1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија нема луѓе и привлекува нови граѓани од други земји

Штокер Франк (Велт) / ЕМФ
5 април 2018

Бугарија се врти кон привлекување Македонци, Молдавци или Украинци, пишува весникот „Велт“. Според ОН, до 2050 година ќе останат само 5,2 милиони Бугари, најмногу како резултат на егзодусот од земјата.

https://p.dw.com/p/2vT52
Bulgarien Sofia Straßenszene
Фотографија: picture-alliance/Rainer Unkel/picturedesk.com

Во текстот со наслов „Се бараат нови граѓани“, објавен во весникот „Велт“, авторот Франк Штокер, меѓу другото, пишува:

„Од крајот на комунистичкото владеење, Бугарија загуби над една четвртина од своето население и бројот на жители од речиси 9 милиони се намали на нешто над 7 милиони. ОН прогнозираат дека до 2050 година овој број ќе се намали на дури 5,2 милиони - побрзо и повеќе од каде било на друго место во светот. Тоа, од една страна, лежи во многу малата стапка на раѓање, но многу повеќе се должи на вистинскиот егзодус како на стручњаци, така и на необразувани слоеви од населението.

'Многу добро образовани луѓе - ИТ-експерти, лекари, медицински сестри - одат во Германија, Австрија или Велика Британија', вели Хелене Кортлендер, раководителка на канцеларијата на фондацијата 'Фридрих Еберт' во Софија. 'Други одат да работат на полињата во Шпанија или Грција.' Главна причина се повисоките плати. Бугарија важи за најсиромашна земја во ЕУ. Платите се ниски. Минималната плата изнесува 1,42 евра за работен час, а ваква плата добива околу една четвртина од работниците. Но многу подобро не се платени ниту стручњаците, пред сѐ оние во здравството. 'Еден лекар заработува просечно околу 900 евра, а многумина заработуваат и помалку', објаснува Кортлендер. 'Од тоа може да се живее, но јасно е дека овие луѓе ќе го фатат првиот воз во насока на Запад доколку за тоа им се пружи прилика.'

Само во Германија живеат околу 260.000 Бугари... Голем е и бројот на студентите. Со околу 7000 студенти, Бугарите се една од најголемите групи странски студенти во Германија. А, родителите буквално ги тераат децата надвор и вџашени се ако тие некогаш изразат желба да се вратат назад. Се плашат дека децата им потфрлиле во странство. Но, во меѓувреме има и вакви случаи. Георги Вулџев е пример за тоа. Студирал економија во Велика Британија, зборува перфектно англиски и имал можност да добие добро платена работа каде било во светот. Но, 23-годишникот свесно одлучил да се врати назад, во Бугарија.

'Можеби звучи чудно, но јас сакам да направам нешто за својата земја', вели тој. 'Сакам да помогнам за работите овде да тргнат нанапред.' Тој работи за невладина организација која се залага пред сѐ за економски реформи.

Deutschland Bulgarien Symbolbild Doppelte Staatsbürgerschaft Reisepass
Новите брзо сфаќаат дека Бугарија е можеби поатрактивна од Молдавија или Украина, но Германија, економски, е сосема друга лигаФотографија: Fotolia/babimu

Но, има и друга причина за враќање, а нејзе многу добро ја опишува една стара бугарска поговорка: 'Последен во град, прв во село'. Зашто, во странство секој образуван Бугарин е само еден од многуте, мора да конкурира за добро платени работни места со стотици илјади луѓе. Во татковината, наспроти тоа, сите врати се отворени...

... Сепак, и натаму релативно мал број навистина се враќаат. Од неодамна Владата се обидува да го запре намалувањето на бројот на населението со тоа што носи луѓе од други земји, но не бегалци, против кои во Бугарија има големи задршки. Порадо се обраќа кон Македонија, Молдавија или Украина, каде има мали бугарски малцинства. Тие профитираат од поедноставените услови за добивање државјанство. Но, кога еднаш ќе добијат државјанство и бугарски пасош, тие автоматски стануваат и граѓани на Европската Унија. Тогаш можат едноставно да продолжат натаму. Зашто и тие брзо сфаќаат дека Бугарија е можеби поатрактивна од Молдавија или Украина, но Германија, економски, е сосема друга лига“, пишува „Велт“.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид