1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во 2019 доаѓа економски потоп?

Хенрик Беме
2 јануари 2019

Секоја година одново истото прашање: Ќе нѐ погоди ли наредната економска криза? Шансите за тоа во 2019 не се лоши. Многу нешта навестуваат бура.

https://p.dw.com/p/3Aqx3
F1 Grand Prix von Belgien
Фотографија: Reuters/F. Lenoir

Пророците на пропаста по правило имаат лесна работа: само од година во година треба да предвидуваат најцрни сценарија и потоа, кога навистина ќе почне хаосот, да кажат: „Ете, нели ви рековме?!“ Така настапуваат секаде, шират паника, продаваат бестселери кои самите ги пишувале и на лековерните им нудат свои инвестициски фондови, ако ги имаат, како сигурно вложување. 

Но ако се погледне актуелната состојба на светската економија, дури и највоздржаните меѓу нив би можеле да дојдат до заклучок дека економскиот потоп доаѓа во текот на 2019 година. Нерешени проблеми има насекаде. Хаотичниот Брегзит, италијанските популисти на власт, трговската војна меѓу САД и Кина...Кога и да се појави пламенче надеж, се наоѓа некој да го изгасне.  

Тешко може да се каже каде наредната рецесија би ја одвела Европа. Чуварите на заедничката валута во Европската централна банка ја потрошија муницијата, заспаа во замката на својот претседател Марио Драги и неговата политика на ниски или непостоечки камати. Инертноста на Драги го израмни теренот за следната криза.

Треба да се начулат ушите кога најголемиот светски управувач со недвижности Блекрок ги предупредува клиентите да не вложуваат на европските берзи. Преголеми се ризиците, премали шансите за нов раст. Треба да се биде загрижен кога инвеститорите итаат да вложат во американски државни обврзници, бидејќи тие наводно гарантираат добивка. Сигнал на предупредување е кога обврзниците со пократок рок на отплата ќе станат попопуларни од оние со долг рок. Тоа речиси секогаш е предзнак за пад на економијата.

Најголема загриженост би требало да предизвикува светскиот рид од долгови. Тој порасна за 42 насто во споредба со 2007 година - кога започна претходната криза - и сега изнесува непоимливи 237 билиони долари. Јасно, централните банки од почетокот на таа криза ги преплавија финансиските пазари со пари и така со позајмени пари масовно се гради и се купува или пак се шпекулира со акции. Инвеститорите само на Волстрит имаат минус од 670 милијарди долари - шпекулураат со позајмени пари. Тоа е темпирана бомба.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме, автор на коментарот

Светот денес е позадолжен отколку пред финансиската криза и тоа со 225 до 245 насто (проценките се различни) од годишниот глобален брутодомашен производ. За да можеме да ги сфатиме тие бројки, треба да потсетиме дека, да речеме, во еврозоната веќе на 60 насто се палат црвените сијалички. Светските долгови растат побрзо од економиите. Сиот тој убав економски раст од претходните неколку години, всушност, дојде од печатниците за пари.

Ако тој меур се распрсне - а ќе биде така кога-тогаш - ќе можат да се радуваат само оние кои веќе се офајдиле. Сите останати нека го врзат сигурносниот појас! Бидејќи јасно е дека високозадолжените држави веќе нема да можат да сковаат спасувачки пакети вредни милијарди за своите економии. А централните банкари, кои, како Марио Драги, одамна ги намалија каматите на нула, веќе нема да можат да ги намалат за да го поттикнат растот.

Бурата доаѓа, а  настрешниците се трошни. Ќе тргне од САД, кога ќе попушти дејството на Трамповите даночни подароци, а потоа ќе се надвисне и над Европа. Американците ќе платат висока цена, бидејќи се задолжуваат како да ќе нема утре. Европејците ќе мораа да страдаат, бидејќи беа анастезирани со солиден економски развој во претходните години, но не ги зацврстија своите настрешници. 

А дали овој огромен потоп ќе дојде токму во 2019 година? Кога точно, во која недела, во кој ден? Е, за тоа прашајте ги пророците на пропаста, тие сигурно веќе знаат.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58