1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Бомбашки напад врз парламентарец во Киев

СН/ агенции
26 октомври 2017

Цел на нападот очигледно бил пратеникот на националистичка партија во украинскиот парламент. Тој преживеал, додека во нападот загинал неговиот телохранител

https://p.dw.com/p/2mWin
Ukraine Kiew Auto Explosion
Фотографија: Reuters/G. Garanich

Според наводите на министерството за внатрешни работи на Украина, во експлозијата на мотор-бомба во главниот град Киев е убиен телохранителот, а ранет е пратеникот Игор Мосијчук од редовите на Радикалната партија. Уште четири лица се повредени во нападот. Полицијата трага по напаѓачите и нивните мотиви. Властите веруваат дека станува збор за терористички акт.

Инаку експлозијата се случила во моментот кога Мосијчук и неколкумина други ја напуштале зградата на една локална телевизиска станица во населбата Соломјански. Експлозијата била предизвикана од мотоцикл паркиран во близина на телевизиската станица.

Ukraine Kiew Auto Explosion
Фотографија: picture-alliance/AA/V. Shtanko

Марк Грес, советник на Мосијчук, истакна дека пратеникот се здобил со „многу повреди од летечки парчиња, кои му ги погодиле екстремитетите, грбот и стомакот", но нема опасност по неговиот живот и моментно му се врши оперативен зафат. Телохранителот кој успеал да го прикрие со своето тело, починал на пат кон болница. Радикалната партија соопшти дека постојат сомневања оти инцидентот бил политички мотивиран, односно дека тоа било атентат врз нивниот член Мосијчук.

„Тоа е поврзано со неговите професионални активности и политички ставови. Јасно е дека ова е дело на нашите непријателски тајни служби", оцени лидерот на таа партија Олег Лијашко.

Советникот на украинскиот министер за внатрешни работи, Зорјан Шкирјак го нарече нападот „терористички акт", додавајќи дека истрагата за случајот ја преземала Украинската служба за безбедност.

По избувнувањето на конфликтот со проруските сепаратисти во источна Украина во 2014 година, е зголемен бројот на инциденти надвор од зоната на борбите во кои цел биле политичари и новинари.

Ukraine Kiew Auto Explosion
Фотографија: Reuters/G. Garanich

Во јуни, полковник во воената разузнавачка служба на Украина беше убиен од автомобил-бомба во центарот на Киев. Потоа во експлозија на автомобил бомба беше убиен новинарот Павло Шеремет кој беше остар критичар и на Русија и на Украина. Поранешниот руски пратеник Денис Вороненков, критичар на Кремљ кој се пресели во Киев, пак беше застрелан во март годинава. Украинскиот претседател Петро Порошенко за убиството на Вороненков ја обвини Русија и говореше за руски државен тероризам. Москва  ги отфрли ваквите обвинувања како апсурдни.  Сите овие случаи се уште не се разјаснети.