1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлинска платформа за Големи неАлбании

31 мај 2018

Лабилноста на европската наратива, сега реплицирана од истокот, само ја реактуелизира идејата за Голема Албанија, но не како офанзивна, туку дефанзивна смисла.

https://p.dw.com/p/2yhjl
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

... или како Берлин, Вашингтон, Москва и Анкара ја легитимираат Голема Албанија.

На 27. март годинава, Парламентот на Романија изгласа едногласна, иако симболична, Резолуција за обединување на Романија и Молдова. Спикерот на Парламентот на Молдова и Премиерот на Владата во Кишинев одговорија со благодарност и потсетување дека 60% од нивните граѓани преферираат независност. Низ македонските медиуми, цитирајќи извори од институциите во Софија, периодично дознаваме за стотици илјади граѓани на Македонија кои имаат добиено бугарско државјанство, условено со декларирање бугарско потекло. Високи службеници и претставници на Софија не ретко излегуваат во јавност со изјави со кои се спорат идентитети на соседи или отвараат невралгични точки во регионот.

Ништо посебно шокантно во претходнио пасус, сѐ би било тип-топ доколку не беше вистински збунувачкиот аспект на овие настани – вчудоневидувачкиот молк на Вашингтон, Брисел и пред сѐ Берлин за таквите „загрижувачки тенденции, изјави и поведенија” од Букурешт и Софија. Оценки кои, доколку се навратиме троа наназад, беа редовен репертоар на наведените центри во кубење коси, мавање со чевли по клупи и кинење кошули во протест поради изјавите од Тирана, од оние на Мерсила Дода па сѐ до Тиранската платформа. Во хармонија со молкот на наведените центри следи и молкот на Москва и Белгград, дежурните паничари за било која албанска запирка и извичник и пиење кафе во група поголема од двајца. Стравувам на самата помисла каква ли канонада ќе следеше доколку, на пример, час утре Парламентот во Тирана усвои слична Резолуција за Косово, или пак Сали Бериша успее во намерата да дава пасоши на сите Албанци, онака како имаше намера пред Еди Рама со Берлин и Вашингтон да го спречат преку рушење на неговата влада. Но за некои работи и не мораме да чекаме за да ја осетиме смрдеата на хипокризија од западните центри која го следи секој селам-алејкум на било кој албански лидер со Ердоган и циничниот молк кога тоа го прават Вучиќ, Иванов, Груевски, Колинда и Орбан. Que paso, amigos!? 

Двојни стандарди

Во тој однос вината е најмалку кај Романија и посебно Бугарија. На која, слично како и со Албанија, не може да ѝ се замери однос кон Македонија кој ѝ бил негиран повеќе од 70 години како последица на воено-политичката диктатура на коридорот Север-Југ. Контроверзноста во дадениот случај не се должи на ревитализација на присилно замреното, туку на опасноста од напуштање на севкупниот баланс на односи во прилог на замената на диктатурата Север-Југ со онаа Исток-Запад. Одговорноста за тој можен нарушен баланс е секако во плиткоста на сегашната влада, но пред сѐ во непринципелниот однос на западните центри на моќ кои со својата селективна пренагласеност и презамолкнатост создаваат простор за сомнеж и недоверба.

Таквите двојни стандарди се највидливи во односот на Германија кон Албанците, исполенет со редовен гнев кон било каква, и најблага алузија на албански национализам и гробовски молк за било каква слична про-големо-бугарско-романска реторика. Аргументите во полза на тивката и необјавена но катадневно сѐ покoнтрадикторна политика на Берлин се дека таа е нус-продукт на Тиранската платформа на Еди Рама. Но во основа, тој аргумент паѓа на првата забелешкка дека истата дојде години подоцна по трендот на пасошкото побугарчување и германските инвестиции според религиски параметри низ Македонија. Причините за таквиот дубиозен однос се многуслојни, почнувајќи од моќното про-руско лоби во надворешната политика на Берлин, добар дел од медиумите и невладините организации, сѐ до скорешниот подем на АфД и ксенофобијата. Таа димензија на вечен сомнеж базиран врз инструирани или спонтани предрасуди е надополнет со реал-политички аспекти на ривалство помеѓу Германија и САД и конвенционалната убеденост дека Вашингтон е поборник на идејата за Голема Албанија. Па поради тоа подршката на Берлин кон Голема Бугарија е, нели, природен и логичен пандан на наводните аспирации отаде Атлантикот. Таквата опсервација има и една друга, подлабока димензија која ја определува поставеноста на двете земји кон регионот како последица диктирана од  нивниот надворешен поглед врз светот, т.е. воено-политичкиот ракурс на САД и економско-технолошкиот примат на Германија, како спротиставени сили на привлечност и моќ.

Globus mit Geldscheinen
Фотографија: picture-alliance/blickwinkel

Премолчана и толерирана корупција

На наша кожа осетено, тоа се преведува во равенката – САД гарантира безбедност но не и економија, додека пак Германија гарантира економија, но не и безбедност. Колку и да се навидум неспоиви во својата бит и суштина, Германија и Америка сепак имаат еден битен и непријатен момент на приближување, оној на споделена наклонетост на двете полит-дипломатии кон домашните крим-коруписки центри како идеално преферабилни „домашни респектабилни сили за соработка”. По таа логика, оценките за спремноста на определена земја за членство во НАТО е диктирана од соработката со пост-комунистичките криминализирани безбедносни фактори, додека пак преферабилноста за членство во ЕУ е одредена од степенот на соработка со корумпираните банкарски и економски магнати. Во тој мал детал лежи и наклонетоста на Германија кон членството на Македонија во ЕУ поради доминацијата на германскиот капитал во Македонија (и отсуството во Албанија) и контаминацијата со премолчана и толерирана корупција. И обратно, инситирањето на САД за итно членство во НАТО базирано врз толерирање, јакнење и замижување пред силниците на власт со Made in USA демократски вратоврски. Заклучокот е суморен – за двете моќни земји со усти полни лекции за отчетност и владеење на законот, нивните дела се прилично контрадикторни со реалноста и неславни со пораката која ја упатуваат. Само кефот на путинистите и исламистите ме спречуваат да ја парафразирам Крлежијанската мудрост - бог да нѐ спаси од германската финансиска одговорност и американската борба против корупција.

Претходни колумни од авторот: 

Кога Зоки го сретна Мицко

Арсен Вели, Erga Omnes За Сѐ!

Баучот на емоциите кружи над Балканите

Контрапродуктивни ефекти

Инсистирањето на Вашингтон и Берлин врз тврдокорно фаворизирање на таквиот однос не само што не води кон решение за регионот, туку и ја продлабочува скепсата, сомнежот и песимизмот во подобро утре. Асполутистичките инсистирања на фаворизирање (сепаратни но идентични) послушнички клиент-лидери во регионот на крај резултираат со експанзија до епидемија на општо прифатен клиентелизам на граѓаните како голо-егзистенцијалистички спас во кој нема ни вредности, ни убедувања, ни идентитети, ни визии – само ЕУ флоскули и НАТО пароли. Во таква реалност било кој „историски успех” е нешто повеќе од лажно-скромен наклон пред публика платени аплаудери. Таа поука редовно се пропушта да се научи, а чинам дека и сега минуваме низ иста реприза. 

Никогаш како досега, при сегашните напори за разрешување на статус квото (кое самите Амеро-Германци го наметнаа) не била посоодветна црногорската поговорка – знаете што работите, поим немате што правите. Притоа, вревливиот молк на Берлин за, да речеме, интересните пораки од службени лица од Софија кон идентитетот на Македонците нека остане да биде толкуван од самите Македонци како директно засегната страна, но и од заинтересираните страни од Атина, Анкара и Вашингтон.

Легитимирање на идејата

Она што сепак треба да се укаже во оваа прилика е рефлексијата на пореметената западна биполарност кон Албанците и ефектите кои веќе ги предизвикува низ де факто легитимирање на идејата за Голема Албанија токму од страна на најгорливите контра—поборници на истата, т.е. Берлин, Вашингтон, Анкара и Москва. Ситуацијата во која германското премолчување на поинакви Големи не-Албании неминовно го става во прашање гео-политичкиот договор низ кој Западот – и пред сѐ Берлин – ја имаат стекнато довербата на Албанците за напуштање на „ретроградните историски митови” во полза на европските вредности, стандарди и судбини. Лабилноста на европската наратива, сега реплицирана од истокот, само ја реактуелизира идејата за Голема Албанија, но не како офанзивна, туку дефанзивна смисла. Она што клиентел-корупмираната ергела албански лидери ем не знае ем не смее да го пренесе пред менторите, не ја спречува бурната енергија на дебата сред нивните заборавени граѓани кои во албанството веќе не препознаваат само етничка, туку и длабоко идеолошка и цивилизациска спона. А тоа е дека во дадената состојба на директната атака кон Албанците изложени на средовековен исламизам во отоманско руво, средновековно христијанство во ЕУ-нијатска одора и средновековно православие во квази-анти-империјалистички путинизам, идејата на Голема Албанија станува не само одбрана на етничкиот идентитет, туку и фактор на одбрана на секуларизмот и либерализмот од примитивизмите на Gott Und Boden, мед и крв, темјан и дим. Среде таа поставеност на избор помеѓу Европска Христијанија, Православна Болјарија и Исламска Отоманија, идејата на Голема Албанија е исклучок од колапсот на националните идентитети на западот и збег од дебаклот на секуларизмот на истокот. И таа реалност не е аспирација на Албанците, туку нус ефект на колапсот на либералниот поредок. Упростено, критиката за Голема Албанија се елиминира од некритичноста кон другите пандани, а во тоа можеби Берлин ќе си најде некоја мува на глава.  

Промашените визии на Германија и САД за регионот ја дотепаа Голема Албанија со сѐ албанскиот хетероген национализам по мерка на подем на Голема Отоманија и Мега Христијании кои сега настрвено целат кон нивните души. Споредна жртва од овој еуфоричен и кратковид однос на Берлин (и делумно Вашингтон) секако е нејзиното омилено чедо – ЕУ. Која низ наведените двојни стандарди ја има минирано, девалвирано и обесмислено целосната агенда на европски вредности и воедно исчашено процесот на интеграција во регионален етно-национален натпревар, ривалства и конфронтации. Тој натпревар започнат со глупавите изјави на Јункер за „Црна Гора и Србија напред, останатите стој”, сега ексалира со молкот на Берлин кон авантурите на Големите неАлбании низ регионот. Доведувајќи ја во прашање не само мировната сила на интеграциите во ЕУ, туку и самиот имиџ на Берлин како чесен посредник.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач