст на платите во разни дејности, за социјални издатоци. Ова се потреби кои треба да се задоволат за голем број на граѓани, ама зголемување на пример на средствата за социјална заштита за цели 140 милиони евра значи дека владата се подготвува, жртвувајќи ја иднината на економијата и дури и на развојот на земјата од популистички побуди, да ги поткупува гласачите“, предупреди Трајко Славески, член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Nord-Mazedonien l Pressekonferenz in Skopje mit Angelovska und Zaev
Министерката за финансии Нина Ангеловска очекува ефикасна и конструктивна дебатаФотографија: DW/P. Stojanovsk

Капиталните инвестиции трн в око

Во таа насока ќе бидат и 317 амандмани кои ги поднела опозициската партија која ќе бара власта да обезбеди повеќе пари за капитални инвестиции, за сметка на договорните услуги или другите непродуктивни трошоци. 

Власта не се согласува дека капиталните инвестиции се фрлени настрана, туку напротив. Со оглед на досегашните ефекти, тие биле поставени на реални основи и фокусирани на реализација на повеќе клучни проекти во делот на инфраструктурата, енергетиката, здравството, образованието, земјоделството.

Повеќе:

Битка за ребалансот во Собрание

Буџетот оди под нож за повисоки плати

Инвестиции во продуктивност

Ваквата стратегија сепак ги прави незадоволни стопанствениците кои сметаат дека инвестициите во плати и пензии за сметка на капиталните проекти ќе имаат краткорочен ефект:

„Финансирање на трошења кои нема да стимулираат раст на продуктивноста и подобрување на условите за работа на субјектите во приватниот сектор кој е двигател на економијата, е тешка одлука за која креаторите на буџетот ќе имаат одговорност не само пред вработените во јавната администрација и пензионерите, туку и пред приватниот сектор, кој вработува 80 отсто од вкупниот број граѓани во државата“, предупредува Даниела Арсовска, претседател на Сојуз на стопански комори.

Таа смета дека на овој начин нема да се решат системските проблеми, ниту пак ќе порасне продуктивноста на компаниите кои го полнат буџетот за да можат да издржат повисоки плати и трошоци:

„Од друга страна, трпат капиталните инвестиции, поле на кое се потфрли изминатата година, имајќи предвид дека имаме стратешка заложба за инфраструктурно поврзување на Македонија за побрз проток кое треба да остане во приоритетите, но и дека на овој начин се стимулира работата на над 20 стопански гранки“, смета Арсовска.

Mazedonien Parlament in Skopje
Опозицијата ќе го напаѓа предлогот на владата со над 300 амандманиФотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix

Повеќе пари за административците

За потфрлањето во делот на капиталните инвестиции, но и генерално во политиките кои генерираат позначајни стапки на економски раст, критикуваат и експертите. Дел од нив предупредуваат дека се потребни инвестиции во проекти кои ќе ги оспособат младите луѓе да станат продуктивни и конкурентни на пазарот на труд:

„Треба да се има проекти за да се оспособат младите луѓе, тоа е капитал, а вака тие се само потрошувачи. Со буџетот треба да се создаваат услови за капиталот. Сега со овој буџет каде ќе одат парите? Слушавме дека сега нема безмилосно трошење, а сега се зголемува буџетот, а се намалуваат инвестициите. И слушаме нов поим во науката - инвестиции во човечките ресурси, во исплата на плати во државна администрација која не е намалена, туку уште се зголемува заради партиски цели. И за тоа одат парите, а ние зборуваме за економија“, предупредува поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

Оптимистички или реални проекции?

Буџетот за идната година е предвидено да тежи 3,9 милијарди евра, што е најголем буџет досега, а се базира на планиран раст од 3,8% и и буџетски дефицит од 2,3% од БДП. Економскиот раст се базира главно на зголемување на приватната потрошувачка, извозот и инвестициите, јавни и приватни. Во буџетот за следната година е предвидено платите да пораснат за 6,3 проценти, а невработеноста од сегашните 17,5% да падне на 16%.

Согласно Деловникот, расправата за буџетот во матичната собраниска комисија за финансирање и буџет ќе трае десетина дена. Според очекувањата, документот би се нашол на собраниска седница на средината на декември.