Владата на Тунис манифестира готовност на отстапки
12 јануари 2011Младите почнаа мирно да протестираат пред зданието на синдикатите, но полицијата им го попречи натамошниот пат низ градот. Тие и овој пат извикуваа пароли против владата во знак на протест поради големата стапка на невработеност.
Во меѓувреме Претседателот на Тунис, Зине ал-Абидин Бен Али, го разреши од функцијата министерот за внатрешни работи Рафик Белај Качем и нареди пуштање на слобода на приведените во бранот немири што ја зафати земјата. Новиот министер за внатрешни работи, Ахмед Фриа, претходно беше задолжен за ресорот за млади. Низ главниот град денеска се распоредени воени сили поради судирите меѓу младите и полицијата, кои синоќа избувнаа во едно предградие на градот Тунис.
Протести во повеќе места
Нереди со жртви и повредени имаше и во другите делови на земјата. Така на југот на Тунис, во градот Дуз полицијата застрела двајца демонстранти. Вести за демонстрации пристигаат и од пристанишниот град Сфакс. Бројките за вкупниот број жртви во безредијата се разликуваат. Додека владата тврди дека настрадало 21 лице, синдикатите информираат за најмалку 50 жртви.
Со оглед на протестите владата денеска за прват сигнализираше подготвеност на компромис. Покрај ослободувањето на сите упасени од почетокот на протестите и смената на министерот за внатрешни работи, владата најави формирање комисија, чија задача ќе биде да ги расветли случаите на корупција на кои укажуваат опозицијата и поборниците на граѓанските права.
И во соседен Алжир има жртви во демонстрациите. Невработеноста, растечките цени на прехранбените производи и немањето животна перспектива, но и економската нееднаквост и политичките репресии ги тераат на улица младите од двете земји на Магреб.
Автор: ГЧ/АТ/дпа/афп
Редактор: Горан Чутаноски