1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Вистинската „Дамин гамбит“: Јудит Полгар

Феликс Шлагвајн
12 декември 2020

Серијата на Нетфликс „Дамин гамбит” стана мега-популарна. Приказната за Бет Хармон е фикција, но Унгарката Јудит Полгар била такво чудо од дете.

https://p.dw.com/p/3mbwP
Judit Polgar | ehemalige Schachgroßmeisterin
Фотографија: Judit Polgar Foundation

Кој сака помпа и перчење, нему местото дефинитивно не му е во шахот. Последното светско првенство се одржа во просториите на поранешно уметничко училиште во Лондон. Претходното во реновиран рибен пазар во Њујорк. Со децении шахот важеше за маргинален спорт за „мозоци“, во медиумите и културата речиси и да го немаше.

Но, тоа сега изгледа се менува. Серијата „Дамин гамбит” (или Дамски гамбит - шаховско отворање кое е едно од најстарите познати отворања, н.з.) на Нетфликс ги урива сите рекорди. Приказната за младото американско девојче сирак Бет Хармон (Ања Тејлор Џој), која го превртува на глава светот на шахот , во кој доминираат мажи, допре милиони гледачи.

Со недели во светот се случува бум на шахот. Притоа бајковитиот успех на Бет Хармон не е ништо повеќе од фикција од перото на американскиот писател Волтер Тревис, врз чијшто истоимен роман од 1983 година се базира серијата. Реалноста е поинаква: само една единствена жена е моментално на светската шах ранглиста на најдобри 100. Ниту една жена не успеала да стане светски првак.

Но, тие постојат, женски таленти за шах кои на шаховското поле им покажуваат на мажите каде им е местото. Речиси до врвот стасала само една: Унгарката Јудит Полгар. Како 11-годишна за првпат победила велемајстор во шах, со 15 и самата ја стекнала таа титула и тоа како најмлада досега. Подоцна стасала до осмо место на светската ранглиста. Со тоа до денес е најуспешната жена шахист на сите времиња.

Во 2014 Полгар се повлекла од турнирите. Денес оваа 44-годишната жена ретко игра шах, но  црно-белото поле и натаму и' го обележува животот. Таа ја тренира машката унгарска репрезентација, коментира големи турнири и има развиено сопствена шах програма за ученици.

Judit Polgar | ehemalige Schachgroßmeisterin
Јудит Полгар и Веселин Топалов на шаховски турнир во Билбао, 2006 годинаФотографија: Alfredo Aldai/dpa/picture alliance

Сексизмот во „Дамин гамбит” речиси и да не е тема

„Кога ја гледав серијата, имав неколку дежаву моменти", вели Јудит Полгар во разговор со ДВ. Говорот на тело, движењата, па дури и некои потези во „Дамин гамбит” биле реални. Но, серијата премалку се осврнува на темните страни од женското присуство во светот на шахот, смета Полгар. Мажите, амбициозната Бет Хармон ја третираат со респект и признание - и сосема без сексистички коментари. „Во реалноста е многу потешко за жените во тој свет”, вели Полгар.

Нејзините противници мажи често не можеле да си признаат дека изгубиле од жена. Коментари како „ти си прилично добра како за девојче” и изговори од типот „имав лош ден” слушала постојано. Некои противници по поразот заминувале без да и' подадат рака, како што е вообичаено во шахот.

Дури и денес, мажите професионални шахисти се убедени дека жените едноставно не се во состојба да бидат во чекор со мажите. Американското чудо од дете во шах, Боби Фишер ги сметаше жените во 1970-те  за премногу „слаби“ и „глупави“ за шах. И долгогодишниот руски шах-мајстор Гари Каспаров во 1989 година изјави: „Шахот навистина не им одговара на жените. Жените се послаби борци“. Каспаров, кој беше вклучен во продукцијата на серијата „Дамин гамбит“ како професионален советник, во меѓувреме ја повлече изјавата.

Judit Polgar | ehemalige Schachgroßmeisterin | im Spiel mit Gari Kasparow
Во 2001 година Јудит Полгар играше против Гари КаспаровФотографија: Enrique Alonso/dpa/picture alliance

Сепак, ваквите уверувања и ставови сѐ уште се широко раширени во шаховскиот свет. Јудит Полгар смета дека тоа е глупост. „Јас успеав, зошто да не може да успеат и други жени?“, прашува таа. Смета дека родовата нерамномерност се должи на фактот дека во раната младост помалку се поттикнуваат девојчињата отколку момчињата.

Сестрите Полгар - успешен „експеримент“

Сосема поинаку било кај Полгарови. Јудит и нејзините постари сестри, Суза и Софија, уште од мали добивале огромна поддршка од татко им. Ласло Полгар бил убеден дека со неговите методи од секое дете може да стане „вундеркинд“. На своите ќерки им држел настава дома, отфрлајќи го системот на јавно школство. Трите девојчиња особено добро научиле шах. Нивниот татко верувал дека тоа најмногу придонесува кон развој на интелигенцијата. За Јудит и сестрите тоа значело по седум часа дневно шах. Речиси и да немале пријатели. Но, тоа за нив никогаш не претставувало проблем, вели Полгар. Сестрите и уште едно, две деца кои ги познавала од шах биле доволно „вистински пријатели“ за неа.

Judit Polgar | ehemalige Schachgroßmeisterin
Шах по седум часа дневно: Јудит Полгар во октомври 1991 годинаФотографија: dpa/picture alliance

Она што татко и' го нарекуваше „експеримент“, а таа „специјален животен стил“, во секој случај е успешен: не само Јудит, туку и нејзините сестри станаа светски познати шахистки. „До овде можев да стасам бидејќи моите родители имаа високи очекувања од мене и ме поддржуваа, без оглед на полот,“ вели Јудит Полгар денес. Таа, сепак, нема да го спроведе „експериментот“ на нејзините деца. Тие учат во меѓународно училиште во Будимпешта.

Шах како дел од наставната програма во основно училиште

Но, таа е убедена дека шахот игра важна улога во образованието на децата. Во изминатите пет години Полгар напиша два учебника и разви тренинг програма за претшколска и школска возраст. Преку шахот треба да се научат вештини „за животот“: креативност, логично размислување, одговорност, но и математика и читање. „Се разбира дека не правиме разлика меѓу момчиња и девојчиња,“ потврдува Полгар.

Judit Polgar | ehemalige Schachgroßmeisterin
Јудит Полгар игра симултано против 50 шахисти (27.10.1989, Луцерн, Швајцарија)Фотографија: Keystone/dpa/picture alliance

Нејзината програма во меѓувреме е ставена во националниот курикулум на унгарските основни училишта. Во нејзиниот роден град Будимпешта во 2024 ќе се одржи Шаховска олимпијада. Таа веќе има свој фаворит за турнирот – младата талентирана Унгарка, Ката Карашоњи. На светската ранг листа на млади ова 14-годишно девојче е на прво место. По успехот на серијата „Дамин гамбит“, не е исклучено дека наскоро на светските листи може да има наплив од повеќе талентирани девојчиња.