1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлинската полиција уапсила погрешен човек?

Ж.А. /агенции
20 декември 2016

Истрагата по нападот со камион врз божиќен панаѓур во Берлин, добива неочекуван пресврт. Берлинската полиција не е сигурна дека го има уапсено вистинскиот човек.

https://p.dw.com/p/2UbIh
Deutschland Breitscheidplatz am Morgen nach dem Anschlag in Berlin
Фотографија: DW/F. Hofmann

Германскиот државен обвинител Петер Франк го зајакна сомнежот во апсењето на Пакистанецот како погрешен човек за нападот врз божиќниот панаѓур во Берлин. Истражителите мора да ја прифатат помислата дека „уапсениот евентуално не е атентаторот или не припаѓа на напаѓачката група“, изјави Франк во Берлин. Исто така е нејасно дали во нападот се вмешани повеќе лица.

Претходно, претседателот на берлинската полиција Клаус Кант, изјави дека не е сигурно дека синоќа уапсениот човек всушност е возачот на камионот кој влета во божиќниот панаѓур во Берлин. Но, недвојбено е дека делото во кое загинаа 12 луѓе, е свесен напад.

„Не можеме засега да потврдиме дека уапсениот бил возач на камионот“, изјави Кант во врска со уапсениот Пакистанец. Весникот „Ди велт“ цитира високорангиран берлински полицаец со зборовите: „Имаме погрешен човек.“ Постои нова ситуација, зашто „вистинскиот атентатор е вооружен и се наоѓа на слобода.“

Во овој контекст берлинската полиција ги повика повторно граѓаните на зголемена будност, замолувајќи да јават за секој сомнителен случај.

Deutschland Breitscheidplatz nach dem Anschlag in Berlin
Фотографија: DW/M. Stefanek

Претходно германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезие соопшти дека уапсениот го одрекува делото. Уапсениот е 23-годишен Пакистанец кој во Германија стигнал како бегалец. Тој на крајот на декември 2015 година преку Пасау влегол во Германија, а претходно се движел по т.н. Балканска бегалска рута. Според медиумите, тој живеел во бегалски дом сместен на поранешниот берлински аеродром Темпелхоф. Тој користел повеќе имиња и на полицијата веќе ѝ бил познат по поситни деликти. Радио РББ јавува дека утрово е извршен претрес на бегалското сместувалиште, но не е познато за извршени други апсења. Пакистанецот добил право на привремен престој во земјата во јуни годинава.

Истрагата ја води Сојузното јавно обвинителство од Карлсруе, надлежно за државна заштита. Камионот со полски регистерски таблички според полицијата околу 20 часот влетал на просторот на божиќниот пазар во населбата Шарлотенбург, навлегувајќи 50 до 80 метри и уништувајќи повеќе куќички-штандови. На совозачкото седиште на камионот е најден уште еден човек, Полјак, кој бил мртов. Полицијата соопшти дека човекот загинал од огнено оружје. Веројатно е дека убиениот човек е возачот на камионот. 

Весникот „Ди велт" претходно пишуваше дека во фаќањето на осомничениот Пакистанец, кој по влетувањето на камионот во божиќниот пазар побегнал, помогнал еден сведок на настанот. Тој на одредено растојание го следел и преку телефон постојано давал податоци на полицијата за движењето на осомничениот. Полициско патролно возило го пресретнало на два километри од божиќниот пазар.

Хорор на божикен панаѓур во Берлин

Камионот инаку припаѓа на полска шпедитерска фирма, чиј сопственик Ариел Зуравски за полската ТВН24 изјави дека по 16 часот загубил контакт со возачот, инаку негов роднина. „За него ставам рака в оган, дека не е атентатор, „мора нешто да му се случило", вели шпедитерот.

Полицијата претпоставува дека камионот, кој бил натоварен со челични конструкции и требало да биде истоварен во Берлин, бил украден.

Германската канцеларка Ангела Меркел изрази голема доверба во истрагата која треба да го разјасни „ужасното и несфатливо злосторство", кое длабоко ја потресло и мора да биде казнето, според острината на германските закони. Меркел во овие мигови во мислите е со настраданите и ранетите.

„Целата земја е обединета во жалоста", рече Меркел. „Според сегашните сознанија, станува збор за терористички напад. Знам дека потврдата на такво нешто за сите нас би била тешко поднослива, дека такво нешто извршил човек кој во Германија молел за заштита и азил". Меркел истакна дека не смее да се дозволи овој чин да ги натера луѓето да живеат во страв кој парализира.