1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вангели: Македонија има важна улога во кинеските иницијативи

23 јуни 2017

По скандалот со автопатите, Македонија ќе мора да го поправа впечатокот кај кинеските партнери, вели во интервју за ДВ, Анастас Вангели. Кинеските средства и знаење се шанса за економскиот развој на земјата, вели тој.

https://p.dw.com/p/2fE4n
Xi und Ivanov mit Delegationen in Peking 21.10.2013
Фотографија: Reuters

ДВ: Дали откриените пропусти во изградбата на двата автопати во Македонија можат да ја стават во опасност соработката со Кина на ова и други полиња?

Анастас Вангели: Во последните години – не само поради автопатите, туку поради политичката криза – Македонија доста стагнираше во соработката со Кина. Иако Кина вложи големи средства и политички капитал во соработката со целиот регион (преку механизмот 16+1 и иницијативата Појас и Пат), Македонија до сега искористи многу малку од тие можности. Така што, од оваа точка македонско-кинеските односи можат да одат само на подобро. Ми се чини дека во Македонија има интерес за тоа, а тоа беше видливо и по средбата на министерот за надворешни работи со кинеската амбасадорка. Што се однесува до проблемите со автопатите – тие се наследство од претходната власт, која особено во градежништвото се „прослави“ по корупција и непрофесионализам. Сега тој впечаток за Македонија ќе мора да се поправа – вклучително и во очите на потенцијалните кинески партнери.

Самиот проект за автопатите уште од почеток се оценуваше како скандалозен и контроверзен, најмногу поради, преку „бомбите“, откриениот сомнеж за корупција и наводи за земање провизија. Сепак, за такво нешто се потребни две страни. Доколку за некои македонски политичари може да се сомневаме дека имаат „путер на главата“, што ни кажува тоа за начинот на работа на кинеската страна?

Точно е, не може да се обвинува само едната страна. Сепак, една од главните политички линии во Кина во времето на лидерството на Ши Џинпинг од 2012 наваму е сузбивањето на корупцијата во сите сфери на државата и општеството (вклучително и во големите државни компании и нивните проекти во странство), која опфаќа и најголеми моќници, и најобични чиновници. Дисциплинската комисија на Комунистичката Партија е страв и трепет – помеѓу 2012 и 2015 повеќе од 100.000 луѓе се осудени за коруптивни практики. Така што, мислам дека секоја инстанца за корупција на кинеската страна кај Синохидро – за нас позната или не – е прочешлана од кинеските власти. Дури постои и можност за соработка во анти-корупција, особено имајќи ја таквата ориентација на новата влада.

Polen Warschau Portrait Anastas Vangeli
Анастас ВангелиФотографија: privat

Каде е Македонија во кинескиот проект „Појас и Пат“?

Македонија географски има многу важна улога во иницијативата Појас и Пат. Таа иницијатива е многу повеќе од проект, тоа е глобална визија за взаемно интегрирање која оригинално вклучуваше 60 земји од Азија, Европа и Африка, а сега веќе се однесува и на Америките и на Австралија. До сега целата иницијатива тежи повеќе од 1 трилион американски долари, а вредноста ќе расте повеќекратно во блиската иднина.

Во склопот на иницијативата се зборува за повеќе приоритети, а за Македонија за сега се чини најинтересна е транспортната инфраструктура. Поврзувањето на поморските и копнените линии (Пиреус и Будимпешта), односно изградбата на експресната линија Европа-Кина Копно-Море (Europe-China Land-Sea Express Passage) предвидува модернизација на железницата Белград-Скопје-Солун и надградување на постоечката инфраструктура. Подеднакво важно е сепак што Македонија има потенцијал (и интерес) да развива хидро-енергија и обновлива енергија, и што во Македонија има можност за рестартирање или создавање нови индустриски капацитети, што се исто така столбови на кинеската иницијатива.

Како и каде може Македонија да профитира во тој проект?

Ако се погледне програмата на новата Влада, таа има особено амбициозна агенда во поглед на транспортната инфраструктура (се споменуваат и нови кинески проекти) и енергетиката. Со добро информирани ставови, проактивност, силни преговарачки позиции, но и со одговорност и транспарентност, Македонија може да ги искористи кинеските средства и знаење за потфати кои би помогнале во економскиот развој на земјата – се разбира, под услови кои ќе бидат економски издржани. Со малку креативност, може да се создадат и нови можности, пример во областа на логистиката, технологијата, образованието итн.

Mazedonien Autobahnbau zwischen Ohrid und Kicevo
Проблемите со автопатите се наследство од претходната власт, вели ВангелиФотографија: DW/M.Jovanovski

Дополнително, постои можност за политички бенефит. Сите нови платформи и институции создадени под капата на иницијативата Појас и Пат овозможуваат македонската дипломатија да игра посериозно на глобалната сцена, да се вмрежува со држави и актери кои можеби биле запоставени во минатото, и конечно, да ја афирмира Македонија меѓународно (под уставното име, кое Кина го признава). Особено важно тука е регионалното поврзување на Балканот каде што Кина може да има важна улога, која е неоптеретена со приказни од минатотото и симболички конфликти, и носи дух на прагматизам. Пред еден економски гигант како Кина, сите земји од Балканот (вклучително и Грција) поединечно имаат помала моќ отколку што би имале како регион, па сакале или не, тие мораат да играат заедно.

Во еден Ваш пост пишувате дека Кина има два стратешки партнери во регионот, Грција и Србија. Геостратешки, но и со оглед на актуелните политички околности, нели е позначајно за Македонија да го развива Коридорот 8 и други проекти кои би ја поврзале со Албанија и Бугарија, а за кои Кина, барем во моментов, не покажува интерес за финансирање?

Коридорот 8 и поврзувањето со Албанија и Бугарија се апсолутно важни, но не би го гледал тоа прашање хиерархиски. Македонија мора да се поврзува со сите и да гради нова инфраструктура и да ја обновува постоечката во сите делови на земјата. Нормално дека не мора се' да оди преку еден партнер, и добро е што различни проекти се финансираат од различни места за да се избегне завиност на еден извор. Така што, сосема во ред е ако делот од Коридорот 8 не се гради со кинески пари и партнери, иако на пример, автопатот Тирана-Дебар – коридорот Арбери во Албанија - го градат токму Кинезите.

Што се однесува до Грција и Србија – да, тие имаат потпишано документи за стратешко партнерство со Кина, и се лидери на Балканот во соработката со Кина. Тие континуирано привлекуваат огромни проекти во инфраструктурата, рестартирањето на производните капацитети и отварањето нови. На големиот форум за меѓународна соработка во Пекинг минатиот месец и Србија и Грција потпишаа низа договори со Кина.

Дополнително, Србија и Грција – заедно со Македонија и Унгарија - се дел од визијата за експресно поврзување на Атина со Будимпешта. Македонија во таа смисла има огромен интерес за унапредување на економската соработка и подобро поврзување со својот најважен економски партнер Грција, и побрз пристап до Егејското Море, но и унапредување на врските со уште еден важен економски партнер -Србија, а понатаму и централноевропскиот пазар на север.

Xi und Ivanov in Peking 21.10.2013
Македонскиот и кинескиот претседател Ѓорге Иванов и Ши Џинпинг во 2013 година во ПекингФотографија: Reuters

Паралелно и ЕУ најавува нови иницијативи за финансирање на инфраструктуни проекти во регионот,. Дали ова ново ветување може да се толкува како резултат на некаков страв од „напливот“ на кинеските инвестиции и руското влијание во регионот, и дали проектите на ЕУ можат да бидат, на некој начин, компатибилни со кинеските?

Прво, целосно би ги разделил кинеските инвестиции и руското влијание, затоа што Пекинг и Москва се сосема различни играчи, кои конкретно на Балканот немаат исти интереси и капацитети, па дури во некои области се и конкуренти, на пример енергетиката.

Што се однесува до кинеско-европските односи: Кина е партнер на Европа, и нема интерес ниту капацитет за да се натпреварува со ЕУ. Мислам дека на Балканот не се работи за обид на ЕУ да оди на судир со Кина, но можно е индиректно Кина со својата про-активност да повлијаела на мислењето, односно да ја потсетила ЕУ дека освен нормативна политика, на Балканот и тоа како му треба економска интеграција и економски просперитет.

Сепак, економската соработка на Кина со ЕУ, особено со јадрото на ЕУ, односно западноевропските земји, е светлосни години понапред од соработката на Кина со Балканските и останатите пост-социјалистички земји. Логиката, впрочем, на целото приближување на Кина со Балканот и пост-социјалистичка Европа преку механизмот 16+1 е токму намалување на јазот кој го имаат овие држави во соработката со Кина во споредба со Западот. Тоа во Македонија нам ни е највидливо, затоа што на неколку пати односите со Кина трпеле – што поради домашни турбуленции, последен таков случај е политичката криза, што поради неумесна дипломатија- епизодата Тајван. Сега е добро време да се искористи целиот неискористен потенцијал.

Во таа смисла, простор за страв нема – дури има и простор за нови соработки и идеи. Кина и ЕУ се стратешки партнери од 2003 – а Кина преку своите нови финансиски инструменти поврзани со иницијативата Појас и Пат веќе го поддржа инвестицискиот план на Јункер за ЕУ. Нема пречки за  во иднина Кина и ЕУ да не соработуваат на Балканот. Тука можеби балканските дипломати ќе имаат задача и предизвик да помогнат во координирањето на сите засегнати страни, и да создаваат нов, отворен дискурс на соработка. Тоа што Македонија и соседите се мали не значи и дека не можат да бидат важни во глобалната политика на 21 век.

Анастас Вангели е докторанд по општествени науки на Полска академија на науки во Варшава.