1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бордо - градот на виното

28 ноември 2010

Францускиот град Бордо претставува политички, стопански и духовен центар на францускиот југозапад. Тој има околу 240.000 жители, а од 2007 година се наоѓа под заштита на УНЕСКО поради неговото културно наследство.

https://p.dw.com/p/QHu7
Историската палата во центарот на БордоФотографија: T. Sanson

Кога ќе ги видите прекрасните фонтани и плоштади на градот Бордо, веднаш ќе сфатите зошто градот го привлекол вниманието на УНЕСКО. Од 2007 година целиот град се наоѓа под негова заштита, а стои и на листата на светски културни богатствa.Нашиот прв совет е да бидете внимателни и да не го оштетувате градот. Центарот на Бордо е навидум многу мал, но таму ќе ја најдете најдолгата пешачка шопинг-зона во светот. Улицата Света Катерина е главната артерија на Бордо, која според бутиците и продавниците воопшто не заостанува зад париската Шанзелизе. Тоа е перфектното место да се измешате со локалните жители и да уживате во шопинг.

По долгото пешачење, се препорачува да влезете во некоја од многуте пекари и да пробате локален оброк.

Нашиот втор совет е да пробате канеле

Bordeaux Frankreich Flash-Galerie
Од 2007 година градот се наоѓа под заштита на УНЕСКОФотографија: T. Sanson

Станува збор за десерт во форма на свеќа, што во Бордо се јаде уште од шестиот век. Можете да го најдете насекаде во градот, го има дури и во локалниот Мек Доналдс. Јадењето во Франција има големо значење, без разлика каде се наоѓате. Затоа и свежите багети со кашкавал, што ќе ги најдете на пазарите или во супермаркетите, се исто толку добри како и јадењето во ресторан.

Летата во Бордо се долги, а климата умерена, затоа можете да уживате во прошетките низ паркот дури и во есен. Градскиот парк Жардан Публик, иако се наоѓа блиску до центарот, наликува на градина од некоја палата. Затоа и нашиот трет совет е задолжително да го посетите. Локалните жители доаѓаат во паркот за да го видат куклениот театар, да ги хранат патките или, пак, едноставно да уживаат во сонцето. И дваесетгодишната студентка Ема е често тука: „Тоа е типичен француски лајфстајл. Вторник на пладне, в парк, да јадеш леб и кашкавал и да разговараш со пријателите.“

Во Бордо луѓето не зборуваат воопшто англиски

Chateau Latour, Jahrgang 1956
Градот Бордо е познат по производството на виноФотографија: picture-alliance/dpa

Доколку сте биле во европските метрополи како Амстердам или Берлин сигурно мислите дека секој млад човек добро го владее англискиот јазик. Но, тоа не важи за Бордо. Тиболт е дваесетгодишен студент, кој игра фудбал со своите пријатели, но и единствениот што собра храброст да каже на англиски што му се допаѓа најмногу во Жардан Публик: „Патките, дрвата, тревата, или да читам книга.“ Тука престанува познавањето на англискиот јазик на Тиболт. Нашиот четврти совет е да научите неколку фрази на француски. Тоа не е никогаш на одмет, но во Бордо особено ќе ви го олесни животот.

Кога денот полека се претвора во ноќ, на плоштадот Виктоар полека се собираат младите и студентите на Бордо. Тие најчесто одат во баровите или, пак, на скалите на прекрасниот плоштад Борс, на клупите покрај реката Гарон. „Сите млади луѓе се собираат тука затоа што навечер, особено на лето, сонцето заоѓа многу доцна. Местото е прекрасно, опколено е со историски згради, фонтани, а има и поглед на реката. Можете да понесете шише вино, да седнете и да се релаксирате“, објаснува студентката Емили.

Градот Бордо во светот е познат по виното. Затоа ви препорачуваме да присуствувате на една од туристичките тури, кои водат по околните винарии во Бордо. А, на крајот од денот, седнете со чаша вино покрај реката и уживајте.

Автор: Софи Тар/ Бисера Огњановска Митров

Редактор: Александра Трајковска