1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Илич: Мојот стендап зборува за суштинското на смешен начин

Ана Арсеновска-Зафирова
2 јануари 2021

Изведува стендап на четири јазици и неговиот неодамнешен настап на Би-Би-Си му го обезбеди статусот на „ѕвезда“ во најава - македонскиот актер Влад Илич е седум години стендап комичар во светот.

https://p.dw.com/p/3nRT5
Vlad Ilich | Comedian
Настап и победа на Влад Илич на „Comedy store“Фотографија: Privat

Македонскиот актер Влад Илич веќе седум години ја гради својата кариера како стендап комичар. По актерските студии на Малта, се сели во Лондон, каде во сериозна конкуренција ги освојува наградите „Stand Up Club’s New Comic of the Year“ и „Max Turner Prize“ на Comedy Virgins и влегува во елитата на лондонски комичари кои се посакувани на корпоративните или клупски забави. Изведува стендап на четири јазици и неговиот неодамнешен настап на Би-Би-Си му го обезбеди статусот на „ѕвезда“ во најава. Тој не замина во Авганистан како многу кумановци, но ако не стане популарен, вели дека Авганистан не му бега.

ДВ: Малкумина актери се посветени на комедијата како ти, затоа - како Влад стана комичар?

Влад Илич: За мене комедијата претставува една уметничка форма, која има еден голем човечки елемент кој многу добро се справува со сегашното време. За мене комедијата живее во сегашноста. А кога ја открив стендап комедијата, сфатив дека тоа е единствен начин на кој можам да се изразам, на еден нецензуриран начин. И кога го започнав тоа патување пред три години, сфатив дека тоа е патувањето кое ќе ме носи понатаму во мојата кариера.

Врвот на твојата досегашната кариера го доживуваш токму во Лондон. Кого сé требаше да познаваш за да го добиеш настапот и твојата промоција на Би-Би-Си?

Лондон е интензивно место, место кое ќе те предизвика и на лично и на професионално ниво. Во стендапот постои концепт кој што се вика „Open mic nights“ или отворени вечери, каде што секој може да оди и да настапува каде било во Лондон, бидејќи има преку 300 аматерски и професионални клубови во градот, така што може да се настапува секоја вечер. Мојата лондонска кариера започна таму со настапи на англиски. Тоа е еден друг свет целосно, кога настапуваш на друг јазик, бидејќи мора многу добро да ја познаваш културата. Јас првата година, ексклузивно се занимавав со студирање на културата и со наоѓање начин да се доближам до сензибилитетот на англиската публика. По една година од тоа мое културолошко истражување, во втората година се пуштив од моите сопирачки и почнав да настапувам. Во 2019 година имав над 180 настапи и на крајот на таа година влегов на натпревар во еден познат клуб за комедија, се вбројува меѓу најстарите во Лондон „Up the creek" и победив на тој натпревар, бев забележан од еден талент агент, кој што и ден денес ми е менаџер и ми ги отвори вратите за Би-Би-Си.

Vlad Ilich | Comedian
Од настапот на Влад Илич на Би-Би-Си

Како актер, имаш вештини да го урнеш четвртиот ѕид или да ја добиеш публиката на своја страна. Во стендапот тоа значи постојано комуникација со неа, за тој да има смисла. Кои трикови те направија така успешен?

Првиот трик се појави многу пред мојата наобразба, тоа е нешто што дури не се ни учи, нешто е животно искуство. Јас ги започнав своите први стапки во аматерските драмски кругови во Куманово и затоа сум вечно благодарен на моите родители кои секогаш ме туркаа во таа рамка. Благодарен сум и на Кети Дончевска и на Горан Илиќ, кои постојано ме ангажираа за проекти во кумановскиот театар, така што уште од мал, гледајќи ги другите на сцена, го развив чувството за сцена. И прв трик кој би го посочил е да развиеш спонтаност, природност и љубов за сцената.

Голем дел од алатките за придобивање на публиката е да сфатиш дека публиката е на твоја страна дури и кога не е на твоја страна. Секој еден од публиката е таму за да се насмее, никој не е таму за да биде намуртен и да те осуди. Тоа се стравовите кој секој комичар ги носи во својата глава. Инаку првите 50 настапи на секој комичар се горе – долу, додека се најде тој баланс. Е, во балансот има шест до седум елементи. Прво е таа природност на сцената, потоа е импровизацијата, има тајминг, потоа колку си јасен, односно колку ти е развиен концептот. Во една езотерична смисла, најважното е дека мора да заборавите сé што се случува зад сцената, светот надвор не постои, постои само логиката и животот којшто го создавате на сцена. Така што, во моментот кога ќе излезете, треба да изградите еден свет кој ќе е поинаков за публиката и мора да верувате и да останете во тој свет од почетокот до крајот на настапот.

„Ако не станам популарен, ветувам, ќе одам во Авганистан“

Дали тоа се работите кои ги практикуваш безусловно на секој твој настап? Што е клучно твоето шоу да биде добро?

Секоја публика си има свој сензибилитет и секогаш мора да постои едно читање на собата. На секој настап комичарот не доаѓа точно кога му е времето за настап на сцената, туку тој е таму за време на целиот настан за да ја види публиката на која и' се обраќа. Стендапот колку што е интересна форма, толку е и непредвидлива, мора да се движите по истото темпо по кое и публиката се движи, инаку ќе се чувствува некој изолирано - или вие, или таа. Во основа, успешноста на настапот потекнува од вашето познавање на човечката природа.

Балканската приказна или имигрантската тема те вивна меѓу стендап комичарите. Дали секогаш такви теми добро функционираат?

Приказната за имигрант повеќе е како чувство кое го носев во себе и затоа решив да зборувам за тоа. Не го чувствував толку на Малта, колку што го чувствував во Лондон, можеби и бидејќи тука се смени целата ситуација и поглед кон сите странци кои доаѓаат тука во една политички наелектризирана ситуација. Поради големите промени кои што се случуваат, и излезот на Британија од ЕУ, се смени и погледот, и постојано лебди прашањето - кои се овие нови луѓе што доаѓаат, особено од Источна Европа. И затоа сакав да зборувам за тој аспект, во првите две години тоа беше голем дел од мене, тоа го чувствував и го пренесував на сцената. Сега веќе зборувам повеќе и за други теми, но не зборувам за работи за кои не верувам дека не се суштински, не сакам да го трошам времето, ниту на публиката ниту своето. Секако, главната цел е публиката да се забавува, затоа предизвикот е како да зборуваме за суштински работи, а во исто време и да ги насмееме.

Vlad Ilich | Comedian
Семејството Илиќ на МалтаФотографија: Privat

Ова е година на пандемија, која сите сакаме да ја заборавиме, но во твојот случај се покажа како клучна во твојата кариера.

Навистина годинава е уникатна по своите предизвици. Годинава патувањето со стендапот дојде до своите плодови, а се' почна ненамерно. Имав неколку стендапи во Куманово, но вистински тој почна да се случува на Малта, кога ме викна еден колега да настапам и почна да се развива таа верба, љубов и посветеност. Годинава настапите ми се случуваат на Зум, Скајп, на Фејсбук, на Јутјуб во живо, снимам настапи кои потоа ги продавам. Пандемијава ми остави малку време и за пишување.

Како да му се даде забавна нота на секојдневието во пандемијата?

Знаете, клучна работа е да не се почувствувате дека секој ден е ист. Ако се фокусираш на тоа дека постои пандемија и вирусот е таму, особено кога во медиумите информациите се тие, тогаш не е добро. Мора да направите некоја отстапка и секогаш да се движите кон доброто. Јас во моментот кога ќе се почувствувам дека е малку тешко и дека сум изолиран и не е доволно тоа што зборувам со моето семејство на телефон бидејќи не можам да ги видам за Божик, тогаш правам други работи. Започнав да трчам за фондацијата „Мегис“, која им помага на луѓето болни од рак кои се во момент на примање терапија и за кратко време, до сега успеав да соберам 300 фунти. 

Каде го гледаш својот пат, особено што веќе си етаблиран комичар во Лондон?

Мило ми е што сум тука, и што продолжив да се борам за она што го сакам. Годинава што следи ќе биде многу интересна. Дури започнав еден проект за кој не смеам да зборувам. Многу би сакал да настапувам на „Live at the Apollo“ во Хамесмит Апало театарот, тоа е голем предизвик за мене, бидејќи новите комичари како мене таму би добиле 15 минути настап пред 4000 публика. Исто така, би сакал да го градам мојот комеди клуб кој го отворив минатата година, но чии што врати мораа да се затворат, а би сакал повторно да го почнам тоа и да му се посветам целосно.

Ти си од оние Кумановци кои не отидоа за Авганистан, туку го одбра Лондон.

Ако не станам популарен, ветувам, ќе одам во Авганистан :-)