Брисел, Истанбул, Џакарта: глобалниот терор во 2016
Дојче Веле потсетува на некои од поголемите терористички напади ширум светот во оваа 2016 година.
Самоубиствен напад во Истанбул, 12. јануари
Самоубиствениот напад на популарен плоштад во најголемиот град во Турција, однесе 13 човечки животи а уште најмалку толку луѓе беа повредени.Речиси сите загинати беа странци. Извршителот на нападот беше идентификуван како Набил Фадли, Сириец приврзаник на „Исламска држава“ (ИД).
Бомбашки напади во Џакарта, 14. јануари
Специјални сили на индонезиската полиција спроведоа рација во куќата на осомничениот терорист во местото Циребон, на островот Јава, по бомбашките напади на 14 јануари во Џакарта. Во серијата експлозии во главниот град загинаа 8 а повредени беа 24 лица. ИД ја презеде одговорноста за нападите.
Напад врз хотелот Сплендид, 15 јануари
Милитанти поддржани од Ал Каеда го нападнаа хотелот Сплендид во Уагадугу, главниот град на Буркина Фасо. Најмалку 23 лица од 18 земји загинаа притоа. Во заедничка операција на француски и сили на Буркина Фасо беа ослободени бројни заложници.
Бомбашки напад во Анкара, 17. февруари
Слободарските соколи на Курдистан ја презедоа одговорноста за нападот врз конвој автобуси, убивајќи армиски персонал и цивили за време на вечерниот сообраќаен шпиц во главниот град на Турција, Анкара. Загинаа најмалку 29 лица а повредени беа 60.
Напад врз хотел во Могадишу, 26.февруари
Бомбаш самоубиец со своето возило се удри во хотел во населбата Хамарвејн во главниот град на Сомалија, Могадишу. Вооружени лица потоа се втурнаа во зградата на хотелот. Во нападот извршен од милитанти поврзани со Ал Шабаб милицијата, загинаа најмалку 15 а повредени беа повеќе од десет лица.
Пукотници во Гранд-Басам, 13. март
Вооружени лица поврзани со северноафриканската гранка на Ал Каеда го нападнаа хотелот Етоил де Суд во Гранд Басам во Брегот на Слоновата Коска. Најмалку 18 лица загинаа а 33 беа повредени во нападот. Хотелот Етоил де Суд е популарен меѓу странците кои живеат во Брегот на Слоновата Коска.
Експлозија на автомобил-бомба во Анкара, 13 март
Автомобил натоварен со експлозив експлодираше на плоштад во центарот на турскиот главен град, убивајќи 37 лица и повредувајќи 127. Слободарски соколи на Курдистан ја презедоа одговорноста.
Самоубиствен атентат во Истанбул, 19 март
При самоубиствен бомбашки напад на Истиклал -главната шопинг улица во центарот на Истанбул-загинаа најмалку 5 а повредени беа најмалку 36 лица. Полицијата го идентификуваше напаѓачот: турски припадник на Исламска држава, Мехмед Озтурк.
Серија напади во Брисел, 22. март
Најмалку 34 лица загинаа а повеќе од 170 се повредени во координираните напади во Брисел. Најнапред во 8 часот утрината две смртоносни експлозии го потресоа аеродромот Завентем а еден час подоцна експлодираше бомба на метро-станицата Малбек, во близина на институциите на Европската унија.