1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Богојески: Потребни се итни мерки за санација на последиците

9 ноември 2018

Се грижам за иднината на ВМРО-ДПМНЕ и не сакам да се реализираат последиците кои ги најавија европските партнери, вели членот на партијата Петар Богојески по средбите со функционери на ЕПП.

https://p.dw.com/p/37wGQ
Mazedonischer Reformpolitiker Petar Bogojevski
Фотографија: Privat

Петар Богојески, неодамна разрешениот заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со експресно исклучените членови на партијата - пратеничката Емилија Александрова и поранешниот партиски функционер Никола Тодоров, присуствуваа на Конгресот на Европската народна партија (ЕПП) во Хелсинки, на лична покана од нејзиниот претседател Жозеф Дол. Токму на оваа втора партиска постава ѝ беше посветено исклучително внимание, за што сведочеа голем број нивни средби со претставници на ЕПП. Богојески за ДВ ги сподели впечатоците и пораките од соговорниците, но и нивната загриженост за насоката во која се движи најголемата македонска опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Но избегна поконкретно да ги коментира наводите што неофицијално доаѓаат од кругови на ЕПП, дека ако партијата не се демократизира, може да биде исклучена од ова семејство, целосно да ја загуби поддршката, да биде прогласена за антизападна структура што шири евроскептицизам... 

ДВ: За првпат на Конгрес на ЕПП од ВМРО-ДМНЕ пристигнаа две делегации. Покрај официјалната партиска делегација, втората ја претставувавте разрешени и исклучени членови. Каква е пораката што ја испрати ЕПП со овој чин?

Петар Богојески: Учеството на Конгресот на ЕПП е индивидуална активност. ВМРО-ДПМНЕ има дополнителна вредност, со можноста да биде претставена во вистинското светло на внатрешното расположение. Точно е тоа дека ова е преседан, но уште поточно е дека е позитивен преседан. Како таков е прифатен и тука во Хелсинки. Сите активности се одвиваа во пријателска атмосфера. Пораката е дека ЕПП нема да толерира вакво поведение на шиканирање и понижување на сите оние кои имаме различни ставови од оние на дел од раководството. Тоа е дирекна порака за поддршка на декларираните реформски политики за демократизација, модернизација и европеизација на ВМРО-ДПМНЕ.

Вчера имавте средба со претседателот на ЕПП, Жозеф Дол? Како тој ја коментира насоката во која се движи ВМРО-ДПМНЕ?

За жал, впечатокот овде е дека сегашното раководство диригирано од почесниот претседател, продолжува да ги манифестира антизападните политики и недемократски практики. За нас, членовите на ВМРО-ДПМНЕ, како и за сестринските партии од ЕПП предводени од претседателот Жозеф Дол, овие политики се неприфатливи и излегуваат надвор од рамките на заложбите на ЕПП. Заеднички заклучивме дека партијата мора да расчисти со хипотеките од минатото, вистински да се реформира, и со нови лица од нова чесна трета генерација на политичари да се постави на пиедесталот кој го заслужува. Маргинална, националистичка, недемократска и антизападна партија нанесува само штета, како во политичкиот живот во Македонија, така и во семејството на ЕПП. Но највеќе си нанесуваме штета самите на себеси и им помагаме на СДСМ. Состојбата е до тој степен влошена, што се потребни итни мерки за санација од последиците. Последиците кои ги најавија европските партнери, не сакам да се реализираат, имајќи предвид дека сум лојален член на ВМРО-ДПМНЕ и се грижам за иднината на партијата. ВМРО-ДПМНЕ мора да оди напред и да се развива како демократска, европска, центар-десно партија, која ќе биде вистински коректив на сегашната власт. Она што било ветувано на средбите со европските лидери, е во целосна спротивност од она што е пренесено во домашната јавност. Тоа не е чесен пристап и тоа не поминува во меѓународната заедница. Премногу се потценуваат и странците и сите ние во Македонија.

Претпоставувам го имате предвид твитот на еврокомесарот Хан, кој „ја поздрави посветеноста на Мицкоски да не го попречува процесот во парламентот“...

Господинот Хан твитнал она што го заклучил. Јасна е пораката! Промена на политики, промена на тим, промена на сѐ она што го уништува ВМРО ДПМНЕ.

Кои беа пораките од другите ваши соговорници со кои се сретнавте на маргините на Конгресот?

На Европската народна партија ѝ треба стабилен партнер во Македонија. Не е прифатливо поради кратковидоста на раководството, целокупната европска агенда да остане монополизирана во рацете на СДСМ. Македонската опозиција мора да биде победничка опција. Имаме многу да сработиме во таа насока. Во овој момент за жал, и со овие политики, сме многу далеку од успех.

Со оглед дека на Конгресот присуствуваа 758 делегати и значителен број гости, во таа врвулица од луѓе и средби се сретнавте ли воопшто со партиската делегација или ви се разминаа патиштата?

Да, се сретнавме и кратко поразговаравме. Ние сме пријатели и се надевам имаме иста цел - победа на ВМРО ДПМНЕ.