1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Браншата на компјутерски игри има сѐ поголема тежина

Томас Колман
22 август 2017

И гејмерите се избирачи, барем оние постарите од 18 години. Германските политичари непосредно пред изборите ја открија дигиталната заедница на играчи на компјутерски игри. Тие сакаат да бидат видени на Гејмском.

https://p.dw.com/p/2idev
10 Gründe für Köln
Фотографија: Koelnmesse GmbH

„Едноставно, да играме заедно“ - гласи мотото на овогодинешниот саем на компјутерски игри Гејмском (Gamescom) во Келн. Но, најголемиот светски саем во оваа бранша одамна не е само место за средба на гејминг-заедницата. Со обрт од повеќе од една милијарда евра - само во првата половина на 2017 година - таа стана магнет и за политичарите.

Германската канцеларка Ангела Меркел првпат оваа година присуствува на отворање на саемот за компјутерски игри, а во Келн ќе пристигнат и генералните секретари на сите важни партии во земјата. Тие ќе се појават на цела низа манифестации на саемот, кои ќе ги водат големи имиња на мрежата, како јутјуберот ЛеФлојд, со цел да им ги презентираат своите идеи на што е можно поголем број посетители на Гејмском.

Феликс Фалк се радува поради новиот интерес кој го покажува политиката. Меѓутоа, раководителот на Сојузот за интерактивен софтвер за забава (БИУ) има и конкретни претстави за тоа што политиката треба да направи за браншата да може да бележи динамичен раст и во иднина. „Посетата на канцеларката и на другите политичари е важен сигнал и покажува колку е големо значењето на гејмингот како културно и економско добро и каква е вредноста на браншата на компјутерски игри како иновативен фактор“, вели Фалк во разговор за ДВ. Но, германската политика не се ангажира доволно за браншата: „Среќни сме што во Германија се одржува најважниот настан во светот (во браншата, н.з.), но ние сѐ уште не сме толку добри како место за производство и развој. Во тој дел други држави прават многу повеќе“, додава Фалк, нагласувајќи дека земји како Канада, Франција, Англија, Италија или Полска се многу пред Германија во оваа сфера. Речиси во сите земји кои се сметаат за значајни места за развој на компјутерски игри постојат државни програми за поттик на оваа сфера.

Eröffnung  Gamescom Bundeskanzlerin Angela Merkel
Канцеларката Ангела Меркел го отвори овогодинешниот Гејмском во КелнФотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

„Повеќе производители наместо само конзументи“

„На сојузно ниво во Германија во поттик на развојот на компјутерски игри досега имаме инвестирано нула евра“, криткува Фалк. И тоа и покрај тоа што добрите политички рамковни услови се важни не само за медиумот и Германија како економски регион, туку и за добар бизнис. „Министерот за финансии за секое евро вложено во поттик, добива дополнителни даночни приходи, дополнителни инвестиции. Значи, на државата тоа ѝ се исплати.“ Според Фалк, треба што побрзо да бидат поставени насоки за Германија да стане „играч“ во гејминг-сферата, и тоа не само во делот на потрошувачката, туку и во производството.

Од иновативната сила на програмерите на игри одамна не профитираат само гејмерите. Од новите стандарди, како 4К во графиката или развојот на силни процесори и виртуелната реланост, профитира и индустријата, како на пример во делот на автономното возење. Сето тоа придонесува за тоа дигиталната забава веќе да не биде само маргинална тема во врвната политика.

VR Virtual Reality Brille
Посетител на Гејмском тестира очила за виртуелна реалностФотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Голем тренд - еСпорт

Во фокусот на минатогодишниот Гејмском беа очилата со податоци за излет во виртуалните играчки светови. Очилата кои беа претставени минатата година сега се значително поевтини, велат излагачите на саемот.

Еден од централните трендови годинава е - еСпорт. Тој полни огромни хали ширум светот. Таквите настани ги гледаат по десетици илјади луѓе, а паричните награди имаат и по осум цифри. Што е еСпорт? Тимови на гејмери настапуваат во живо и ја доведуваат атмосферата во спортските арени до точка на вриење. Дигиталните спортски настани се стримуваат и се коментираат во живо како топ-натпревари од фудбалската Лига на шампиони. Има сѐ повеќе еСпорт-клубови, а луѓето кои со тоа се занимаваат веќе вртат стотици милиони евра ширум светот.

Гејмском годината очекува повеќе од 500.000 посетители. На саемот се присутни 910 излагачи, од кои 72% од странство.