1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Блатец полека се празни

Костадин Делимитов
30 ноември 2017

Од 1600 жители, денес во Блатец, место во источна Македонија, во близина на Виница, не се останати ниту половината. Се иселуваат посебно младите. Без инвестиции животот во оваа некогашна општина целосно ќе замре

https://p.dw.com/p/2oWYV
Republik Moldau Symbolbild Auswanderung
Фотографија: Elena Covalenco

Живее во Блатец, со мислите е во Австрија и Швајцарија. Сликите и сеќавањата се единственото друштво за утринското кафе на Цветко Стојмиров. Секојдневието му е празно, посебно периодов кога кај ќерките на помош е замината и сопругата

„Станувам сабајле, варам кафе, трчаш на работа, се враќаш и повторно сум сам дома. Го палам огнот, нема кој да ти направи ниту ручек, ниту вечера. Што да правам, тоа е моето"...

Цветко е тракторист во локалното комунално претпријатие во Блатец. Нема којзнае колку работа но барем му помага да ја ублажи носталгијата

„Ќе излезам надвор, ќе дојдам на работа и тука се вртам што велат како куче. Дури и на лошо време, еве како денеска гледате какво е времето“...

Блатец е синоним за иселувањето, посебно на младите. Цветко ги школувал двете ќерки, но не успеал да ги задржи во Македонија. Со годините, веќе и тој не чувствува ништо посебно што го врзува за родниот крај

„Како не би заминал, да дојде редот да имам шанси воопшто не би размислувал. Уште утре би заминал. Тука немам егзистенција. Со 10 илјадарки не можам да си платам ниту сметки“

Бесперспективноста е клучниот фактор за поразителната статистика. Веќе одамна билетот од ова место е во една насока-заминување и тоа што подалеку

Бранко Младеновски, матичар во Блатец, објаснува:

„Имаше убави години кога во фирмите во Блатец работеа по 500 луѓе. Имаше задруга Момин Преслап, погон на Руен Кочани, Трико Бел Камен. Во нив работеа 500 луѓе и егзистираа. Плус тоа работеа и земјоделие. Но сето тоа згасна со транзицијата од почетокот на 90-те. Денес нема ниту една фирма, а и тоа што го има е многу ситно. Затоа луѓето мора да ја бараат својата егзистенција во странство“

Од 1600 жители, денес во Блатец не се останати ниту половината. Поголем дел од куќите се празни, а се` поретко се полнат и за празниците и летните одмори. Без инвестиции животот во оваа некогашна општина целосно ќе замре.

Блатец полека се празни