1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во знакот на маските-традицијата на карневалот

Дојче веле19 февруари 2009

Денеска (19.02.2009) точно во 11 часот и 11 минути започнаа уличните карневали во Рајнската област. Плоштадите и кафулињата низ повеќето градови, како Келн и Диселдорф се преполни со илјадници маскирани лица.

https://p.dw.com/p/GxQU
Жените ја зедоа власта, карневалисти во ДиселдорфФотографија: AP

Со почетокот на уличните карневали карневалската сезона, која традиционално започнува на единаесети единаесети во единаесет часот и единаесет минути, влегува во својата фаза на кулминација. Денешниот ден е познат како „Вајберфастнахт“ и на овој ден жените го имаат главниот збор на карневалот.

Жените денеска упаднаа во многу градски собранија во Рајнската област, каде отсекувајќи им ги вратоврските на мажите, симболично ја презедоа власта од нив. Со овој гест, власта е во рацете на карневалистите до наредната среда, позната како среда - пепелница.

Karneval Weiberfastnacht 2009
Илјадници луѓе заедно во песната и забаватаФотографија: AP

Перачките од Бојл ја „зедоа власта“ во свои раце

Оваа традиција пред 185 години ја започнаа група жени перачки во малото градче Бојл, на брегот на реката Рајна, инаку сегашно предградие на Бон. Им дошло преку глава, додека тие напорно работат нивните мажи да се забавуваат на карневал. Затоа решиле и тие да го кренат гласот и да се приклучат на забавата. Во 1824 година го формирале женското карневалско здружение Бојл, кое постои до денеска.

„Тоа беше прво движење за правата на жените во Рајнската област и со него се искажа вистински револт против угнетувањето од страна на мажите“, вели Еви Цвиблер, претседател на ова здружение. „Во тоа време жените практично немале никакви права, и ова што го направиле овие жени е навистина револуционерно“, нагласува Цвиблер.

Bilder des Kölner Karnevalsmuseums FREI
Карневалот во 1824 година, експонат во Келнскиот музејФотографија: Kölner Karnevalsmuseum

Забава до бескрај

Она што за жените перачки од Бојл беше протест против угнетување и патријархатот, денеска има забавен карактер. Откако тие упаднаа во собранието и го зедоа клучот од градот, што беше симбол на нивната нова сила и слобода, секоја година на Вајберфастнахт, клучот од градот симболично го презема принцезата перачка. Неа претходно ја избира женското карневалско здружение. Со тоа карневалскиот период или овде познат како „петто годишно време“ влегува во својата кулминација. Во упориштата на карневалот, градовите Келн и Диселдорф, на улиците од изутрината се собрани илјадници маскирани и костимирани луѓе кои со гласно одбројување во 11 часот и 11 минути го означија почетокот на завршната, најинтензивна фаза на карневалот. Големите карневалски поворки ќе се одржат в понеделник.