1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Биргит Фишер - неверојатна кариера

Ули Петерсен 25 јули 2008

Светската шампионка во кајакарство, Биргит Фишер, му остави белег на германскиот и светскиот спорт. 27 пати беше светска шампионка: меѓу првиот и последниот, осми златен олимписки медал, се протегаат цели 24 години.

https://p.dw.com/p/EjeF
Кајакарска легенда - Биргит ФишерФотографија: AP

Првата етапа од неверојатната кариера Биргит Фишер ја почнува на 1. август 1980 година: на Игрите во Москва го освои првиот златен медал во категоријата поединечен кајак на повеќе од 500 метри. На денот на трката таа има точно 18 години и 158 дена, што ја прави најмладата добитничка на златен медал во кајакарство на сите времиња.

На 18 години првиот златен медал

На сега веќе 46-годишната Биргит тешко и` оди присетувањето на тие моменти „Едвај се сеќавам на тоа. Повеќе го помнам Олимпиското село. До таму се стигнуваше со еден мал електричен воз. На самата трка се сеќавам само во делови. Мислам дека не сум од оние луѓе кои можат да ги запомнат деталите од повеќето работи што ги направиле во животот. Само се сеќавам дека дома си отидов со златен медал, а имав 18 години. Фантастично. На некој начин, тоа беше само почеток.“

Goldmedaille
Еден од златните медалиФотографија: AP

Напредокот на нејзината кариера за момент беше закочен. Во 1984 ги пропушти Игрите во Лос Анџелес, поради бојкотот на источниот блок и со тоа и` побегнаа три потенцијални златни медали. Четири години подоцна во Сеул, Фишер си обезбеди две олимписки победи во категориите за двајца и четворица веслачи, како и сребрен медал во поединечна категорија.

Игрите во Барселона најубавите во кариерата на Фишер

Следеше породилната пауза, која заврши токму пред Олимпијадата во Барселона во 1992 година. По вторпат Биргит го има в рака златниот медал во поединечно кајак-веслање и сребрениот во категорија за четворица.

Од денешна дистанца, Игрите по падот на Берлинскиот ѕид за Фишер се најубавите во нејзината кариера. „Игрите сами по себе беа интересни, со оглед на тоа што по пауза од цели три години почнав да тренирам во еден сосема нов систем и љубопитно се прашував дали сето тоа ќе функционира под новонастанатите услови. Дали во новиот систем ќе успеам да бидам доволно добра, дали ќе имам услови да тренирам, да најдам луѓе што ќе ме придружуваат, да најдам спонзори... тоа беа најнеизвесните прашања во тие моменти.“

За среќа, се одеше како што треба. Во 1996 година збирката медали ја надополни со златен медал во категоријата за четворица и сребрен медал за поединечно веслање. По уште 2 златни медали во Сиднеј 2000, Биргит Фишер одлучи – толку, крај, престанувам. Но, кариера не се напушта така едноставно, како што таа мислеше.

Кам - бек во Атина

На помалку од една година пред почетокот на Олимпијадата во Атина во 2004, веќе 42-годишната Биргит повторно почнува да тренира и обезбедува квалификација за нејзините шести по ред Олимписки игри. „Не дека сакав да им докажам нешто на луѓето, туку себеси дека и на нешто повозрасни години човек може да го извади најдоброто од своето тело, со добар тренинг и одлични луѓе околу себе. Иако морам да признаам, поради очекувањата што сите ги имаа од мене, бев малку под притисок.“

Birgit Fischer
Кајакот голема љубовФотографија: AP

Биргит Фишер не му подлегна на притисокот. Со неа на чело, на 27. август 2004 кајакот за четворица ја помина целта пред оној на Унгарките и на Биргит и` го донесе осмиот олимписки медал. Еден повеќе, односно 9, имаат освено само олимписките херои Лариса Латинина, Пааво Нурми, Марк Шпиц и Карл Луис. Следниот ден освои и сребрен медал во категоријата за двајца, што претставуваше 12-иот и последен олимписки медал за неа.

Во Пекинг меѓу публиката

Birgit Fischer
Упорната ФишерФотографија: dpa

Воочи Олимпијадата во Пекинг, Биргит исклучува можност од потенцијален кам-бек. Одлуката за ставање крај на кариерата овојпат е конечна. „Сега не ми е проблем кога ќе помислам дека во Пекинг нема да бидам на стартот на трката. Сепак, претпоставувам дека кога ќе бидам во Пекинг и ќе ги видам другите како веслаат, ќе си речам, ех, ете, можев и јас сега да бидам таму. Но, некогаш е така, доаѓа време кога човек мора да се откаже од нешто“.

Меѓутоа, Игрите во Пекинг нема да поминат сосема без Фишерови. Фани Фишер од Потсдам, 21-годишната внука на Биргит Фишер, се натпреварува во категоријата кајак за двајца. А најголемата поддршка од брегот ќе доаѓа токму од тетка Биргит.