1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бура“: Нечии туѓи злосторства

Немања Рујевиќ/сн4 август 2015

Зад мегаломанската воена парада во Загреб се крие нешто многу поважно. Годишнината од „Бура“ е капитален пример на гласно молчење за злосторствата на сопствената страна и негирање каква било државна одговорност за нив.

https://p.dw.com/p/1G9KD
Чистење по „Бура“: хрватски војници во Глина на 11 август 1995 година
Фотографија: picture-alliance/dpa

Годишнините поврзани со национални митови се можност која политичарите на Балканот ретко ја пропуштаат. Во тоа глумење патриотизам и трка за гласови прво и најмногу страда вистината. Ќе стивне топотот на маршот на загрепските улици, знамињата во Србија нема веќе да бидат на половина копје, но ќе остане едностраната интерпретација која ја сервираат и двете земји и генерациите кои немаат и не можат да имаат сопствено сеќавање на „Бура“ (Олуја). Како е можно во Хрватска да се негира систематско и масовно злосторство? Како е можно во Србија и натаму да не се признава уделот во несреќата на народот во Краина? И дека во двете земји сите кои зборуваат за злостроствата на сопствената страна се некакви странски платеници?

Книн и Вуковар

„Ме разбудија експлозии во близина. Како да отскокнував еден метар од креветот во кој спиев“, се сеќава на почетокот на „Бура“ Саво Штрбац, тогашен секретар на владата на Република Српска Краина и претседател на Комисијата за размена на заробеници. „Погледнав низ прозорецот и на сите страни видов печурки по експлозии кои, во тогашната моја перцепција, ме потсетија на Хирошима и Нагасаки“. Штрбац повеќепати во текот на разговорот истакна дека грантирањето на Книн било „неселективно“. Тој збор му е необично важен, бидејќи со него го докажува она што го смета за злосторнички карактер на воената операција. „Паѓаше како огромен град, како 'крупа', што би рекле кај мене во Далмација.“

Од другата страна на фронтот стоел офицерот на хрватската војска Звонко Милас, денес пратеник на ХДЗ во парламентот и претседател на едно здружение на бранители. „Видете, воопшто немаше гранатирање. Таа приказна за Книн и гранатирањето... требаше да дојдете во Книн по 'Бура', таму ни една зграда не е урната, напротив“, тврди Милас. Операцијата во која учествувал била „ да речеме, нужна во тоа време и тие околности“. За неселективни артилериски напади Милас има што да каже - ама за оние српските од 1991 година: „Кога е во прашање гранатирање, тогаш требаше да го видите Вуковар. Кога се вратив таму во 1997 година, во улицата во која некогаш живеев и каде се родив не можев да го најдам ни местото каде што ми беше куќата.“

Додека Милас вели оти Србите за заминувањето од Краина треба да му заблагодарат на своето раководство, Саво Штрбац смета дека Хрватите „како пијани за плот“ се држат за теоријата, според која прогонот на Србите е инсцениран за да се наруши угледот на Загреб. Тој тврди оти раководството на Краина не ни стигнало да организира евакуација: „Од Унпрофор баравме гориво, автобуси... но од сите планови за евакуација кои постоеја и во време на мир - немаше ништо. Имав човек со камион кој требаше да ги превезе компјутерите и машините од зградата во која беше владата. Никој не дојде. Сите планови пропаднаа.“ Истиот ден нешто подоцна: „Веќе поминуваа колони низ Книн - формирани самоиницијативно, пред да стигнат какви било наредби. Народот се организираше во страв од блиски средби со хрватската војска поучен од поранешните акции кои Хрватите ги изведуваа во Краина како Масленица и Медачки џеб. Стравот ги придвижи луѓето во егзодус и веќе никој не можеше да ги запре.“

Kroatien Offensive Krajina
Хрватски војник пред ресторан во Петриње, напуштен набрзина (8.август 1995)Фотографија: Getty Images/AFP/N. Brentz

Нема сомнеж дека и Штрбац и Милас виделе страшни работи во војната. За нив зборуваат живописно, но само кога се во прашање злосторствата против сопствениот народ (Штрбац: „Тоа беа ритуални убиства“ кои требало да потсетат на усташките злосторства од Втората светска војна; Милас: „Ајде прво да го споменеме злосторството на Овчара, незапаматено злосторство на овие простори од Втората светска војна наваму“), но имаат помалку волја да зборуваат за злосторствата кои ги сториле припадниците на нивните народи. Прашан за етничкото чистење на Хрватите од Краина од почетокот на војната, Штрбац зборува генерално: „Во 20. век меѓу Хрватите и Србите секогаш имало крв до колена, и главно Србите го извлекуваа подебелиот крај“. Милас за етничкото чистење и масакрот на цивили за време и по „Бура“ ја повторува својата приказна: „Имаше злосторства, но тоа не беше систем, а злосторствата во Вуковар беа систематски.“

Двајцата соговорници за ДВ имаат секако и дипломатски изјави, дека ниту едно злосторство не може да биде оправдано, оти сите виновници треба да одговараат, дека е тажно и страшно што воопшто се случила војна...

Соодветна прослава?

Дали една земја која себе со задоволство се смета за позападна од Балканот и која е членка на ЕУ е соодветно да слави операција во која се убиени околу 2.000 цивили? Чија последица е заминувањето на околу 200.000 граѓани од српска националност? Милас вели дека Хрватска го слави Денот на победата „во војната која е наметната“. Многу покритичен е Ивица Ѓикиќ, главен уредник на хрватскиот неделник „Новости“. „Не би имал ништо против тоа и вака да се слави ’Бура’ само ако претходно се решени некои суштински и важни работи. Тука пред се’ мислам на прашањето за злосторството над Србите кои останаа на тоа подрачје, грабежите и уништувањето на нивниот имот. Пред вакво милитаристичко и помпезно одбележување требаше да се доведат работите на свое место, како што во Хрватска ни одблизу не е направено.“

Навистина, досега во Хрватска за низата злосторства извршени за време на „Бура“- без оглед дали ќе се наречат систематски или не - е обвинето само едно лице. На прашањето, зошто е тоа така Милас дава амбивалентен одговор. „Кај нас правосудстото е едно, извршната власт друго, а законодавната власт трето. Нешто дојде во мојата улица така што морав да го извлекувам син ми низ некои пченки. Доживеав нешто што никогаш не сум ни помислувал дека ќе се случи. И тогаш се случија злосторства, и тоа какви. И ги имаше од другата страна. Сите треба да бидат процесуирани и да бидат ставени во контекст на нешто што се нарекува правда. Ама Вие подобро знаете од мене дека правото и правдата се многу различни и понекогаш немаат врска едно со друго“.

Ende Jugoslawien
Тенкови на хрватската војска во Книн (10. август 1995)Фотографија: AP

Ретки се оние кои би поверувале дека несмасното процесуирање на злосторствата не е во никаква врска со политиката. „Сите овие години од 'Бура' до денес на власт имавме гарнитури кои се обидуваа да го цементираат исклучиво ослободителниот карактер на 'Бура', целосно занемарувајќи го наличјето на таа акција што се однесува на злосторствата, етничкото чистење и нескриената желба на Фрањо Туѓман бројот на Срби во Хрватска да го сведе под три насто“, вели Ѓикиќ. Тој потсетува дека веднаш по операцијата па сѐ до 1998 година во хрватските медиуми многу повеќе се зборувало за злосторствата врз Србите отколку денес. Дел од причините треба да се бара во ослободителните пресуди за Готовина, Маркач и Шушак пред Хашкиот трибунал, што на политичката и медиумската елита во Хрватска како да ѝ обезбеди алиби да заборави на злосторствата. Пресудата на Трибуналот, вели Ѓикиќ, се користи за да се докаже дека „Бура“ е чиста и невина, нешто што се разбира не го пишува во пресудата.

Другата страна

Во Србија пак на воената операција на Република Хрватска не само што ѝ се дава злосторнички карактер, туку и ѝ се одрекува секаква легитимност. За тоа Саво Штрбац- до денес со својот центар Веритас многу ангажиран во собирањето податоци за страдањето на Србите- вели дека „Бура“ не била ни легална ниту легитимна од проста причина што во Краина биле присутни мировниците на ОН, Унпрофор со задача двете страни да ги заштити од злосторства и поради тоа што не биле исцрпени политичките решенија и бидејќи самата меѓународна заедница им нудела на Србите држава во држава за да спречи идни војни.

Но како и секое друго случување за време на крвавиот распад на Југославија, ни „Бура“ не беше без своја предигра и предисторија. На Србија и недостасува авторефлексија и нејзиното раководство нема веродостојност за да говори за „Бура“, смета Ѓикиќ: „ Притоа мислам дека Србија од највисоко ниво треба да проговори за својот удел во несреќата на Србите од Краина. Воспоставувањето на Краина и на тамошната војска беше на најбанален начин диригирано и финансирано од Белград. Краина беше политичко- азузнувачка операција на Слободан Милошевиќ. Разноразни Мартиќи, Бабиќи... само ги извршуваа наредбите од Белград. Уделот на Србија во несреќата на Србите во Краина е историски погледнато голем.“

Слично размислува и Драган Поповиќ, директор на белградскиот Центар за практична политика: „Србија ја премолчува својата улога на почетокот на војната. Хрватска беше практично нападната и одговорноста на Белград за војната е најголема. Од подрачјето на Република Српска Краина во 1991 година, според проценките, се протерани 180 илјади Хрвати и тоа етничко чистење дури може да се спореди со етничкото чистење на Србите во 1995 година. Србија нема причина да се чувствува морално посупериорна во однос на Хрватска бидејќи и таа се нема соочено со своите злосторства“.

Kroatien-Krieg 1991 - Entwicklung der Migration nach Deutschland
Вуковар по гранатирањето на 19. ноември 1991 годинаФотографија: picture alliance/dpa

Ако од хрватската политичка каста- во добар дел составена од бранители и оние кои им се додворуваат- тешко може да се очекува да се соочи со државниот карактер на хрватските злосторства, што тогаш да се очекува од Србија, со која денес владеат некогашни великосрпски теоретичари заедно со поранешниот портпарол на Милошевиќ? „ Додека ние во Србија не се определиме во однос на политиката на Милошевиќ, а тие во Хрватска во однос на политиката на Туѓман, ова ќе ни се повторува од година во година и ќе ескалира во време на предизборни кампањи и кога ќе избие некој друг проблем во регионот“, вели Поповиќ. Моменталната состојба, тој ја нарекува „неискрен мир“, иако на сите устите им се полни со помирување. Кокетирањето со национализмот вечно останува адут за собирање гласови на Балканот. Сѐ не сѐ Поповиќ не звучи оптимистично.

Ќе стивне топотот на маршот на загрепските улици, знамињата во Србија веќе нема да стојат на половина копје, ама ќе останат едностраните интерпретации и обликувањето на поновата историја онака како што им одговара на политичките елити. А тие елити нема да ја менуваат тактиката со која добиваат избори. За вистината ќе говорат „домашните предавници и странските платеници“.