1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Серија порази на Борис Џонсон

Барбара Везел
5 септември 2019

Три удари во рок од два дена: Парламентот е против Брегзит без договор и против нови избори. За да спроведе избори премиерот ќе мора да најде друг начин, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/3P2Ca
Brexit - Debatte im Unterhaus
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/House of Commons/J. Taylor

Секако вака не може да се владее. Наспроти волјата на премиерот, парламентот во вторникот го усвои дневниот ред на Долниот дом, во средата го изгласа законот против Брегзит без договор и на крајот го одби и барањето на Борис Џонсон за нови избори. Едно е јасно - премиерот веќе нема мнозинство во Долниот дом. Во меѓувреме има 29 гласа помалку. Но, триумфот на парламентот е само етапна победа.

Што постигнаа пратениците?

Ова се прави поради чувството на одговорност кон сопствената земја, нагласија пратениците од опозицијата уште еднаш во завршната дебата околу законот, со што треба да му се врзат рацете на Борис Џонсон против тврд Брегзит и истапување од ЕУ без договор. И групата на бунтовници од редовите на ториевците која застана на страна на опозицијата по ова прашање, остана цврсто на својот став до крај. Тие немаат што повеќе да изгубат, бидејќи премиерот ги исфрли од партијата уште по првото загубено гласање.

Во меѓувреме законот е во Горниот дом, каде поддржувачите на Џонсон со помош на огромен број пријавени пратеници за дебата и десетици амандмани ќе се обидат да го одложат донесувањето на законот. Исто така кај лордовите има силно мнозинство против Брегзит без договор, така што законот веројатно ќе пројде. Официјално би стапил на сила кога ќе го потпише кралицата.

London  House of Lords Oberhaus Abtimmung Brexit Gesetz
На потег за законот за Брегзит е Домот на лордовитеФотографија: picture alliance/AP Photo

Но дали законот ќе си ја исполни целта? Има сомнеж околу ова, бидејќи изјавите на Борис Џонсон се противречни. Од една страна тој рече дека под никакви околности нема да бара пролонгирање на датумот за Брегзит од Брисел, ако до 17 октомври не се постигне никаков договор. Од друга страна пак изјави дека ќе го почитува законот доколку се донесе. Но, многу лабуристи, меѓу кои и Лиса Ненди се сомневаат во ова: „Во последниве недели научив една работа околу Борис Џонсон: дека не може да му се верува на ништо што ќе рече." Во принцип сите веруваат дека ќе проба да најде начин да го заобиколи обврските кои произлегуваат од законот.

Нови избори да, но кога?

Наједноставниот пат за премиерот се нови избори. Тој мора да го форсира ова бидејќи во моментов е само „фикус“ во канцеларија. Ако победи на избори тогаш лесно би можел да го укине несаканото решение, кое го нарече „капитулирачки закон". Терминот треба да сугерира дека со него и понатаму се коленичи пред ЕУ за да се добие ново продолжување на датумот за истапување од Унијата. При тоа има и шефови на влади и држави, како на пример францускиот премиер Емануел Макрон, кому полека му истекува трпението во однос на британските проблеми и кои сакаат Брегзит да се реализира.

Џонсон сака избори на 15 октомври, два дена пред одлучувачкиот ЕУ самит. Тој сака „по секоја цена" да си го исполни ветувањето и на 31 октомври Британија да ја напушти Унијата. Но, Лабуристичката партија е поделена: Џереми Корбин изјави дека ќе даде зелено светло за избори, доколку законот за Брегзит без договор стапи на сила. Тоа може да се случи веќе во понеделник. Неговиот заменик пак, Џон Мекдонел нагласи дека не сака нови избори, и дека на премиерот не може да му се верува поради што порадо би сакал гласање по одлучувачкиот самит на ЕУ. Тајмингот сега е клучен и дел од опозицијата се обидува да си ја одржи предноста во однос на премиерот.

Брегзит - големата измама на Борис Џонсон

Борис Џонсон како диктатор

Борис Џонсон - со лаги до врвот

Најдоцна следниот понеделник опозицијата мора да се договори околу термин за нови избори, затоа што Борис Џонсон ќе дојде со второ такво барање за кое ќе му биде потребно просто мнозинство. Во спротивно ќе мора да ги врати пратениците од принудниот одмор, што го нареди, што би било малку срамно. Но тој ги исмеја лабуристите и ги предизвика:„Тоа што во Лабуристичката партија преовладува кукавичлак и одбива нови избори, е политички неодржливо."

Хаос кај ториевците

Исфрлањето на 27 пратеници од редовите на ториевците од кои некои долго ѝ служеле на партијата, и во средата предизвика реакции. Тоа се случи толку брзо и безобѕирно што други конзервативци доцна се свестија за да реагираат. На Борис Џонсон му беше пратено писмо во кое се бара уште еднаш да размисли за одлуката. Меѓу бунтовниците беше и внукот на Винстон Черчил, кој испрати горки зборови на адреса на Џонсон. „Секогаш сметав дека исходот од референдумот мора да биде испочитуван. Гласав за договорот за истапување наспроти мојот пријател премиерот, лидерот на фракцијата и други членови на кабинетот кои нѐ инспирираа со нивната лојалност за време на Тереза Меј". Претседателката на ториевците од Шкотска, Рут Дејвидсон, која се повлече од функцијата, твитна: "Во име на се што нѝ е свето, како може во конзервативната партија веќе да нема место за Ник Соамс?"
Борис Џонсон лееше крокодилски солзи вечерта на интервјуто за ИТВ: „Тоа се мои пријатели, исфрлањето не ми причинуваше задоволство". Реченицата изгледа треба да биде коригирана и да гласи „Тоа беа мои пријатели".

Планот на Борис Џонсон

Културната револуција во неговата партија во стилот на маоистичката стратегија е сосема во склад со планот на Џонсон. Ги уништува конзервативните со тоа што се ослободува од врзаното за традицијата, умереното и премногу либералното членство. Партијата од секогаш била прибежиште за членови со широк спектар, но премиерот сака да ја трансформира во деснопопулистичка народна партија. Изборите сака да ги добие исклучиво благодарение на Брегзитот. Неговата цел е да ги придобие гласовите на Брегзит партијата со тоа што ќе се покаже во најмала рака исто толку непопустлив како Најџел Фараж. Ако успее да ги придобие гласовите на сите Британци кои се за Брегзит, тој веќе е сигурен победник на изборите. Но, сепак нема да биде така едноставно како што си замислува. Според анкетите, ториевците во Шкотска ќе изгубат 10 од досегашните 13 места. Во другите делови од земјата се поставува прашањето дали традиционалните гласачи ќе сакаат да го поддржат новиот курс на партијата. Притоа силата на Борис Џонсон е слаба страна на неговиот противкандидат Џереми Корбин кој најдоцна по кампањата против Тереза Меј во 2017 го потроши својот политички кредит. Веројатно би бил лесен плен за Џонсон, со оглед на тоа дека по натегањата околу Брегзитот партијата забележа големи загуби на изборите за Европскиот парламент. Изборна победа за Џонсон сепак не е гарантирана. Ториевците по последните анкети водат, но четири недели до можни избори во овие околности во британската политика се многу долго време.