1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Венецуела и можноста од судир поради хуманитарната криза

Хозе Оспина-Валенсија
6 февруари 2019

Николас Мадуро негира дека во земјата владее криза. Хуан Гуаидо пак бара меѓународна помош и ја става армијата во тешка дилема.

https://p.dw.com/p/3CoTo
Krise in Venezuela
Животни намирници има малку и нередовноФотографија: picture-alliance/R. Pena

Николас Мадуро и Хуан Гуаидо се борат за превласт во Венецуела. Гуаидо ја има поддршката на САД и голем број европски држави, додека Мадуро на своја страна ги има Русија и Кина, како и наклонетоста на венецуелската армија.

Судирот околу власта во земјата сега би можел да се одрази на неопходната хуманитарна помош за земјата која е во тешка криза. Снабдувањето со животни намирници и медицинската нега во Венецуела се катастрофални.

„Освен тоа што во Венецуела е многу тешко редовното снабдување со животни намирници, најмногу ме шокира тоталниот распад на државните болници“, вели за ДВ економистот Пабло Рафаел Гонзалес. „Минуваме низ огромна хуманитарна криза во Венецуела, која, меѓу другото, води до тоа да нема лекови, затоа што националната фармацевтска индустрија беше уништена уште во времето на Хуго Чавез. Медицински персонал и негуватели одвај дека можат да се најдат, затоа што најголемиот дел од нив ја напуштија земјата, а со нив и повеќе од три милиони бегалци.“

„Иако сѐ уште има болници кои работат, луѓето немаат пари за да платат лекарски третман. Зашто со шест долари, колку што изнесува минималната плата во домашната валута боливар, одвај да може да се купи килограм сирење“, објаснува Гонзалес.

Галопирачка инфлација во Венецуела

Во интервју за шпанската телевизија ЛаСекста претседателот Николас Мадуро оваа недела беше прашан дали е одговорен за хуманитарната криза во својата земја. Одговорот на Мадуро гласеше: „Во Венецуела нема хуманитарна криза. Многу луѓе се излажани во врска со ова.“

Хуан Гуаидо бара хуманитарна помош

Наспроти ваквата изјава на Мадуро, истражување спроведено од страна на повеќе венцуелски универзитети покажа дека 64% од испитаниците во 2017 година загубиле по 11 килограми од својата телесна тежина поради недоволен пристап до животни намирници. Обединетите Нации проценуваат дека од Венецуела поради недоволно животни намирници избегале околу 3,5 милиони луѓе.

Venezuela Krise | Präsident Nicolas Maduro in Caracas
Николас Мадуро тврди дека во Венецуела нема хуманитарна кризаФотографија: Reuters/Miraflores Palace

Меѓутоа, ако се признае дека има хуманитарна криза, тоа би значело потфрлање на владата на Мадуро. Од друга страна, ниту една земја и ниту една меѓународна организација не може да доставува помош во земја чија влада тоа не го прифаќа или не го барала. Но, сега преодниот венецуелски претседател Хуан Гуаидо побара меѓународна помош:

Venezuela Juan Guaido, Oppositionsführer & Interimspräsident in Caracas
Преодниот венецуелски претседател Хуан Гуаидо побара меѓународна помошФотографија: Reuters/C.G. Rawlins

„На преодниот претседател @jguaido му потврдив дека Кукута (колумбиски пограничен град) ќе биде еден од собирните центри за хуманитарна помош за Венецуела. Ќе имаме хуманитарна помош, лекови, животни намирници и сѐ друго што ѝ е неопхдоно на нашата братска соседна земја“, напиша колумбискиот претседател Иван Дуке на Твитер.

Набљудувачите сметаат дека ветената помош од странство е калкулиран шаховски потег. „Стратегијата на државите од т.н. Лима-група, во која се 13 јужноамерикански држави и Канада, како и САД, е паметна и има двојна цел“, вели Роберто Кахамарка, поранешен колумбиски дипломат во Венецуела. Тој за ДВ уште додава: „Во прва линија, намерата е да им се помогне на луѓето кои се во акутна животна опасност, пациенти на кои им е неопхдона дијализа, приматели на трансплантации кои немаат доволно имуносупресори или луѓе кои се изгладнети, а меѓу кои има околу 200.000 деца.“

Повеќе:

Признавањето на Гуаидо не менува многу

Во Венецуела не е можна воена диктатура

Фотографија на денот: Празните супермаркети во Венецуела

Да се дозволи помош или не?

Но, со ваквата итна помош, се прави и обид истовремено да се изврши притисок врз венецуелските вооружени сили, нагласува Кахамарка. „Ако венецуелската армиај дозволи влез на помошта, тоа ќе значи непослушност кон наредбите на претседателот Мадуро. А, ако влез на помошта не се дозволи, армијата мора да објаснува зошто не дозволува итно неопходна помош за населението.“

Kolumbien Grenzstadt Cucuta
Кукута - граничен премин помеѓу Колумбија и ВенецуелаФотографија: DW/T. Käufer

Дали судирот околу хуманитарната помош може да доведе до поголеми проблеми? Кахамарка смета дека е можно да дојде до крах во венецуелските сили, а во најлош случај се можни и вооружени судири на границата во моментот кога ќе пристигнат лековите и животните намирници.

Затоа, според него, е подобро да се вклучат меѓународни невладини органзиации како Каритас и Црвениот крст, за распределбата на пратките да им се довери на стручњаци, а не тоа да им биде препуштено на војници. Жанет Маркез, директорка на Каритас Венецуела, од венецуелските власти веќе побара да не спречуваат влез на хуманитарна помош.