1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Велигден: Симбол на животот, љубовта и обединувањето

15 април 2017

Кај уверените православни верници поголема е свеста за пораката на воскресението - љубов и обединување меѓу луѓето. МПЦ има клучна улога таа порака поефективно да стигне до сите, велат социолози

https://p.dw.com/p/2bGdk
Ostern in Mazedonien
Фотографија: MIA

Крајно време е луѓето да се свртат кон Бога, кон вистината, љубовта и правдата, бидејќи, за жал, на сите страни од светот се случуваат меѓучовечки и меѓуетнички недоразбирања и судири, рече поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија г.г. Стефан, во посланието по повод велигденските празници.

„Поделбите на економски, политички, па и на верски план, го преплавија светот, па во тој потоп од омраза и злоба - војните и тероризмот станаа секојдневие. Непријателството меѓу луѓето го достигнува својот врв, и сведоци сме на најстрашни страдања на невини луѓе, па и на цели народи. Доброто, љубовта и вистината се потиснати од злото, користољубието и омразата. Крајно време е луѓето да се свртат и да се вратат кон Бога, кон вистината, љубовта и правдата, зашто само воскреснатиот Христос е спасоносниот лек против сите страдања, и единствениот пат, вистина и живот“, порача поглаварот на МПЦ.

Das Oberhaupt der mazedonischen orthodoxen Kirche G.G. Stefan
Поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан на велигденска богослужба, архиваФотографија: MIA

Уверени и традиционални верници

Стигнуваат ли овие пораки до граѓаните? Дали ги прифаќаат, дали кај нив предизвикуваат потреба од преиспитување на сопствените постапки, грешки и  морални принципи?

„Воскресението е израз на безмерно човекољубие и треба да се одрази со љубов меѓу луѓето“, вели професорот по социологија на религии, Зоран Матевски.

„Се радувам што во црквите и манастирите е многу присутна проповедта која повикува на обединување, а не на разединување. Таа има и општо-интегративна и етичка функција. Кога ги анкетираме уверените верници, добиваме јасна потврда дека тие ги целосно ги восприемаат овие пораки и ги практикуваат во нивното секојдневие. При истражувањата согледуваме дека кај нив е висока приврзаноста кон моралните вредности и висок процентот на толерантност“, објаснува Матевски.

Во изминативе години, од 20 на 30 отсто пораснал процентот на уверени православни верници во Македонија. Тоа е категорија на граѓани кои редовно одат на литургија и ги извршуваат сите религиски ритуали - пост, исповед, евхаристија... Атеисти има од 7 до 10 отсто, а најголемото мнозинство од 60 отсто го претставуваат т.н. традиционални верници. Во регионот, по Бугарија, Македонија е втора според високиот процент на традиционални верници. Тие религијата ја врзуваат исклучиво за обичаите и културните традиции, во црква најчесто одат само на Божик и Велигден и не се редовно присутни на литургиите.  

,,Традиционалните верници не слушаат редовно проповед и кај нив не допира со таков висок интензитет идејата за љубов и обединување. Последица од тоа е што кај нив е повидлива поделбата, најактуелно, според политичка определба“, вели Матевски. Тој потенцира дека за зголемувањето на бројот на уверени верници клучна е улогата на МПЦ и на Комисијата за односи меѓу верските заедници и религиозни групи.

Морална трансформација

Но, некои владици од Синодот на МПЦ во изминатиов период даваа изјави, во кои наместо пораки за љубов, доминираа пораки кои религијата ја изедначија со националното, национализмот и одредена политичка определба, а спротивно на проповедта за обединување, ги поделија граѓаните на предавници и шпиуни и - патриоти и бранители. Како Црквата ќе го зачува угледот во однос на вредностите за кои се залага, ако тоа што едни нејзини претставници го градат, други го разградуваат? Според Матевски, секаде каде што има евидентни отстапувања, потребна е морална трансформација.  

„За среќа, најголемиот дел од црковните великодостојници ги испраќаат вистинските пораки. Нивната активност поттикнува и води кон морална транскормација и добро е што тоа, да го наречам  'младо крило' во МПЦ, рефлектира висок морален и верски интегритет“, оценува професорот.

Но, разочарувањето од одредни изјави, постапки или состојби, предизвика и нова појава - т.н. индивидуализација на религијата, карактеристична за интелектуалците. Тие ја читаат Библијата, ја следат верската литература, но многу ретко или воопшто не одат во црква, и на „свој начин“ ја восприемаат религијата и ги извршуваат верските ритуали.

Mazedonien Ostern Kerzen Symbolbild
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Нови трендови

Истражувањата откриваат и некои други промени. Ако до пред 5 до 6 години, со растот на степенот на образование се намалувал процентот на религиозност, сега тој процес има поинаков тренд: со растот на образованието расте и религиозноста, а според Матевски, тој процент особено се зголемува кај студентите. Второ, ако пред дестина години процентот на религиозност бил поголем во руралните средини, истражувањата покажуваат дека тој се повеќе расте во урбаните средини. Она што е генерално важно, а особено во актуелниот миг, е дека религијата не треба да се користи како „штит“ од другиот, различниот.Особено во земји како Македонија, каде со исклучок кај Македонците муслимани, во сите заедници се преклопува етничкиот со религиозниот идентитет. Па, за жал, секогаш кога одредени етнички заедници се чувствуваат загрозени, се хомогенизираат преку религијата. А пораката што ја испраќа воскресението, е дека е потребна љубов и обединување меѓу сите луѓе, без разлика на која нација или вера и припаѓаат.