1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Уметност

Во потрага по Баухаус во заспаниот Десау

19 јули 2021

Духот на Баухаус не е само во градбите, ниту во улиците на Десау. Тој живееше во творечката констелација која пред еден век ја создадоа гениите на Гропиус, на Кле, на Кандински. А тие се сега насекаде во светот.

https://p.dw.com/p/3wfUI
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Често има мигови кога се чувствувам како да сум стапнала во имагинарниот простор на моите романи. Тогаш ми се присторува дека реалноста ми покажува скриени шифри, читливи само за мене, за да ми покаже дека тоа што сум го замислила како своја писателска фантазија станало  реалност. Секако, видлива и пристапна само за мене. Тоа се случува и оваа неделна вечер, додека ја пишувам колумната на едно за моето творештво многу симболично место. Германскиот град Десау, каде што од 1925 до 1932 се наоѓала прочуената уметничка академија Баухаус.

Приватни планови не' донесоа со мажот ми за викендов во овој дел на Германија во кој, за разлика од околината на Келн, од каде што допатувавме вчера во Вајмар, а  денес во самракот во Десау, владеат високи летни температури. Само  сино небо, без ниту еден облак!  Додека небаре апокалиптичните дождови и поплави во регионите околу Келн причинија стравотна катастрофа. На Истокот на Германија, околу градовите Вајмар, Јена, Лајпциг и Десау владее идилична летна атмосфера и летна жега која ја паметам само од Југот на Европа. 

Првата вечер ја поминавме во Вајмар. Тој град  е симбол за прочуената Вајмарска класика во деветнаесетиот век,  кога таму твореле уметниците како Гете, Шилер, Виланд и Хердер. Затоа  срцето на Вајмар е плоштадот пред театарот, со прочуениот споменик на Шилер и Гете, недалеку од зданијата во кои тие живееле.Во Вајмар е и првиот период на Баухаус, за што сведочи извонредниот нов музеј. Во градината пред него се одржуваше концерт. Публиката седеше под дрвјата врз тревникот. Нестварно. Како театарска претстава. Кафеаните се полни. „Конечно, нормален живот", стои на таблата пред една пивница.

100 Jahre Bauhaus in Weimar - Uni et Museum
Универзитетот Баухаус во ВајмарФотографија: Hugo Flotat-Talon

Додека вечеравме во италијанскиот ресторан со поглед врз споменикот на Гете и Шилер, постојано ги гледав во умот Паул Кле и Васили Кандински, застанати пред  споменикот во истата поза како двајцата постари великани. Во реалноста пред споменикот, на скалите,  сето време седеше некој беден поет-бездомник, со шишето пиво в рака. И тој одговараше целосно во сценографијата. Вајмар  е еден од најубавите градови  во Германија кој, како и Десау, е заштитен како светско  културно наследство. Пандемијата  и затворените  музеи прават  некои делови од градот  да делуваат целосно надреално.  На празните плоштади и колонади пред музеите ви се чини  дека оживеале меланхоличните слики на Џорџо де Кирико и на Рене Магрит. И дека во  нив сега вие чекорите, како дело на нечие волшепство. Градбите стануваат виртуелни и бестежински. Се обидувате да го замислите изминатиот живот во него, но тој во истиот миг се крие од вас и брзо бега, како темата во музичката фуга. А јас мислам на приказната од мојот роман „Жените Гаврилови", во кој делови се одигруваат во Вајмар. И одеднаш очекувам зад аголот да се појават вљубените Леонард и Лина, во потрага по таинствената Ника Гаврилова, студентка на Баухаус во Десау.

Други колумни од Кица Колбе:

-Цветните оази во келнските тротоари

-Егејскиот оркестар за свадби

-Бугарски чардаш околу Македонија

Во градот во кој Баухаус бил од 1925-1932 стигнавме во самракот. Десау уште посилно ми се пристори како нестварна кулиса. Во осум часот навечер, улиците беа празни. Небаре бевме стигнале предоцна, откако животот потонал во недопирливоста на сонот и илузијата . Се најдов во сцена од  мојот роман „Снегот во Казабланка". Се прашував, слично на  Дина Аспрова: каде се сега тие со кои восхитено со децении го поврзувам името Десау? Паул Кле, Васили Кандински, Валтер Гропиус, Јоханес Итен...Зошто не се појавуваат на улиците на кои чекореле катаден,  барем со некој знак, видлив само за мене? Тие знаат дека ние,  модерните  поклоници на уметноста, имаме свои „свети места", на кои очекуваме да го допреме изминатото време. И тоа  во мигот кога ќе стигнеме таму!  Го гледав блескавото здание на новиот музеј на Баухаус, изградено по повод стогодишнината, и се чудев, каде заминале тие  за кои мислев дека ќе чекаат на мене во Десау? Ако не сите, тогаш барем само Паул Кле и Василиј Кандински да беа присутни на волшебен начин. Толку бев возбудена затоа што мојата понеделничка колумна овојпат ќе ја пишувам токму во Десау! Во хотелот кој е само 15 минути оддалечен од Гропиус-алејата и од Баухаусштрасе, каде што се наоѓа прочуеното историско здание на уметничката академија, дело на архитектот Валтер Гропиус.

Neues Bauhaus-Museum Dessau
Музејот Баухаус во ДесауФотографија: picture-alliance/dpa/H. Schmidt

Зошто сиот град е празен, се прашувавме со мажот ми? „Затоа што ова се граѓани на Десау", ни одговори младичот на рецепцијата во хотелот. Ни кажа да побрзаме ако сакаме да вечеравме во двата уште отворени ресторани во близината. „А во алејата Гропиус", го прашав. „Таму има ресторани, ама тие се затворени", ми рече. „Ама, нели таму се близу и куќите на професорите на Баухаус", продолжив. „Да, ама таму не може да се јаде. Таму нема ресторани", извика тој. Небаре во мене проговори ликот од мојот роман, Дина Аспрова, која оди на поклонение во Фиренца, и јас посакав да му возвратам: „Ако! Знаете, јас трагам по духовна храна. За мојата глад е доволно да ги видам градбите на Валтер Гропиус во Десау." Зад аголот, во грчкиот ресторан „Ел Греко", на огромната тераса со сино-бели столици  и кичести статуи од гипс на грчките божества, бевме единствените  гости.

Кога тргнавме во потрага по зданието на Баухаус, мракот целосно се спушти врз празните улици. Врз шините на блескаво осветлената стара железничка станица не стоеја возови, ама градбата сепак ме потсети по старата скопска станица. Можеби била градена по урнек на оваа од Десау, си реков.
Во Баухаусштрасе дури и старите вили беа потонати во мрак. „Може овде сите спијат кусо пред полноќ, оти Десау не е Келн", си реков. Освен тоа, Десау го бие глас дека е град на пензионери. Просечната возраст на жителите е над 65, а тие на полноќ спијат. Иако живеат во Баухаусштрасе. „Да живеевме во оваа улица, ти немаше една ноќ да заспиеш. Од возбуда", се шегуваше мажот ми со мојот восхит за Баухаус. Го знае добро, оти уште пред триесет години, во виулица,  три часа талкавме низ гробиштата во Берн, барајќи го гробот на Паул Кле.
Во темницата на Баухаусштрасе здогледавме човечки силуети. Неколку млади луѓе седеа врз една голема бетонска маса пред едно здание. Ги поздравивме и веднаш ги прашавме зошто сиот град е замрен. Нема ниту трамвај, ниту воз, ниту такси. „Затоа што сме во Десау", се насмеа едно момче. „Поради духот на луѓето овде", додаде другиот. „Тој е уште оној на ДДР", потпрашав.„Да", се насмеаја сите. „Тој дух е научен на затвореност и не сака јавност", објаснија тие. „Ние сме од Келн", небаре се оправдавме што ни треба живот и во ноќта. „Ах, тоа е нешто друго", се насмеаја. „Што правите овде", не' прашаа. "Трагаме по зданието на Баухаус. Не можам да ја напишам  мојата колумна за Дојче Веле во Десау, а да не стапнам прво во историскиот простор на Баухаус", им објаснив. „Па тука е тој простор, во улицава е познатото здание. Таму студираме", ми одговори едно момче, со убав лик и долга коса, собрана во самурајско репче на темето. Како да беше излегол од класата на Јоханес Итен. „А што студирате?", ги прашав. „Архитектура", се насмеаја. „За што ќе пишувате", ме праша момчето. „За потрагата по Баухаус во заспаниот Десау. За средбата со вас, денешните студенти на Баухаус! И за сенките на Паул Кле, Василиј Кандински и Валтер Гропиус. Тие се тука, со нас", им реков, а студентите тивко потврдија.

BG Reportage Bauhaus Dessau
Фотографија: DW/S. Oelze

Кога пет минути подоцна стигнавме пред прочуеното здание на Баухаус, ми се причини дека е премногу мало, дека мора да биде многу пограндиозно. Сепак, знаев дека се што се случува во оваа ноќ е небаре волшебно. Како во „Сонот на летната ноќ" на Шекспир. Имаше толку многу луѓе околу мене на улиците, пред градбите во Десау! Само што тие беа видливи само за мене. Во хотелската соба  виси плакат со слика на Кандински. Само Паул Кле го нема. Знам, во негов стил, тој се скри некаде, си помислив. Во тој миг од густежот од другата страна на улицата излезе една срна. Не погледна, и пак се скри. „Ја виде ли срната", го прашав мажот ми. „Да, среде град", се зачуди тој."да му раскажеме  некому, нема да ни верува", додаде.

Пред хотелот, во стариот уличен часовник, и времето беше застанато. Безвременост, како кадар од „Диви јагоди" на Ингмар Бергман, си реков. Ми стана јасно дека духот Баухаус не е само во градбите, ниту во улиците на Десау. Тој живееше во творечката констелација која пред еден век ја создадоа гениите на Гропиус, на Кле, на Кандински. А тие се сега насекаде во светот. Затоа што се живи во нивните дела. И во поврзаноста со нив на младите студенти. На сите, кои како и јас,  ја почитуваат уметноста на Баухаус. Само за нив е безвременски жив и насекаде присутен  духот на оној денес невидлив Десау, во кој творел Паул Кле. А што ако и студентите беа само привидение? Можеби зад аголот стоеше и сенката на Кле? А тој, големиот волшебник,  благо се насмевнуваше поради играта што ни ја приреди самиот во заспаниот Десау. Којзнае колку често тој и Кандински талкале по истата мрачна улица, на пат кон куќата во која живееле...
 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.