1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брегзит: Катастрофа

Кристоф Хаселбах / превод: ЕМФ24 јуни 2016

Несфатливото се случи: мнозинството Британци сака да ја напушти ЕУ. Сепак, Унијата не би требало да дозволи да биде водена од одмазднички пориви, оценува Кристоф Хаселбах.

https://p.dw.com/p/1JCGg
Фотографија: © Getty Images/J.Tallis

Резултатот е катастрофа, и тоа за сите. Од оваа одлука може само да се губи. Застапниците за брегзит сега можеби се чувствуваат понезависни, но брзо ќе сфатат дека е тоа привидна независност. Земјата ќе стане посиромашна. И, што е многу важно - Обединетото Кралство може да се распадне, затоа што Шкотланѓаните со мнозинство гласови се изјаснија за останување во ЕУ и би можеле да се отцепат. Ќе станат погласни и повиците за обединета Ирска, затоа што надворешната граница на ЕУ по брегзит ќе минува среде Ирска.

Но, во најмала рака исто толку тешки последици може да се очекуваат и за остатокот од Европа. Не само што ќе недостига важен нето-плаќач. Ќе недостига земја со голема надворешнополитичка, дипломатска и воена тежина, држава која ја направи ЕУ поотворена кон светот и попазарно ориентирана. Британците особено многу ќе ѝ недостигаат на Германија. Има доволно земји кои со драго срце би ја изолирале ЕУ од глобализацијата и за кои буџетска дисциплина е непознат збор. Тука Лондон и Берлин беа на иста линија. Сега партнерот ќе го нема. Меѓутоа, можеби најважното прашање е политичко и е тешко сфатливо: Велика Британија можеби ќе стане пример за други. Не мора да значи дека веднаш ќе има други излегувања од ЕУ, но други држави би можеле барем да се закануваат со референдуми и, слично како во Велика Британија, прво би ги барале сите можни исклучоци и специјални права. На крајот би останала една ЕУ од која секој ќе си го бира она што му одговара и веќе нема да се обврзува на ништо. Ваквата лабава градба нема да може да биде глобален сериозен актер.

Каде е европската сила?

Многумина во Европа сега сакаат Британците да ја почувствуваат својата одлука за брегзит: Надвор е надвор. Отстапки не треба да има. Наместо тоа, тие сакаат од Велика Бртианија да направат пример со кој на другите држави со слични тенденции би им покажале дека за „дезертери“ (израз на претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер) нема пардон. Тоа би било човечки разбирливо, но би им штетело на сопствените интереси. Кој сака одмазда не гледа колку ЕУ-скептично, па и ЕУ-непријателско, е расположението во многу други држави во Европа. Со закани во оваа насока климата само би се загревала. Наместо тоа, сега би требало да се зачуваат нервите и да се направи обид за ново поврзување со Британците. Се разбира, тоа нема да биде целосна замена за ЕУ-членството, но политика „сѐ или ништо“ не е од помош.

Christoph Hasselbach
Кристоф ХаселбахФотографија: DW/M.Müller

ЕУ би требало и себеси да си постави критички прашања. На граѓаните веќе не им е доволна мантрата од Брисел дека сите проблеми се решаваат само со „повеќе Европа“. Пример за тоа е бегалската криза, која според многумина е најголемиот предизвик за континентот. Тука „повеќе Европа“ се состоеше пред сѐ во (германското) барање за распределба на еден тероретски неограничен број бегалци во цела Европа, кои во некои европски земји воопшто не можеа да влезат. И нерешената должничка криза со својот „европски одговор“ повеќе отвори јазови отколку што ги затвори процепите долж Унијата. Богатите држави се чувствуваат искористено, а сиромашните туторирано.

Вредноста од европската соработка во иднина ќе мора подобро да се образлага за секој поединечен случај. Не е доволно само да се укажува на ЕУ како мировен проект, а сите останати прашања да се туркаат настрана.

Да, британската одлука е кошмар. Таа истовремено е и најгласниот повик за будење кој може да се замисли. Она што сега мора да се направи е беспоштедна критика и размислување за она што во иднина се сака да се постигне заедно.