1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Дајнов: Што им е на овие луѓе?

23 ноември 2020

Во Бугарија, сите се обединија околу повикот „Да им покажеме на Македонците каде им е местото“. Како човек кој одамна се занимава со историја се прашувам: Што им е на овие луѓе? Пишува бугарскиот политолог Евгениј Дајнов

https://p.dw.com/p/3leZz
Professor Ewgenij Dajnov
Фотографија: BGNES

И по образование, и според општиот начин на размислување, јас сум историчар- и тоа многу одамна. Уште од кога бев студент, сочувствувам со сите минати драми на човештвото, често поставувајќи си го прашањето: Што им стана на овие луѓе? Не ли гледаат дека со своето слепило ги туркаат работите кон војна во која тие и нивните семејства ќе страдаат?

Набљудувајќи ја сегашната бугарска национална коалиција, од крајната десница до крајната левица, обединета околу повикот „Да им покажеме на Македонците каде им е местото!", повторно се прашувам: Што се случува со овие луѓе? Зарем не сфаќаат каде завршува патот по кој се втурнале со светнати очи и радосни извици на устите?

Кога Европа ќе го изгаси светлото

И повторно си го враќам филмот назад. Се сеќавам, на пример, на вистинската збунетост со која либералите, пацифистите и другите разумни луѓе го следеа избувнувањето на националниот патос што доведе до Првата светска војна во Европа. Во тоа време, само мал број луѓе знаеја дека работата оди кон крвопролевање; и ништо не можат да сторат за да го спречат тоа. Уште пред да започнат непријателствата, рано вечерта на 3 август 1914 година, британскиот министер за надворешни работи Греј му рече на еден пријател со кого ги гледаше уличните светилки во Лондон како се палат низ прозорецот: „Вистината е дека светлата гаснат низ цела Европа; тешко дека ќе ги видиме повторно како горат додека сме живи... ”. Два месеци подоцна, големите европски сили си објавуваат војна едни на други. 

- повеќе на темата: Ќосев: Бугарите талкаат низ историјата

Светлината во Европа се врати повторно пет години подоцна. Но, веќе по уште пет години, хероите на Ерих Марија Ремарк не можеа да разберат како Германците одеднаш се претворија од високо цивилизирана нација на Гете и Бетовен во озверена толпа подготвена да се бори против секого во име на крајно варварската идеја за сопствената расна супериорност. Нашите херои гледаат поворки со факели, кршење на еврејски продавници и не можат да разберат како Германците не разбираат каков крвав хаос предизвикуваат.

Историската наука нема логично објаснување за избувнувањето на ненадејната национална хистерија, што доведе до Првата и Втората светска војна (со вкупно околу 110 милиони жртви). Со пола уста се тврди дека имало некакво лудило, кое што, се разбира, е невозможно во современиот свет. Ние сме попаметни. Ние сме дале толку многу жртви што не е можно да не сме попаметни.

Станавме ли попаметни?

Но, секој пат, сепак, излегува дека - има како да не бидеме попаметни, без оглед на жртвите. Југославија, на пример, претрпе најмногу жртви по глава на жител за време на Втората светска војна, а две генерации подоцна не се двоумеа да се вратат во таа националистичка хистерија што неизбежно доведе до избувнување на војна. 

- повеќе на темата: Стојановиќ: Балканот е во колективен страв од растење

Историјата не е вистинска наука затоа што не може да предвиди што ќе се случува  во иднината под одредени услови. Затоа, нема начин историчарот да гарантира уште отсега дека сегашната национална хистерија ќе доведе или нема да доведе до војна. Сепак, прашањата кои си ги поставувам уште откако го прочитав првиот роман на Ремарк остануваат исти: Абе, овие луѓе, зошто си играат со оган? Зарем тие немаат поважни работи, како на пример, воспитување на своите деца за да нема повеќе војни?