1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој е Вес Мичел, човекот кој ја наследи Нуланд?

2 октомври 2017

Вес Мичел нема искуство во дипломатијата, а доаѓа од местото претседател на Центарот за европски политички студии во Вашингтон

https://p.dw.com/p/2l4wm
USA Washington A. Wess Mitchell
Вес Мичел е жесток противник на политиката на Русија во регионотФотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Brandon

Посветениот атлантист и досегашен претседател на Центарот за европски политички анализи (ЦЕПА) од Вашингтон, Вес Мичел, е именуван за помошник државен секретар за европски и евроазиски работи во Стејт депарментот. Неговото именување во американскиот Сенат во петокот беше едногласно. Вес Мичел во вашингтонските кругови важи за жесток критичар на ширењето на влијанието на Русија кон Централна Европа и Балканот. Конфирмацијата во Сенатот би можело да се каже дека беше во пакет за нова политика кон Русија, заедно со именувањето на новиот американски амбасадор во Москва, поранешниот гувернер на Јута, Јон Хантсман, и на новиот амбасадор во Авганистан, Џон Бас.

Мичел, кој досега нема никакво искуство во дипломатијата, доаѓа на местото на Викторија Нуланд, која поднесе оставка на 20 јануари 2017, со стапувањето на власт на администрацијата на Доналд Трамп. Тој беше предлог на Трамп уште од јули годинава, но поради долгиот процес на именување во Сенатот оваа позиција многу важна за Балканот, беше испразнета, а неа привремено ја вршеше заменикот-помошник Хојт Брајан Ји. Од таквото место Хојт Ји го имаше капацитетот да изврши клучно влијание во разрешувањето на длабоките политички кризи во Македонија и Албанија.

Mazedonien Hoyt Brian Yee zu Besuch in Skopje
Хојт Брајан ЈиФотографија: MIA/Photo Service

Политиката на институтот ЦЕПА (кој има канцеларија и во Варшава, Полска) го одредува правецот по кој веројатно ќе се движи Вес Мичел. Мисијата на Центарот за европски политички анализи, основан во 2005 година, е „да промовира економски енергична, стратегиски безбедна и политички слободна Централна и Источна Европа со тесни и трајни врски со САД“. Овој институт со длабоки врски со републиканците во својата работа, се наведува во неговиот опис, се фокусира на прашања од Балтикот, Вишеградската група, Западниот Балкан, „Источното соседство“ и Русија, како и регионот на Црното Море. Меѓу неговите истакнати членови е и добро познатиот аналитичар на настаните во регионот, Јануш Бугајски.

Редовниот годишен форум на ЦЕПА, одржан минатата недела во Вашингтон, беше фокусиран на „Зачувувањето на атлантизмот во времето на промени“. Тоа беше најголем собир на функционери, експерти и лидери од Централна Европа одржан во САД, меѓу кои беа и повеќемина министри за надворешни работи.

Кој е Вес Мичел, новајлијата во американската дипломатија? Мичел верува дека владите на Русија, Кина и Иран сакаат да ја предизвикаат американската моќ преку грицкање на малите држави. Во 2012 година беше дел од тимот на претседателскиот кандидат Мит Ромни, задолжен за надворешната политика во можниот транзициски тим. Во 2015 година успеа да издејствува договор со Пентагон за да се изготви студија со која се поддржува движењето на трупите на НАТО поблиску до Русија, за да се заштитат Полска, Летонија, Литванија и Естонија. Оваа анализа годинава доби и своја имплементација со испраќањето на војските на НАТО во балтичките земји за да се испрати знак за предупредување на Русија. Пораката на Вес Мичел до администрацијата десетина години наназад е едноставна – да се направи НАТО повторно голем.

USA Victoria Nuland
Викторија Нуланд поднесе оставка во јануари, со стапувањето на власт на администрацијата на Доналд ТрампФотографија: picture-alliance/dpa

Овој огнен поддржувач на НАТО може да одигра сериозна улога во македонските аспирации за членство во Алијансата. Вес Мичел можеби го нема долгогодишното дипломатско искуство на Викторија Нуланд, но неговата стручност за трансатлантските итеграции го прави соодветен за предизвиците што ги има регионот. Особено околу руското мешање (директно или прикриено) во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Мичел е одлично образован, има дипломи од Тех универзитетот во Тексас, од Школата за дипломатија на универзитетот Џорџтаун во Вашингтон и од неодамна докторска титула на Слободниот универзитет во Берлин. Познат е неговиот тврд став спрема Русија, која ја нарече „ревизионистичка земја“.

Многу експерти веруваа дека долгото непополнување на местото за наследник на Нуланд беше обид на администрацијата на Трамп да ги подобри односите со Русија, како што тој го најавуваше тоа за време на кампањата. Откако односите на Вашингтон и Москва неочекувано се спуштија на најдолно можно ниво од крајот на студената војна, Мичел конечно беше именуван на фонот на оваа остра реторика кон Русија. Викторија Нуланд имаше силно влијание во администрацијата на Обама во конципирањето на американската политика спрема Русија и - за Македонија особено важно - кон Западен Балкан. Сега кога ни самиот Рекс Тилерсон го нема влијанието во Белата куќа што вообичаено го има еден државен секретар, прашање е како ќе дејствува и Вес Мичел. Но ако се погледне улогата што ја одигра Хојт Ји во разрешувањето на кризата во Македонија, јасно е дека Стејт департментот, и покрај промените во Белата куќа, не отстапува од стратешкиот интерес за овој регион и негово вклучување во евроатлантската заедница. А Македонија и нема друг интерес освен тој.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар