1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вашингтон: Напаѓач уби полицаец пред Капитол

ЖА
3 април 2021

Три месеци по насилниот упад во Капитол, пред седиштето на американскиот Конгрес се случи инцидент: во двајца полицајци влетал автомобил, при што едниот е убиен, а полицијата го застрелала напаѓачот.

https://p.dw.com/p/3rXrY
USA I Kapitol in Washington abgeriegelt
Фотографија: J. Scott Applewhite/AP/picture alliance

Возачот ја пробил заштитната ограда и удрил во една бариера. Повредените двајца полицајци биле пренесени во болница, при што едниот подлегнал на повредите, соопшти шефицата на полицијата во Капитол, Јогананда Ритман подоцна на прес-конференција.

Таа ги потврди медиумските извештаи за убиството на возачот, кој по влетувањето во службениците, излегол од возилото, вооружен со нож, по што било пукано во него. 

Полицијата засега нема докази за можниот мотив на напаѓачот, ниту дека станува збор за терористички напад. Напаѓачот досега не бил во визирот на полицијата, тој е 25-годишен невработен Афроамериканец од сојузната држава Индијана.

Најновите негови постови на социјалните мрежи укажувале на психички и физички проблеми. Пишувал дека е во потрага по „спиритуално патување“ и дека наводно бил шиканиран од ФБИ и ЦИА и принудно испратен во болница. Американската влада ја нарекувал „најголем непријател на црнците.“

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека е потресен поради инцидентот и наредил знамињата на сите федерални згради да бидат спуштени на половина копје. Претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси за убиениот полицаец рече дека е „маченик за нашата демократија.“

По нападот, Капитол е целосно опколен и блокиран од полицајци.

Откако беше извршен упадот на 6. јануари, за седиштето на американскиот конгрес ионака се во сила засилени безбедносни мерки. Тогаш радикалните приврзеници на поранешниот претседател Доналд Трамп продреа во конгресната зграда, а во безредијата кои следеа загинаа пет лица.

За учество во упадот во меѓувреме се обвинети преку 300 лица.