1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борба за демократијата во Романија

Петер Јанку
13 февруари 2017

Десетици илјади луѓе во Букурешт и натаму протестираат против корупцијата и социјално-либералната романска влада. Светлата од нивните мобилни телефони на 13. ден од протестите беа вклучени во боите на романското знаме.

https://p.dw.com/p/2XTg4
Rumänien Proteste gegen Korruption in Bukarest
Фотографија: Getty Images/AFP/d. Mihailescu

Тешки мразулци ги имаат опшиено покривите во Букурешт и висат заканувачки како Демоклеов меч над главите на минувачите. Дел од улиците се непроодни поради снегот и мразот. Властите и овојпат од снегот ги имаат исчистено само најважните булевари.

Владата и онака има сосема други, големи грижи. Огромната загуба на довербата предизвика кадифена револуција, која се прошири во целата земја. На Плоштадот на победата пред владината палата, речиси две недели секоја вечер се собираат илјадници луѓе за да демонстрираат мирно, обединето и креативно против владата на премиерот Сорин Гриндеану и неговите намери за олабавување на антикорупциските закони. Стратешки распоредените единици на полицијата, жандармеријата и луѓето од безбедносните служби кои маскирани како цивили ја следат состојбата пред зградата на владата, речиси и немаат што да прават. Насилство е последното нешто што ѝ е на ум на сѐ поголемата и погуста толпа демонстранти.

Тие сакаат да го изразат своето нерасположение, иако владата под притисок на улицата веќе го повлече спорниот итен декрет за декриминализација на злоупотребата на службената положба, со што се поткопуваше правната држава. Владејачката популистичка ПСД и нејзиниот лидер Ливиу Драгнеа, осуден поради изборна измама, и по отпуштањето на министерот за правда не ја повратија довербата на големи делови на населението. Кризата предизвикана со разнишувањето на нивната вердостојност е многу поголема отколку што Драгнеа и неговите сопартијци можеа да претпостават.

Rumänien Proteste in Bukarest
Фотографија: Reuters/S. Nenov

Протестите, и покрај студот, продолжија и во текот на викендот. Вчеравечер во главниот град протестираа речиси 60.000 луѓе. Тоа се главно млади или луѓе на средна возраст, но има и татковци со деца на рамената, пензионери, хендикепирани лица. Цели групи се слеваат кон насобраните пред владата. Дозволуваат да бидат фотографирани и прашувани од страна на домашните и странските новинари.

„Пружаме отпор“

Јоана, Елена и Каталин вадат лист изработен на компјутер, на кој има убаво испишани осум реченици. Гордо го покажуваат и потоа ги набројуваат барањата кои стојат во нивниот каталог: „Ниту една влада не смее повторно да донесе ваков итен декрет“. Тие бараат „транспарентност преку Е-Влада“. Сакаат вистински омбудсман кој „ќе биде тука за обичните луѓе“ и бараат директен пристап на граѓаните до Уставниот суд. Неопходна е и деполитизација на јавните функции, прекин на заплетканоста на парламентот и владата, на функции во власта не смее да има кривично гонети лица и како последно, но не и помалку важно - треба да се укине имунитетот на пратениците.

Дали сето ова може да се постигне со еден протест? „Не знаеме, но цврсто сме решени да демонстрираме сѐ додека не го постигнеме најзначајното“, одговара Каталин без колебање, а двете девојки енергично изразуваат своја согласност. Јоана укажува и на задната страна од нивниот плакат: „Ние пружаме отпор. Се гледаме на Пиата Виктореи“.

Rumänien Proteste gegen Korruption in Bukarest
Фотографија: Getty Images/AFP/d. Mihailescu

Се извикуваат барања за нова влада, смартфоните светат во боите на романското знаме сино-жолто-црвено. „Крадци, крадци“ и „Оставка, оставка“ скандира толпата полузамрзнати луѓе кои сепак се радосни и постојано танцуваат. Се веат романски, европски и американски знамиња. Луѓето си разменуваат погледи полни со надеж и разговараат возбудено. На дел од плактите стои „United we stand, divided we fall“ (Обединети ќе опстоиме, разделени ќе потонеме) и „we don't beLIVIU“ - фонетска алузија на името на шефот на ПСД и човек кој од позадина ги влече конците во државата, Ливио Драгнеа, кого го нарекуваат „Крал на лагите“.

Подбуцнати против претседателот

Меѓу демонстрантите е и поранешниот министер за здравство Влад Војкулеску. Што е тоа што не му се допаѓа кај оваа влада?  „Приоритетот кој нејзината агенда му ја придава на правосудството, нејзиниот популизам, антиевропскиот став на Драгнеа или на претседателот на Сенатот, Таричеану, на пример“, одговара тој. Дали протестите му даваат простор за отпимизам? Војкулеску, и покрај тоа што е млад (34 години), одговара со промисленост: „Итните декрети беа лакмус-тест. Тие разбудија многу луѓе, ги поттикнаа на политичко ангажирање и истовремено го прикажаа вистинското лице на власта.“

Паралелно со масовните протести против владата, од пред една недела повеќе стотици луѓе, главно постари Романци, се собираат пред Претседателската палата и бараат оставка на шефот на државата Клаус Јоханис. Тие го обвинуваат Јоханис за демонстрациите на Пиата Виктореи и во остатокот на земјата и му префлраат дека предизвикал расцеп во општеството. Подбуцнати од националистичките и ксенофобни пароли на телевизиите кои се блиски на ПСД, демонстрантите го обвинуваат Јоханис за предавство на земјата и распродажба на државата. „Тој треба да се врати назад во Германија“, извикуваат дел од нив, алудирајќи на припадноста на претседателот на германското малцинство во Романија. Пред неколку дена претседателот излезе на улица и побара разговор со нив. Попусто. Разбеснетата толпа само извикуваше свои пароли и не сакаше да разговара со Јоханис. Демократија изгледа сосема поинаку.