1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

„Беше многу полошо од ова што ви раскажувам“

Андреа Грунау
3 август 2018

Четири илјади Роми беа убиени во ноќта на втори кон трети август 1944 година во Аушвиц. Мано Хеленрајнер од Минхен кусо пред тоа со семејството бил префрлен во друг концентрационен логор. Ова е неговата приказна.

https://p.dw.com/p/32ZPe
Auschwitz-Überlebender Hermann Mano Höllenreiner
Мано ХоленрајнерФотографија: DW/A. Grunau

Мано Хеленрајнер оди исправено. Овој 84-годишник ги поздравува посетителите уште пред својата куќа во баварскиот Метенхајм, 80 километри источно од Минхен. На скалилата се закачени фотографии на кои тој на германските претседатели Кристијан Вулф и Јоахим Гаук им го покажува својот затворенички број од Аушвиц: Z 3526.
Z значи Zigeuner (Циган) - под овој термин припадниците на најголемото европско малцинство биле прогонувани од страна на националсоцијалистите во Германија. „Бројот сакаат сите да го видат“, вели тој и го подигнува ракавот. Најпрво многу ослабел, вели тој додека му треперат нозете. „Тоа се нерви, што не изненадува со оглед на тоа што ви го правеле“, му рекол неговиот лекар.

Во ноќта од втори кон трети август 1944 година, распуштен е „Циганскиот логор“ во рамките на Аушвиц. Мажи, жени и деца се задушувале во гасните комори, телата се запалени. Историчарите од Музејот Аушвиц сега открија дека во таа ноќ умреле најмалку 4.000 луѓе, а не 2.900 како што досега се претпоставуваше.
Мано Хеленрајнер со родителите и сестрата кусо пред тоа е преместен во концентрациониот логор Равенсбрик. Во Аушвиц загубил многу роднини: „Роднини и нивни деца, тетки и мојата баба, која толку ја сакав, и таа беше задушена со гас“. Во текот на нацизмот убиени се вкупно 36 членови на неговото семејство.

Überlender des Holocaust - Hermann Höllenreiner zeigt Joachim Gauck
Мано му ја покажува својата затвореничка тетоважа на германскиот претседател Јоахим ГаукФотографија: picture-alliance/dpa/W. Kumm

Неговата мајка имала и еврејски предци. „Јас сум мелез“, вели тој. Од мајчина страна загинале повеќе од 100 луѓе. Во Аушвиц, овој 84-годишник веќе не патува, затоа што тоа го оптоварува.

Кога ќе го преплават сеќавања повторно ги слуша криците од концентрациониот логор. Мртвите од Аушвиц добиваат глас и стануваат видливи - среде дневната соба со антички баварски мебел. „Кога децата умираа, мајките врескаа. А потоа тие ги земаа и едноставно ги фрлаа врз купот“, се сеќава тој на бруталниот режим на логорските стражари.

Неговиот роднина и тој, во тоа време основци, ги носеле мртвите, вклучително и едно мало бебе. „Ја видов главата“, вели Мано. Ја гледа и денес: „Една толку мала глава!“ Труповите биле на купишта. „Купот мртви беше висок како мојот плафон“, вели тој и покажува со болен поглед кон плафонот во собата како сите да ги гледа горе.

Од една страна, би сакал сето тоа да го заборави, „но сѐ постојано се враќа“, вели Хеленрајнер. Неговата сопруга говори за ноќни кошмари во кои од него слушала речиси нечовечки крици. Сопругот благодарно ја гледа и вели: „Таа помина многу со мене“.

Херман Мано Хеленрајнер поради тоа активно се ангажира против заборавот. Одржал бројни предавања, често и пред училишни одделенија за „младите Германци да знаат што претрпевме во концентрационите логори и дека тоа беше злосторнички систем“. Некои ученици плачеа, некои аплаудираа, едно девојче плачејќи го прегрнала. За својата работа примил и орден на заслуги.

Учителот: „Вистински мал нацист“

Од одделението во Минхен, Мано често бегал и се криел зад олтарот во блиската црква. Учителот го шиканирал иако не изгледал како Ром. „Учителот беше вистински мал нацист“. Татко му Јохан Хеленрајнер имал превозно претпријатие со коњска запрега, токму како и неговиот брат. Ги нарекувале „Цигани!“
Кога започнала Втората светска војна, татко му започнал да служи во Вермахтот, а семејството се преселило на село. Мано си играл со децата на селаните. „Не знаев дека сум Циган“, се сеќава тој. Но, неговата баба била претепана кога се обидувала наоколу да продава копчиња, конец и чипка.
Татко му и чичко му од „расно-политички причини“ биле отпуштени од војската. Еден вештак од „Службата за расна хигиена“ го регистрирал семејството кон крајот на 1941 година како „цигански мелези“. Кога се вратиле во Минхен, таткото и чичкото биле изложени на принудна работа и под полициски надзор морале да поплочуваат улици.

Konzentrationslager Sachsenhausen Gedenkveranstaltung für ermordete Sinti und Roma - Hermann Höllenreiner und Frau
Мано и неговата сопруга Елзе последен пат го посетиле Аушвиц во 2012 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/B. Settnik

Во март 1943 година рано наутро полицијата им тропнала на вратата. Семејството морало веднаш да тргне, речиси ништо не можеле да понесат. Останало и малото кутре. Во полиција ги сретнале роднините и други Синти. „Ние бевме Германци!“, вели Мано Хеленрајнер, кој и денес е шокиран од прогонот кој немал никаква основа. „Мојот дедо и прадедо веќе служеа во војска. Ние сме германски Синти!“ Семејството Хеленрајнер со векови живеело во Баварија.
Пред 75 години тоа не играло никаква улога. Сите биле затворени во сточни вагони на железничката станица, без храна и вода, без тоалет - ноќен кошмар, се присетува Мано. Од таткото слушнал дека им била ветена фарма во Полска. Мано тогаш имал 9 години и повеќедневниот превоз му се чинел бескраен. Луѓето уште попат почнале да умираат.

При доаѓањето во Аушвиц му станало јасно дека приказната за фармата била лага. На секој поединец му бил истетовиран број, а главата избричена. Семејствата биле пикнати во „Циганскиот логор“ во бараки со кревети на три ката.

Mano Vater Johann Baptist Höllenreiner in Wehrmachtsuniform, 1941
Таткото на Мано, Јохан бил исфрлен од армијата затоа што бил „цигански мелез“Фотографија: Dokumentations- und Kulturzentrum Deutscher Sinti und Roma

„Мислевме дека ќе бидеме задушени“

Мајката го предупредила Мано да не ја пие водата загадена со тифус во Аушвиц. Но тој бил жеден и ја пиел. За јадење имале малку леб и скапана репка. Еднаш Мано минал покрај куќата на офицерите на СС, каде еден пес јадел од чинија. Тој се приближил, ја изел храната од чинијата, додека кучето само за'ржало.
Го сретнал и злогласниот доктор Јозеф Менгеле. Мано морал да ги носи чашите со препарати во кои биле ставани органите на децата кои Менгеле ги убил во „Циганскиот логор“. Свирепоста на Менгеле била позната.

„Нареди мали близнаци да скокнат од трет кат, а потоа одново ги составуваше“, вели Мано.
Во Циганскиот логор сите знаеле за блискиот крематориум - чадот од оџакот и мирисот на изгорено месо. Во 1944 година кога логорот требало да биде затворен, семејството Хеленрајнер спаѓало во оние кои биле планирани за префрлување во друг логор.

Кога членовите на семејството седнале во возот, локомотивата тргнала назад во правец на крематориумот. Сите почнале гласно да врескаат: „Мислевме дека ќе нѐ задушат со гас“, објаснува Мано. А потоа возот сепак тргнал во најавениот правец. Преживеаните дишеле длабоко, звучеле возбудено. „Мама и тато, сите врескаа. Такво нешто никогаш не смее да се повтори“, вели Мано.

Сеќавања на бившите логораши од Аушвиц

Постојано се прекинува самиот себе. „Воопшто не може да се раскаже како навистина беше во Аушвиц, во концентрациониот логор. Беше многу полошо од ова што ви раскажувам...“

Во СС-униформа!

Семејството прво било транспортирано во логорот Равенсбрук, а од таму по извесно време, Мано и татко му биле префрлени во логорот Заксенхаузен, во близина на Берлин. На војната ѝ се гледал крајот. Татко му и други затвореници биле испратени на фронтот. Им дале СС-униформи и ги принудиле да се борат против Русите. Имале голема среќа што војниците кои имале тетоважи со броеви од Аушвиц не биле стрелани.
Мано бил принуден да го напушти Заксенхаузен пеш кон запад во смртоносен марш кој малкумина го преживеале. Оние кои не можеле да се движат во длабокиот снег, едноставно биле стрелани на лице место. Мано раскажува како еден офицер на СС им рекол на еврејски маж и неговиот син дека „е штета да троши два куршуми за нив“ за да ги убие. Па таткото и синот биле принудени да стојат еден пред друг, синот напред со отворена уста. СС офицерот го ставил пиштолот во устата на детето и испукал. Мано видел што им се случило на луѓето, тој стоел до нив.

Mano Vater Johann Baptist Höllenreiner in Wehrmachtsuniform, 1941
Мано се вратил во своето семејство во декември 1946 годинаФотографија: Dokumentations- und Kulturzentrum Deutscher Sinti und Roma

Конечно, Мано успеал да побегне заедно со неколу роднини и други момчиња. Вели дека гледал како СС офицерите ги соблекувале униформите и ги заменувале со затворенички како што наближувале Русите.
Мано веќе не можел да оди, кога неколку француски затвореници го земале во нивниот железнички вагон. Му рекле само: „Не кажувај дека си Германец“.

Ксенофобија и расизам

Одеднаш војната завршила, а 11-годишниот Мано се нашол во Париз. Жена од Алзас која зборувала германски го земала кај неа дома. Таа станала неговата „тетка Фифине“, а нејзиниот син Пол му станал како брат. Мано не се вратил кај своите во Минхен, иако постојано го барале, до декември 1946 година.
Неодамна ѝ ја раскажал својата приказна на писателката Ања Тукерман. Таа ја прераскажа во книгата „Мано„. 84-годишникот вели дека е важно луѓето да знаат што точно се случувало во ерата на нацизмот.
Но, семејството Холенрајнер продолжиле да доживува расизам и непријателство долго по 1945. Сопругата на Мано, Елзе Холенрајнер вели дека едно лице во нивниот Метенхајм им порачало дека сака да го исчисти регионот од „Евреи, Турци и цигани“. Кога нивната ќерка отворила продавница за детска облека, била обвинета дека тоа е место за „перење цигански пари“. Елза Холенрајнер се соочила со тие луѓе и ги пријавила во полиција.

Но, таа вели дека имале и многу позитивни искуства. Макси, младо момче од соседството, ја прочитало книгата Мано во училиште. Едно регионално училиште исто така направило документарен филм за Мано. Многу млади луѓе му искажале поддршка на Мано за време на демонстрациите против десничарскиот екстремизам, на кои градоначалникот ветил дека секогаш ќе му биде на располагање на Мано.