1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Жена со принципи и големо срце“

Инес Пол
14 јули 2021

Поранешниот претседател на САД, всушност, повеќе не дава интервјуа. Но Џорџ Буш помладиот прави исклучок за канцеларката во заминување Ангела Меркел- спроти нејзината проштална посета на Вашингтон.

https://p.dw.com/p/3wSaK
Merkel zu Besuch auf George W. Bushs Ranch in Texas
Фотографија: Matthew Cavanaugh/dpa/picture-alliance

Имотот на семејството Буш се наоѓа на Атлантикот, во близина на Кенебункпорт, на два часа возење северно од Бостон. Додека нашиот снимател во дневната соба ги поставува камерите и осветлувањето за интервјуто, Џорџ Буш помладиот одеднаш се појавува, еден час порано, во куси панталони, светлозелена маичка со дамки од боја и со Ајпед во раката. „Со задоволство ќе го сторам тоа за мојата драга Ангела“, вели.

А потоа зборува прво за Ангела Меркел, а потоа за своето сликарство, ги покажува своите слики на Ајпедот, вели дека сликарската работа го структуира неговиот ден и оти четката му станала средство за изразување на политиката откога ја напуштил Белата куќа.

Документарен филм на ДВ за Ангела Меркел

Џорџ Буш се држи понастрана од политичката сцена. Кога 43-от претседател на САД дава интервјуа, всушност се зборува само за неговата уметност. Но, прави исклучок за нашиот документарен филм за Ангела Меркел, нѐ дочекува дома и издвојува многу време за нас. „Меркел во својата најважна - канцеларска функција - внесе високо ниво и достоинство. Донесе многу тешки одлуки за тоа што е најдобро за Германија и секогаш беше верна на своите принципи“, вели тој. „Таа е сочувствувачки лидер, жена која не се плаши да раководи“.

George W. Bush im DW Interview mit Ines Pohl
Фотографија: DW

Меркел, цврста како карпа

Како и за многу Американци, Ангела Меркел и за него е своевиден пресонифициран „американски сон“. Жена која пораснала во комунистичка неслобода и која стигнала на врвот на слободниот свет. И тоа не каде било, туку во Германија, земја која од  САД, според американското размислување, двапати беше ослободена од диктатура: прво во целост од нацистичкиот режим, а потоа нејзиниот источен дел го извлекле „од канџите на Кремљ“.

Повеќе:

-Последното рандеву на Меркел со Западниот Балкан

-Кандидатите за наследници на Меркел се заложија за ЕУ и го осудија национализмот

-Меркел не сака да биде запишана во историјата како мрзлива

За време на четири години, особено за време на претседателствувањето на Доналд Трамп, Меркел во либерална Америка се сметаше за „лидер на слободниот свет“, што е позиција која дотогаш се однесуваше само на американските претседатели. Во превирањата и заблудите во ЕУ, но и во одделни земји членки е сметана за светилник во бура, сигурна константа во светот кој се чини сѐ побрз и во кој проблемите се сѐ поголеми, а можните решенија сѐ покомпликувани.

„На Меркел ѝ успеа политички да преживее во тешко опкружување повеќе од 8 години. Тоа е прилично неверојатно кога ќе размислите“, вели Буш. „И тоа ја покажува довербата која и' ја искажаа германските избирачи“, вели тој. Кога новоизбраната канцеларка Ангела Меркел за првпат се ракуваше со Џорџ Буш во 2006 година, односите меѓу Германија и САД се заладија откако Герхерд Шредер, кој беше канцелар пред Меркел, на крајот на својот мандат жестоко ја критикуваше војната која Буш ја поведе во Ирак. Многумина во тоа гледаа чиста предизборна тактика на Шредер. Фактот дека односот со САД брзо се поправи, имаше многу врска со околноста што тој и Меркел одлично се согласуваа од самиот почеток, вели Буш.

Разбирање за разликите во политиката кон Русија

Како и сегашниот американски претседател Џо Бајден, и Буш, исто така, ја критикува изградбата на Северен тек 2, бидејќи гасоводот ја засилува зависноста на Германија од Русија и ја компликува ситуацијата за Украина. Меѓутоа, Буш вели дека може да разбере оти Ангела Меркел води поинаква политика кон Путин и кон Русија од САД и дека секоја земја тука мора да го пронајде својот сопствен пат.

Deutschland G8 Gipfel in Heiligendamm
Фотографија: Toshifumi Kitamura/AFP/Getty Images

На прашањето за доселеничката политика на Ангела Меркел, тој покажува големо разбирање. „Мојата прва реакција беше дека таа е жена со големо срце. И сигурен сум дека беше мотивирана од човечко сочувство. И, знаете, тоа беше очигледно тешка политичка одлука за неа, но таа ја презеде одговорноста за тоа".

Незадоволен од грубата доселеничка политика на администрацијата на Трамп, Буш неодамна објави книга со портрети на имигранти, и на свој начин, се вклучи во политичкиот дискурс.

Пример за девојчињата

Буш, татко на две ќерки, ја гледа германската канцеларка во заминување како пример, особено за девојчињата: „Постојат многу од нив кои гледаат кон Ангела Меркел и велат: „И јас би можела еден ден да дојдам на одговорна и моќна позиција“.

Ангела Меркел сега доаѓа во Вашингтон за последен пат како канцеларка. Со тоа, средбата со новиот претседател Бајден е прва и проштална во исто време. Политичка Америка полека станува свесна дека завршува една ерата, поголема од самата Ангела Меркел, и оти она што се подразбираше под трансатлантските односи мора да се редефинира, не само затоа што земји како Кина или Индија и други големи сили играат сѐ поважна улога на светската политичка сцена.

Ангела Меркел беше последната германска канцеларка, која си имаше работа со една Америка, за која блиските односи со Германија и Европа беа нешто што се подразбира само по себе.

Deutschland George W. Bush beim Grillen in Trinwillershagen
Фотографија: picture-alliance/dpa/BPA/G. Bergmann

Минатото веќе нема да биде доволно како аргумент

Кога Ангела Меркел стапи на должноста пред 16 години, во речиси секое американско семејство сѐ уште имаше многу лични и блиски односи со Германија.

Сè уште имаше ветерани, вклучително и меѓу истакнатите политичари, кои самите се бореле против нацистичка Германија во Втората светска војна или со години биле стационирани во Западна Германија до падот на Берлинскиот ид.

Еден од зачудувачките пресврти на историјата беше тоа што стотици илјади „окупатори“, кои поминаа одреден период во Германија како млади војници, станаа вистински амбасадори на германско-американското пријателство. Кој и да ги наследи на таа функција, има голема задача да ја инспирира помладата генерација, на која ужасите од Втората светска војна и Железната завеса ѝ се многу далечни, за блиски трансатлантски односи. Минатото веќе нема да биде доволно како аргумент. „Дали Ангела Меркел заврши добра работа?“, сакам да знам на крајот. „Мислам дека е така“, кимна со главата Џорџ Буш помладиот. „Но, ни неа, ниту мене не треба да не засега краткотрајната историографија. Само долго по нашата смрт ќе се знае каде сме сместени“.