1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Панчевски: Не сум оптимист за Македонија

Теодора Лазарова
3 јануари 2022

Бојан Панчевски, Македонец кој повеќе од 15 години работи како новинар во познати светски медиуми. Актуелно тој е новинар во Вол Стрит Џрнал, живее во Берлин и е главен дописник за медиумот од Германија. Во нашата рубрика Ние во светот, Панчевски раскажува за својот животен пат и предизвиците пред него.

https://p.dw.com/p/4560K

Бојан Панчевски е Македонец кој повеќе од 15 години работи како новинар во познати светски медиуми. Актуелно тој е новинар во Вол Стрит Џрнал, живее во Берлин и е главен дописник за медиумот од Германија. Пред да му се придружи на новинарскиот тим во Вол Стрит Џрнал, Панчевски работи како дописник од Брисел и Виена, известувајќи од седиштето на Европската Унија, но известува и за конфликтот во Украина, миграциската криза од 2015 година, растот на Исламскиот тероризам, процесот на излегување на Велика Британија од ЕУ, во реномирани светски медиуми како Сандеј Тајмс, Дејли Мејл, Сандеј Телеграф… 

„Роден сум во Скопје. Во текот на студиите по компаративна книжевност во Скопје, првично пишував за македонски весници, но потоа ги продолжив студиите во Австрија, во Виена и почнав да пишувам за австриски весници од Виена, за понатаму да почнам да работам со интернационални медиуми на англиски јазик“, вели Панчевски. 

Бојан Панчевски е во тимот новинари кој го открива ФИФА скандалот, за што во 2016 година се наоѓа во селекцијата за Европската награда за новинарство и Британските награди за новинарство.

„Тоа беше интересна приказна. Бевме во Швајцарија со тим на колеги кои веќе работеа на таа тема и се откри длабока корупција што мислам дека и не е нетипично за тие големи спортски организации“.

Скопјанецот Панчевски е исто така дел од тимот кој го открива и скандалот со таткото монструм Јозеф Фрицл по што ја објавува книгата „Јас не сум чудовиште“.

Тој зборува течно англиски и германски и вели дека токму пишувањето на туѓ јазик е тоа што било еден од најголемите предизвици во професионалната кариера.

Со Панчевски како долгогодишен известувач од седиштето на ЕУ во Брисел, разговараме и за состојбите во Унијата како и политичките состојби во Македонија и аспирациите за членство во ЕУ.

„Не сум голем оптимист во однос на нашите ЕУ аспирации. Секако лично сакам Македонија да се придружи кон европското семејство, но мислам дека ќе треба уште многу време. Државата стагнира во секој поглед, владее огромна корупција и тоа опаѓање на системот во секој поглед, со секое мое доаѓање во државата е се повеќе видливо.“