1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Бруно Фернандеш го урна мундијалскиот сон на С. Македонија

БГ /АП
29 март 2022

Репрезентацијата на Португалија славеше во Порто со 2:0 во финалниот бараж-меч за пласман на Светското првенството во Катар. Мечот го одлучија два гола на Бруно Фернандеш

https://p.dw.com/p/49CWx
Бруно Фернандеш Северна Македонија Португалија
Бруно Фернандеш по постигнувањето на првиот гол против Северна Македонија во ПортоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Португалија успеа да се пласира на фудбалскиот Мундијал во Катар откако во вторникот во Порто ја совлада репрезентацијата на Северна Македонија со 2:0. Двата гола за Португалците ги постигна Бруно Фернандеш, по еден во обете полувремиња.

Северна Македонија направи чудо со самиот пласман во финалниот натпревар откако ја совлада фаворизираната Италија нагости со 1:0. Сепак, македонските репрезентативци не успеаја да го повторат чудото од Палермо и заслужено беа поразени од Португалија. 

WM-Qualifikationsspiel Nordmazedonien-Portugal
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Македонските фудбалери добро го почнаа мечот и успеаја неколку пати да се заканат кон португалскиот гол, но тимот предводен од Кристијано Роналдо набрзо ја презеде иницијативата и доминираше на теренот.

Клучниот момент во првото полувреме се случи во 32 минута кога по една грешка на капитенот Стефан Ристовски, Португалците со брза контра го погодија голот на Столе Димитриевски. 

Слично беше сценариото и за вториот гол: македонската репрезентација во 65 минута се обидуваше да нападне преку средината на теренот, но загубената топка брзо беше претворена во гол на другата страна на теренот од Фернандеш. 

WM-Qualifikationsspiel Nordmazedonien-Portugal
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

По историскиот прв пласман на Европското првенство минатата година, мундијалскиот сон за македонските репрезентативци заврши на последниот чекор.

На другата страна, 37-годишниот Кристијано Роналдо ќе игра на својот 10 голем фудбалски турнир во репрезентативната кариера која ја започна со настапот на Еуро 2004. Роналдо досега настапил на четири Светски и пет Европски првенства. 

Кој стои зад успехот на македонската фудбалска репрезентација

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема