1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел: Слободата во медиумите е одраз на демократијата

Марина Максимовиќ / Александар Методијев4 јуни 2014

„Ако сакате да дознаете за состојбата со демократијата во некоја земја, доволно е да ја погледнете состојбата со слободата во медиумите“, порачуваат од Брисел и предупредуваат дека со неа се условени евроинтеграциите.

https://p.dw.com/p/1CBjy
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Слободата во медиумите и изразувањето се клучните принципи кои секоја земја во процесот на проширување мора да ги почитува и ние на тоа му придаваме големо внимание“, изјави портпаролот на Европската комисија Петер Стано со констатација дека во Брисел се свесни за размената на пораки меѓу ОБСЕ и српската Влада по повод, како што наведува ОБСЕ, „загрижувачкиот тренд на цензура на интернетот во Србија“.

Во Европската комисија нагласуваат дека за прашањето за слободата во медиумите се разговара како со ОБСЕ, заштитникот на граѓаните и цивилното општество во Србија, така и со српската Влада во рамки на редовниот политички дијалог. Посебно се нагласува дека тоа прашање ќе биде предмет на пристапните преговори со Србија и тоа во едно од најзначајните поглавја – 23, кое се однесува на правосудството и основните права, но и во поглавјето 10, кое се однесува на информатичкото општество и медиумите.

Peter Stano Pressesprecher der EK für Erweiterung und Nachbarschaftspolitik
Петер Стано вели дека Брисел е свесен за размената на пораки меѓу ОБСЕ и српската ВладаФотографија: European Commission

Во дипломатските кругови во Брисел оценуваат дека Европската комисија, по правило, „не сака веднаш да реагира“, но дека со таквото соопштение „испраќа јасна порака“ дека медиумските слободи се прашање кое може „да го забави евроинтегративниот пат“, како и дека сега се чека да се види „како властите во Србија ќе одговорат на оваа порака“.

Власта мора да обезбеди слободен пристап до информациите

Тој „одговор“ на властите во Србија, конкретно на премиерот Александар Вучиќ, чекаат да го видат и во „Меѓународната федерација на новинарите“ (ИФЈ), која претставува над 600.000 новинари во 134 земји во светот. Иако велат дека немаат информации дека власта во Србија е вмешана во проблемот со хакирањето на вебстраниците и го повикуваат ОБСЕ да каже конкретни податоци, ако ги поседува, сепак во ИФЈ велат дека во случајот на Србија е „изненадувачки“ тоа што само проопозициски медиуми биле мета на хакирање и технички проблеми за време и непосредно по кризната ситуација во Србија.

„Не може да се прави она што се случуваше во Србија, каде беа блокирани сајтови, затворани профили, а луѓе испрашувани. Тоа не е начин кој би требало да постои во демократско општество. Многу е позитивно тоа што по почетните остри изјави премиерот Вучиќ одлучи, како сериозен политичар, да разговара со претставниците на ОБСЕ и изјави дека ќе ги реши проблемите. Нешто вети и сега ќе имаме прилика да го следиме исполнувањето на тоа ветување“, вели во разговор за Дојче веле Мехмет Коксал, задолжен за Србија во ИФЈ.

Symbolbild Pressefreiheit in Georgien
Колку една земја е демократска, одраз за тоа е слободата во медиумите во таа држава, порачуваат од БриселФотографија: DW

Во Бриселското седиште на Меѓународната федерација на новинарите нагласуваат дека не е доволно властите само да изјават дека „тие не се тие кои ги кршат медиумските слободи“, туку дека одговорност на самата влада е да обезбеди слободен пристап до информации во земјата.

„Нашите извештаи говорат за тоа дека 47 проценти од домаќинствата во Србија имаат пристап до интернет. Кога ќе дојде до блокирање на онлајн медиумите – тоа значи има влијание врз половина од населението“, вели Коксал. Од друга страна, одговорност и обврска на медиумите и новинарите е да поставуваат прашања, да проверуваат информации, изнесуваат факти и не вршат пропаганда.

„Во нормалните, демократски општества новинарите мораат да бидат заштитени во извршувањето на својата работа“, вели Коксал за Дојче веле. Тој потсетува дека во случај на објавување на лажни информации или навреди на сметка на државата или поединецот мора првенствено да се почитуваат законските процедури врз основа на кои на независниот правосуден систем, кој според оценката на ИФЈ е „уште еден голем проблем во Србија“, останува да донесе одлука за постоење евентуална вина.

Слобода во медиумите, но и изразување на општеството и поединецот

Проблеми во областа на слободата на медиумите во Србија се наоѓаа и претходно во извештаите на европските институции. Европската комисија во минатогодишната оценка за напредокот на Србија на патотот на евроинтеграциите инсистираше на примена на медиумска стратегија, решавање на прашањата за директно државно финансирање и контрола на медиумите, одржливост на јавниот сервис и транспарентност во сопствеништвото и финансирањето на медиумите во Србија. Иако Комисијата вели дека ја „поздравува определеноста на српската влада“ да направи напредок во тие области, во бриселското седиште на „Меѓународната федерација на новинарите“ оценуваат дека досега нема напредок по ниту една од дадените европски препораки.

Symbolbild Internet Password Hacking
Хакирани беа проопозициски сајтовиФотографија: Fotolia/apops

„Уште едно од прашањата кои ги загрижуваат сите кои ја следат медиумската сцена во Србија е новиот Закон за медиуми, кој е во подготовка. Премиерот не може да наметне закон во една област, а претходно да не се консултира со таа професија. Секако дека законот може да се усвои доколку имате мнозинство во парламентот, ама тоа ќе создаде нова криза. Затоа мора да се работи на дијалог со синдикатите и новинарските здруженија, а за добробитот на сите луѓе во Србија“, објаснува Коксал.

Во „Меѓународната федерација на новинарите“ посебно укажуваат и на постоењето на социјални консеквенци, односно постоење на новинарска самоцензура поради страв дека поради објавените информации ќе се загуби работата.