1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Зошто треба да се вакцинираат бремените жени?

ДТЗ
7 февруари 2022

Од ИЈЗ посочуваат дека досега не се пронајдени податоци за штетни состојки кои би можеле да ѝ наштетат на бремената жена како и на нејзиниот плод.

https://p.dw.com/p/46cpp
Symbolbild | Coronavirus & Schwangerschaft | Mundschutz
Фотографија: picture-alliance/dpa/Pixsell/D. Stanin

Вакцинацијата против Ковид-19 се препорачува за трудници. Бремените жени, доилките, оние кои се обидуваат да забременат треба да бидат целосно вакцинирани, советуваат од Институтот за јавно здравје.  Вакцината може да  заштити од сериозни (тешки) компликации при ковид, а здравата мајка е важна за здраво бебе. 

Ако жената забремени откако ја добила првата вакцина против Ковид-19, а се потребни две дози, треба да ја прими втората вакцина за да добие што е можно поголема заштита. Пред вакцинација, вобременоста се препорачува задолжителна консултација со матичниот гинеколог во врска со процената на возраст на пациентката,  потоа гестациската старост на плодот и секако претходни индивидуални здравствени состојби, ризици и заболувања. Во моментов нема докази дека која било вакцина, вклучувајќи ја и вакцината против Ковид-19, предизвикуваат проблеми со плодноста кај жените или мажите. 

Што треба да знаат трудниците  

Бремените жени имаат поголема веројатност да се разболат со Ковид-19 (со последици) во споредба со останатите жени кои  не се бремени. Вакцинацијата може да заштити од тешки заболувања кои може да ги предизвика ковид. Вакцинацијата се препорачува на жени кои планираат да забременат во иднина, се бремени или пак се доилки.

„Бремените жени можат да примат бустер доза“, укажуваат од ИЈЗ,  додавајќи дека  доказите за безбедност и ефективност на вакцината против ковид за време на бременоста растат. Овие податоци уверуваат дека придобивките од примањето на вакцина против ковид ги надминуваат сите познати или потенцијални ризици од вакцинацијата за време на бременоста. 

Безбедност и ефикасност на вакцинацијата 

Вакцините не предизвикуваат инфекција со Ковид-19 кај луѓето, вклучувајќи ги бремените жени и нивните бебиња. Ниту една од вакцините за ковид не содржи жив вирус и не може никој да се разболи, вклучително и бремените жени и нивните бебиња. Раните податоци за безбедноста на  примањето на  вакцина против mRNA (Модерна или Фајзер) за време на бременоста се смирувачки.

Податоците од системите за следење на безбедност не откриваат никакви грижи и сомнежи за жени кои примиле вакцина доцна во бременоста или за нивните бебиња.Научниците не откриле зголемен ризик за спонтан абортус кај жените кои примиле вакцина непоосредно пред и за време на раната бременост (пред 20 -та недела од бременоста). 

Nordmazedonien Skopje | Coronavirus | Erste Impfung
Научниците не откриле зголемен ризик за спонтан абортус кај жените кои примиле вакцина непоосредно пред и за време на раната бременост Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Центарот за контрола на  болести (CDC) постојано ги следи и ќе продолжи да ги следи жените вакцинирани во текот на сите триместри од бременоста за подобро да се разберат ефектите врз бременоста и бебињата. Вакцинацијата за време  на бременоста создава антитела кои би можеле да го штитат бебето. Кога бремените жени примаат вакцина против ковид, нивното тело создава антитела слично како и кај луѓето кои не се бремени“, укаѓуваат од ИЈЗ.

Антителата создадени откако бремената личност примила вакцина биле пронајдени во крвта од папочната врвца. Ова значи дека вакцинацијата против ковид за време на бременоста може да помогне во заштита на новороденчињата. Потребни се повеќе податоци да се утврди како  овие антитела, слични на оние произведени и од  други вакцини можат да обезбедат заштита на бебето. 

Ефекти од вакцината 

Ретко можат да се појават несакани ефекти по примањето на која било од достапните вакцини за Ковид-19, особено по втората доза на вакцина. Жените кои се бремени не пријавиле различни несакани ефекти од жените кои не се бремени и останатите вакцинирани луѓе по вакцинацијата.

Некои луѓе имаат несакани ефекти од вакцината, што се нормални знаци дека нивното тело гради заштита. Овие несакани ефекти можат да влијаат на нивната способност да вршат секојдневни активности, но тие треба да исчезнат за неколку дена. Некои луѓе немаат несакани ефекти, а алергиските реакции се ретки.  Несаканите ефакти кои можат да предизвикаат долгорочен здравствен проблем се крајно невообичаени по каква било вакцинација, вклучително и вакцинација против Ковид-19. Ако се појават негативни ефекти, тие вообичаено се случуваат во рок од 6 недели од примање на доза на вакцина.

Вообичаени ефекти се болка, црвенило, оток, замор, главоболка, мускулна болка, треска и гадење. Тешки алергиски реакции по  вакцинацијата се ретки, скоро и да ги нема. Секој што имал тешка алергиска реакција откако примил вакцина против Ковид-19 не треба да добие друга доза од која било од вакцините.

Од ИЈЗ посочуваат дека досега не се пронајдени податоци за штетни состојки кои би можеле да и наштетат на бремената жена како и на нејзиниот плод, ниту пак можат да предизвикаат Ковид -19 акутни инфекции.