1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел предлага доселување уште 50 илјади бегалци во Европа

СН/ агенции
27 септември 2017

Со цел намалување на илегалната имиграција, ЕУ планира да отвори легални патишта за доселување на бегалци на кои им неопходна заштита. Временските рокови за граничните контроли во Шенген-зоната треба да бидат променети.

https://p.dw.com/p/2ko7E
Flüchtlinge an der griechisch-mazedonischen Grenze
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Европската комисија денеска предложи земјите од ЕУ да примат најмалку 50 илјади бегалци во рок од две години директно од Африка, од Блискиот Исток и од Турција за да се пружи „безбедна и легална“ алтернатива за опасниот пат на имигрантите преку Средоземното море.

Се предлага нова, необврзувачка програма за распределување на бегалците со која до крајот на 2019 година во Европа би биле доведени најмалку 50 илјади луѓе во најчувствителна ситуација на кои им е потребна меѓународна заштита, наведе Еврокомисијата во денешното соопштение.

За поддршка на земјите членки, кои би прифатиле бегалци издвоен е буџет од 500 милиони евра, со предвидени 10 илјади евра по лице.

Посебно внимание треба да им се даде на лицата од Либија, Египет, Нигер, Судан, Чад и Етиопија, наведе Комисијата и ги повика европските земји да продолжат со распределбата на мигрантите од Турција и од Блискиот Исток.

Брисел ја одреди оваа нова квота на денот кога истекува програмата за преместување на барателите на азил од Италија и од Грција. Според таа програма, во текот на две години е дозволено во останатите земји од ЕУ да дојдат 29 илјади луѓе од Грција и од Италија. Првобитната цел беше распределување на околу 160 илјади лица.

Mazedonien Stacheldraht an der Grenze zu Griechenland bei Gevgelija
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

За разлика од квотите за распределување на мигрантите, за кои земјите од ЕУ одлучија со мнозинско гласање и која наиде на жестоки отпори на некои членки, новиот предлог не е обврзувачки и членките на Унијата имаат дискреционо право да го прифатат или не. Брисел може само да апелира до нив да понудат прифатни места.

И покрај неуспешните обиди темелно да се реформира европскиот систем за давање азил, Еврокомисијата својата политика од последниве години ја оцени како успешна. Во меѓувреме постојат помалку мотиви за нелегална миграција, а покрај тоа границите се подобро заштитени. За да остане така, Комисијата предлага максималниот рок за гранични контроли во рамките на Шенген-зоната да се зголеми на три години. Досегашниот временски рок за контроли на внатрешните граници се покажа како недоволен во некои случаи, поради сериозни закани за јавниот поредок или внатрешната безбедност, појасни Комисијата. Германија, Франција и други земји поради терористичката закана побараа продолжување на тој рок од досегашните две на четири години.