1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бриселска офанзива на социјалните медиуми

Дорис Панди
8 февруари 2017

Брисел на социјалните мрежи: блогери и влијателни дигитални креатори на мислењето би требало да го подобрат имиџот на ЕУ меѓу младите во Европа. Младите се за Европа, но европските избори не ги интересираат.

https://p.dw.com/p/2XA26
Snapchat-Kanal des Europaparlament
Фотографија: DW/D. Pundy

Речиси непрекинато на екранот на паметниот телефон се појавуваат фотоколажи: „Новиот претседател!“ - пишува преку фотографијата на Антонио Тајани, претседателот на Европскиот парламент. Фотографијата по неколку секунди исчезнува. По неа се појавува снимка од ЕП во Стразбур, а покрај него една комична фигура со очила. Неколку секунди подоцна-краток видео-клип со тинејџери кои мавтаат со раце.

„Ова е фантастично. Ова е сигурно најдобриот начин на комуникација со младите“ - Вилијем Ширс речиси блеска додека зборува за Снепчет-каналот на Европскиот парламент.Тоа значи дека и европските институции користат инстант-пораки за смартфони и таблет-компјутери за со помош на фотографии и куси видео-снимки, да ја објаснат европската политика. На тој начин сакаат првенствено да допрат до младите и оние кои тукушто оствариле право на глас, кои првпат гласаат.

Вилијем Ширс е блогер. Освен што студира, овој 20-годишник има и свој Јутјуб-канал. Неговите видео-снимки бележат преку 100.000 посети. Луѓето како овој млад Британец, во жаргонот на браншата се нарекуваат „influenser" - влијателни. Затоа, ЕП неодамна го покани него и негови млади колеги во Брисел.

„Се обидуваме да стапиме во контакт со нашата целна група. Од помош ни е да дознаеме за што се интересираат и на каков начин може да се комуницира со нив“, вели Тибо Лецензал, шеф на Одделението за онлајн-комуникација во ЕП. Тоа е, вели тој, најдобриот начин да се „резвее озлогласениот облак надвиснат над Брисел.“

Blogger William Shears auf dem Weg nach Brüssel
Вилијем ШирсФотографија: Joseph O'neil

Видео наместо брошури со сјајни корици

Во снимките на Ширс, европската политика не игра голема улога. Наместо тоа, тој со пријателите започнал дводневна потрага по белгиското национално јадење: школки со пржени компирчиња. На крајот, младите биле задоволни и со „европски компромис“ - италијански тестенини.

Но, не на сите „инфлуенсери“ им е важна само забавата. Мадлен Ализаде за својот видео-прилог разговарала со двајца европратеници околу загадувањето на животната средина. Оваа 26-годишна девојка од Виена е една од најуспешните блогерки во Австрија. Во својот блог „Дариадариа“, таа пишува за одржлива мода, социјална неправда и загадувањето на природната околина. И таа, на повик од ЕП, стигнала во Брисел.

„На блогерите им дозволуваме пристап во ЕП на ист начин како и на новинарите“, објаснува Лецензал. „Сакаме да ја покажеме транспарентноста и во време на 'алтернативни факти', да важиме за доверлив извор.“ „Инфлуенсерите“ би можеле да помогнат пораката да стигне до што поголем број луѓе. „Мојата видео-снимка за ЕП ја видеа 140.000 луѓе“, гордо истакнува Вилијам Ширс. „Тоа покажува дека соработката со блогерите е величенствен начин за рекламирање на работата на ЕП. На овој начин многу поефикасно се стигнува до младите луѓе, отколку со класични кампањи.“

Како и досега, младите луѓе во Европа во голем дел се проевропски настроени. Во една анкета, седум од десет млади луѓе ја истакнале политичката важност на ЕУ. Без оглед на тоа, само една третина од оние помлади од 24 години излегла на гласање за ЕП во 2014. година. Дури и на референдумот за Брегзит во 2016. година, учеството на младите луѓе беше далеку под она на постарите граѓани на Велика Британија.

EUCouncil Instagram-Profil des Rates der Europäischen Union
Европските институции сѐ поприсутни на социјалните мрежиФотографија: Instagram/DW/D. Pundy

Врбување доброволци на Фејсбук

Пабло Перез Арментерос работи во малата екипа на Европската комисија за социјалните мрежи. И тој е убеден дека младите треба да бидат „вовлечени“ во политиката. „Се обидуваме да бидеме присутни на интернет и да одговараме на нивните прашања. Целта е да им покажеме што правиме за нив во реалниот свет, на пример, тоа да им го покажеме на Фејсбук.“ 

Новото тело на Европската комисија,  во кое многу се полага,  се вика „Европски солидарен корпус“. Тука млади на возраст од 18 до 30 години можат да се пријават за довроволна работа во други држави-членки на ЕУ, на пример за помош во повторната изградба по природни катастрофи. Првите доброволци во служба тргнуваат напролет. „Откако почнавме да се рекламираме на Фејсбук, интересирањето е огромно“, вели Перез Арментерос.

Pablo Perez Armenteros von der Europäischen Kommission
Пабло Перез АрментеросФотографија: DW/D. Pundy

Важно е политиката на ЕУ да биде присутна на социјалните мрежи“, смета и австриската блогерка Мадлен Ализаде. Сепак, според неа, политиката и натаму е споредна тема и самото присуство на социјалните медиуми не е доволно. „Ако сакаме вистински да го разбудиме интересот за европската политика во реалниот свет, пред нас имаме уште долг пат,“ вели експертката за комуникации. 

И Перез Арментерос има слично мислење: „Знаеме дека само преку социјалните мрежи не може многу да се постигне. Навистина, тие помагаат за нашата работа да ја прикажеме поразбирливо и потранспарентно, но на крајот сепак важно е на младите луѓе да им се обезбедат работни места и перспектива во реалниот свет.“

Јутјуб-блогерот Вилијем Ширс не сака да го загуби ентузијазмот. „Јас отсекогаш бев симпатизер на ЕУ. Но, дури во Брисел ми стана јасно колкава работа извршува ЕУ, за да ги држи собрани европските земји и народи.“ Тој, како Британец, посебно жали поради Брегзитот. „Едноставно, штета е што напуштаме институција која прави толку многу добро за голем број луѓе.“