Битката против расизмот уште не е добиена
21 март 2009Проблемот со расизмот во Германија во изминатава година значително порасна. Против тоа засилено се борат како цивилното општество, така и државата. Страшниот биланс може да се прочита во извештајот за заштита на уставот: во 2007 година се регистрирани 17.176 кривични дела од страна на десни екстремисти. Две третини од нив се т.н. пропагандни деликти. Овде спаѓа, на пример, јавното презентирање на противуставните симболи, како што е кукастиот крст.
Заедно против расизмот
Во рубриката „насилнички дела“, пак, можат да се најдат 845 физички повреди. Статистички гледано, тоа се 2,3 напади дневно насекаде во Германија. На ваквите антисемитски и расистички напади врз странци државата веќе навидум се навикна. Во кратки статии во весниците и полициски извештаи стои:
„14.01.2009 : при еден расистички напад во градчето Пирна, во покраината Саксонија, на отворена улица беше претепана млада жена со темна боја на кожата. Според полицијата, напаѓачот прво ја навредувал деветнаесетгодишната девојка со расистички зборови, а потоа ја удрил со тупаница в лице. 12.02.2009 година Берлин: Еден маж по потекло од Ангола, со темна боја на кожата, бил нападнат, на една од железничките станици во Берлин, навредуван со расистички зборови и на крајот претепан од двајца мажи меѓу 22 и 43 години."
Страшни податоци што беа прочитани од актерката Бибиана Беглау во Берлин, на отворањето на неделата за борба против расизмот. Речиси дваесет минути траеше невообичаеното читање на Бибиана Беглау и нејзиниот колега Матијас Фрајхоф, за време на прес-конференцијата на здружението „Покажи лице!“.
Треба да се ангажираат сите во општеството
Од 2000 година во здружението учествуваат и се ангажираат голем број познати и помалку познати личности од Германија. Тоа е дел од многубројните иницијативи на цивилното општество. Претседател на „Покажи лице“ е поранешниот владин портпрапол Уве Карстен-Хаје:
„Колку посилно е цивилното општество и колку поголема е будноста на поединецот да се спотивстави на секоја форма на дискиминација на работно место, на училиште или без разлика каде и да е, толку е поголема шансата да се совлада расизмот. “
Според Уве Карстен-Хаје „нео-нацистите не паѓаат од небо“, туку општеството ги прави такви. Стотици илјади млади луѓе немаат завршено основно училиште и немаат перспективи во општеството. Хаје на овој начин ја објаснува појавата на расизмот и омразата кон странците.
Германската влада е активна во борбата пртоив расизмот
Националниот акционен план против расизам, усвоен уште минатата година, треба да се спроведе на државно ниво. Со тоа Германија ќе исполни едно од барањата на Светската конференција против расизам, што се одржа во 2001 година во Дурбан. Во германскиот акционен план се наоѓаат сеопфатни програми и закони, кои треба да придонесат за постигнување на возвишените цели: демократија, толеранција и интеграција. Планот предвидува и помош за луѓето, кои сакаат да ја напуштат деснорадикалната сцена во земјата.
Но, и покрај ваквите напори, сепак има критики околу националниот акционен план против расизам, меѓу другото и од Германскиот институт за човекови права. Според нив, многу работи се премногу општо формулирани и необрвзувачки. И вице-претседателот на Бундестагот и пратеничка на левичарската партија, Петра Пау, има забелешки:
„Расизмот во Германија честопати се гледа како маргинален проблем, за жал и во политиката. Не се преземаат никакви мерки против расизмот во секојдневниот живот. Освен тоа, тој не е поттикнат само од десно-екстремистите, туку и од државни структурни одлуки, или законска дискриминација. На расизмот во секојдневниот живот не му се посветува доволно внимание. “
Државата и народот заедно против расизмот
Германскиот министер за внатрешни работи, христијанскиот демократ, Волфганг Шојбле, акциониот план го смета за добра основа во борбата против расизмот. Насилството и дискриминацијата мораат да се спречат со „ефективна превенција и рано поттикнување и зајакнување на општественото единство“:
„Постои подготвеност, како на државно ниво така и во цивилното општество. Затоа сум уверен дека ќе постигнеме напредок. Без ублажување на проблемите, навистина имаме забележливи напредоци. Значи се исплатува нешто да се направи.“