1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин се потсетува, 25 години потоа

Н. Веркхојзер/Б.Георгиевски9 ноември 2014

Стотици илјади Берлинци и посетители викендов ја прославуваат 25. годишнина од падот на Ѕидот. Главен белег на прославата ѝ дава светлосната инсталација која е поставена на местото каде некогаш беше Ѕидот.

https://p.dw.com/p/1DjZx
Фотографија: DW/N. Werkhäuser

Најфотографираниот мотив во главниот град е лесно препознатлив: тоа е инсталацијата од 7.000 балони, кои ја одбележуваат трасата на која се наоѓаше Ѕидот. Оптички спектакл во кој уживаат домашните и гостите. „Прекрасна идеја“, вели Бригита Волф, која допатувала тука со семејството од јужна Германија. Оваа 78-годишна жена била сведок на изградбата на Ѕидот во 1961 година и добро се сеќава како изгледал неговиот пад пред 25 години. „Плачев. Потоа отворивме шише шампањ и славевме“.

Радост и болка- како и многу други постари луѓе и Волф го поврзува падот на Ѕидот со нејзината судбина. Нејзиното семејство било поделено исто како и земјата. Денес речиси и да не го препознава Берлин. „Чувството на ограденост, кое беше толку присутно во поделениот Берлин, денес повеќе го нема“, објаснува нејзиниот син Михаел.

Инсталацијата Ѕидот на светлината ќе биде активна до недела вечер, од Бранденбуршката порта до поранешниот граничен премин на Борнхолмер штрасе, каде падна и првата бариера таа ноќ.

25 Jahre Mauerfall - Lichtergrenze
„Светлосната граница“ во БерлинФотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene

Кусо претходно, функционерот на Социјалистичката партија на единството (СЕД) и член на Политбирото Гинтер Шабовски најави на прес-конференција дека на граѓаните на ГДР ќе им биде дозволено да патуваат во странство, „безусловно“. Тоа беше почетокот на крајот на Берлинскиот Ѕид и на ГДР.

Оваа прочуена сцена од прес-конференцијата на Шабовски постојано се повторува на голем екран пред Бранденбуршката порта (насловна фотографија), со превод и на англиски јазик, за да можат да ја разберат и странските посетители.

Критики од Горбачов

Паралелно со фестивалската атмосфера на улиците на Берлин, поранешниот советски лидер Михаил Горбачов во градот одржа говор кој не звучеше многу празнично. Од крајот на Студената војна, нивото на доверба меѓу Русија и Западна Европа забележа голем пораст, но оваа доверба колабираше последниве месеци, предупреди добитникот на Нобеловата награда за мир.

„Светот е на прагот на нова Студена војна. Некои велат дека веќе започна“, рече Горбачов. Токму неговата политика на перестројка го овозможи германското обединување. 83-годишниот го обвини Западот, а особено САД, дека ги искористиле слабостите на Русија по завршувањето на Студената војна и биле „кратковиди“ во остваруваањето на своите интереси.

Како примери, тој ги наведе не само проширувањето на НАТО на исток, туку и конфликтите во Сирија, Либија и Ирак. „Овде во Берлин, на годишнината од падот на Ѕидот, морам да кажам дека сето ова имаше негативно влијание врз односите меѓу Германија и Русија, која беше примерна“.

Berlin Michail Gorbatschow Michail Gorbatschow 08.11.2014
Михаил ГорбачовФотографија: picture-alliance/dpa/Jens Kalaene

Прослави низ целиот град

Официјалниот дел од прославата започна утрово (9.11) во меморијалот на Бернауер штрасе. Канцеларката Ангела Меркел им оддаде почит на оние кои ги загубија животите на Берлинскиот Ѕид. Најмалку 138 луѓе беа убиени, повеќето застрелани од источно-германските граничари во обид да побегнат, и во нивна чест се отвора и нова изложба. На ова место се наоѓаат и последните остатоци од Берлинскиот Ѕид, кој е зачуван заедно со граничните караули. Меморијалот досега го посетиле повеќе од 5 милиони луѓе. Прославата ќе заврши вечерва со свечено отпуштање на 7.000 балони од светлосната инсталација која е поставена на трасата каде некогаш се наоѓаше Ѕидот.