1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Бугарска партија бара признавање на МПЦ-ОА како црква-ќерка

11 септември 2017

Од Синодот на МПЦ-ОА неофицијално велат дека слушнале за таква инцијатива, но и дека нема отстапување од две клучни нешта - името и автокефалноста.

https://p.dw.com/p/2jh4I
Das Oberhaupt der mazedonischen orthodoxen Kirche G.G. Stefan
Од Светиот Синод на МПЦ-ОА (МПЦ-ОА) засега не може да се добие официјален ставФотографија: MIA

Бугарската Патријаршија да ја признае Македонската Црква како црква-ќерка. Ова била иницијативата на бугарската партија „Преродба“ („Възраждане“) доставена до Светиот Синод, објави бугарскиот портал „Дарикњуз“. Според претседателот на „Преродба“, Костадин Костадинов, „признавањето на Македонската Црква од страна на бугарската Патријаршија ѝ дава можност можност на Бугарија да поправи една историска неправда од времето на Втората балканска војна, бидејќи никогаш немало конфликт меѓу Македонија и Бугарија, туку тензиите се создадени од соседна Србија“. Како што објавува „Дарикњуз“, од партијата изјавиле дека се надеваат на брзо решение, а Светиот Синод наводно ќе го разгледал барањето на седница кон крајот на септември.

Историски момент

Претседателот на партијата-иницијатор, Костадин Костадинов, ова прашање го актуелизирал и во август годинава. Во авторски текст, во кој се осврнува на историјатот на двете цркви, и по потсетувањето дека Република Бугарија е првата држава што ја признала независноста на Република Македонија, тој го поставува прашањето: „А кога ќе ја признаеме и Македонската Црква“?

„Прашањето е дали бугарските владици можат да бидат на висината на своето време и да го направат правилниот избор? Тој е исклучително актуелен, особено сега, по потпишувањето на историскиот Договор за пријателство и добрососедство меѓу Бугарија и Македонија“, потенцира тој.

Информацијата за предлогот на оваа партија ја пренесоа повеќе бугарски медиуми, но засега нема никаква информација за ставот на бугарскиот црковен врв. Но, она што привлекува внимание околу оваа иницијатива, е изјавата на Костадинов, која имплицира дека такво барање доаѓа и од македонските владици.

„Ако пред неколку години некој речеше дека македонските владици ќе сакаат бугарската црква да ги признае како црква-мајка и практично на тој начин да признаат дека македонската црква е ќерка на бугарската и е бугарска по потекло, никој немаше да поверува во тоа. А такви расположенија има и во самата Македонија. Отсега натаму, откако раката е подадена од нивна страна, ние сме должни да ја прифатиме. Моментот е историски, не треба да ја пропуштиме оваа шанса, бидејќи бугарската историја во последните повеќе од 100 години е историја на пропуштените шанси“, изјавил Костадинов.

Sofia archäologische Ausgrabungen im Stadtzentrum 21.08.2014
Каков е ставот на бугарскиот црковен врв? (фото: црквата Света Недела во Софија)Фотографија: picture-alliance/dpa

Не отстапуваме од автокефалноста!

Од Светиот Синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) засега не може да се добие официјален став за ваквите наводи. Портпаролот на МПЦ-ОА, владиката Тимотеј е недостапен за коментар, а поглаварот, г.г. Стефан, по вчерашното осветување на новата црква „Свети Кирил и Методиј“ во Велес, наводно заминал во Романија. Извори од Светиот Синод неофицијално потврдуваат дека слушнале за таква информација објавена во бугарски медиуми, но велат дека досега не разговарале за тоа, бидејќи таквите наводи стигнале по последната седница на Синодот, одржана на 5-ти септември.

„Се слушаат разни шпекулации - дека е можно и други партии во Бугарија да побараат такво нешто. Засега тоа се гласини. Друго е ако Бугарската црква има таква иницијатива, па да се остварат контакти, да се види што се предлага. Но, како и да е, она што е јасно, е дека ние не отстапуваме од името Македонска православна црква - Охридска архиепископија и од автокефалноста“, велат извори од Синодот на МПЦ-ОА.

Тие потенцираат дека деновиве се очекувало да има најава за средба меѓу комисиите на МПЦ-ОА и Српската православна црква (СПЦ), но сѐ уште немало ништо конкретно на повидок.  

СПЦ уште во мај 2015 година соопшти дека формирала Комисија за разговори за отворените прашања со МПЦ. Оттогаш до денес нема информации дали таа остварува конктакти со соодветна комисија на МПЦ-ОА или се води тајна црковна дипломатија по други „канали“. Во Комисијата на СПЦ се митрополитот црногорско-приморски Амфилохие, кој е претседател на комисијата, епископот бачки Иринеј и владиката Захумско-херцеговски, Григориј. Во комисијата на МПЦ-ОА се владиците Тимотеј, Петар и Наум. МПЦ годинава одбележува 50 години од прогласувањето на автокефалноста во 1967 година. Тој чин стана пречка за нејзино признавање од страна на СПЦ. Извори од Синодот на МПЦ велат дека во моментов не постојат индиции за променети ставови во однос на тоа прашање.