1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата на Груевски се рекламирала со 38 милиони евра

БГ
24 септември 2017

За седум години, минатата влада потрошила милиони евра за неколку кампањи. Парите претежно завршувале на сметките на неколку телевизии со национална концесија, соопшти владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

https://p.dw.com/p/2kbaM
Bildergalerie Kumanovo Kämpfe Nachklapp
Фотографија: picture alliance/epa/N. Batev

Владата на ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2008 до 2015 година потрошила 38 милиони евра буџетски пари на кампањи. Најголемиот дел од парите за кампањите како „Имај трето дете“, „Истражи ја Македонија“ или  „Против абортус“ завршиле на сметките на телевизии со национална концесија. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција одби да ги открие имињата на телевизиите кои добивале пари од владата. Притоа, за три години: 2006, 2007 и 2016 нема податоци бидејќи, според Бошњаковски, не постои документација за нив.

Владиниот портпарол тврди дека парите биле селективно трошени во неколку телевизии. Само една телевизија во овој период добила околу 7 милиони евра државни пари. Се финансирале и некои регионални телевизии кои добивале нешто поскромни суми, во просек, по околу 15 илјади евра.

Од поранешната влада профитирале и маркетинг агенции и некои истражувачки институти. Неколку маркетинг агенции, како што тврди Бошњаковски, блиски до владата добиле 15 милиони евра од буџетот, а за истражување на јавно мислење биле издвоени 200 илјади евра.

Logo Macedonina timeless
Лого од владината кампања „Macedonia Timeless“Фотографија: DW

Во реакција на прес-конференцијата на владиниот портпарол, од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека „јавните кампањи биле едукативни и информативни“ и донеле резултати за државата, меѓудругото: „нови странски инвестиции, подобрен имиџ на државата, зголемен број на туристи и зголемен број на патници“.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека сѐ било по закон и сите средства биле распределни според прецизна методологија.

Владата нема донесено одлука дали ќе започне судска постапка против членови на поранешната влада поради контроверзните договори.

Рекламирањето на владата на ВМРО-ДПМНЕ во медиумите во десетгодишното владеење честопати беше критикувано, а се споменуваше и во извештаите на Европската комисија и на други релевантни меѓународни институции како форма на притисок и контрола врз медиумите во Македонија. Претходната влада долго одбиваше да открие колку пари троши на реклами, по кој критериум и на кои медиуми им ги распределува парите од буџетот.