1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вардар се излеа на неколку места, оштетени културни објекти

ЕМФ /агенции
2 декември 2017

Обилните дождови го зголемија нивото на дел од реките во Македонија. Надлежните тврдат дека будно ја следат состојбата и дека се преземаат неопходните мерки.

https://p.dw.com/p/2oejP
Mazedonien Überschwemmungen in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Реката Вардар денеска се излеа на неколку места. По налог на Град Скопје се поставуваат вреќи со песок. Од обезбедените 10.000 вреќи со песок, досега се поставени околу 6.000.

Излевањето на Вардар предизвика штети во Македонскиот народен театар, Државниот архив и други објекти од „Скопје 2014“. Според министерот за култура Роберт Алаѓозоски, тоа е уште еден доказ дека објектите се правени „дилетантски“ и оти се опасни за употреба. Тој денеска најави формирање консултантска работна група за „Скопје 2014“, која ќе дава совети за отстранување или поправка на објектите. Освен тоа, ќе се утврдува и одговорноста на оние со чиј потпис се настани штетите, рече министерот.

Метеоролозите најавуваат нови врнежи од дожд во пониските места и слаб снег на планините. Дождот ќе биде поинтензивен на западот од земјата.

Од АМСМ доаѓа информација дека регионалниот пат Валандово – село Удово, кај месноста Калковска река е повторно прооден. Сообраќајот беше во прекин поради надојдена вода. Сообраќајот на патниот правец А3 Делчево – Македонска Каменица поради обилни врнежи од дожд и чести одрони се одвива отежнато, а поради излевање на вода отежнат е и сообраќајот на патниот правец Маврово – Галичник, 100 метри пред Царева Чешма. Поради обилни дождови сосема непрооден е локалниот пат Железнец - Мало Илино во Демир Хисар.

Поплави во Албанија

Поради поплавите предизвикани од непрекинатиот дожд во Албанија, во текот на изминатата ноќ се евакуирани стотици жители во регионот на реката Вјоса, на околу 120 километри југоисточно од Тирана. Во извесен број случаи, полицијата и војската мораа со сила да ги евакуираат граѓаните, изјави Шемси Пренци, директор на Службата за цивилна заштита. Во регионот се распоредени околу 2300 припадници на безбедносните сили, а тие имаат помош и од шест тимови за итни интервенции од соседно Косово, додаде Пренци.

Вчера албанските власти соопштија дека под вода се околу 3.334 домаќинства и 3.016 хектари агрикултурна земја. Според денешните информации, без струја се останати 45.000 граѓани.