1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

080709 G8 Wirtschaftskrise

9 јули 2009

Во италијанскиот град Лаквила продолжува самитот на Г8 и Русија. Првиот ден од средбата на лидерите започна со разговорите за економската и финансиската криза. Во фокусот беше и борбата против промената на климата.

https://p.dw.com/p/Ik6r
Самит на Г8Фотографија: AP

Едно е јасно: Групата осум сама не може да го спаси светот од една од најтешките економски кризи во последниве децении, иако таа носи најголем дел од товарот во кризата. Музиката веќе подолго време се свири во поширок круг. Така двата светски финансиски самити во Лондон и во Вашингтон посветени на кризата беа одржани во рамките на Групата 20, во која покрај најразвиените индустриски земји се наоѓаат и најзначајните земји во економски подем.

И покрај тоа германската канцеларка Ангела Меркел смета дека средбата во Италија е важна: „Г8 е една добра етапа. Ако индустриски развиените земји во светот не се единствени, воопшто нема да можеме да постигнеме единство ниту во Г20. Впрочем ние како индустриски нации сме оние кои преку финансиските пазари учествувавме во предизвикувањето на светската финансиска криза. Светот со право очекува од нас да го направиме првиот чекор. Затоа е добро што ние денеска се договараме и што потоа ќе се сретнеме со земјите во економски подем. Токму затоа овој самит на Г8 е важна средба“, рече канцеларката.

За решавање на глобалните пробелми Г8 не е вистинскиот формат

Меѓутоа Групата осум во нејзините изјави за натамошниот развој на светската економија останува неодредена. Во никој случај неможе да се каже дека по силните пробиви во минатите месеци наскоро повторно економијата ќе тргне напред. Напротив, и натаму постојат значајни ризици за стабилноста на финансискиот систем. Сетоа ова во никој случај не е новина. Впрочем нешто ново воопшто не се ни очекува, зашто борбата против финансиската криза, повторно ќе се врати во фокусот дури на крајот на септември, кога Групата 20 се среќава во градот Питсбург во САД. Тоа повеќе од јасно покажува дека за решавање на глобалните проблеми Г8 повеќе не е вистинскиот формат.

Има надеж да се сопрат климатските промени

Тоа важи и за втората важна тема на овој Самит: борбата против климатските промени. Сепак има надеж. Ова е прв Самит на Г8 на кој учествува американскиот претседател Барак Обама кој во неговата татковина воведува промена во трендот во заштитата на климата. Така на Г8 и успеа да направи чекор напред кон новиот договор за заштита на климата, кој на крајот на декември треба да биде постигнат во Копенхаген. За првпат САД се согласија со т.н цел за два степена. Тоа значи дека земјата не смее да се загрее повеќе од два степени во споредба со почетокот на индустриската ера. Ова експертите за климата го даваат како одредница за да би можело светот да се справи со последиците од промената на климата.

За Тобијас Минхмејер од еколошката организација „Гринпис“ тоа меѓутоа се’ уште не е доволно конкретно: „Зашто ние во нацрт-декларацијата од Самитот не гледаме краткорочни цели, а токму тоа во моментов ни се чини неопходно. Тоа значи; Колку замјите од Г8 се подготвени да ги намалат емисиите на јаглерод-диоксид до 2020 година? Тоа имено мора да изнесува 40 проценти. И уште едно многу важно прашање. Колку пари се подготвени да им дадат на земјите во развој за заштита на климата. За тоа ништо не може да се прочита во нацрт-декларацијата и доколку не се постигне ништо друго освен заложбата за целта за два степени тогаш ќе кажеме. Г8 не успеа.“

Автор: Хенрик Беме / Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска