1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонска берза, 25 години потоа

Иван Штериев
25 март 2021

На 28 март 1996 година започна со работа Македонската берза. Деновиве се одбележуваат 25 години од првиот ден на тргување. За првите денови на Берзата пишува Иван Штериев, кој е дел од тимот од нејзините почетоци.

https://p.dw.com/p/3r4iZ
Nordmazedonien Ivan Steriev
Фотографија: privat

Деведесеттите години од XX век, гледано од паневропска перспектива, беа период на еуфорија, оптимизам и надеж за подобра иднина. Социјализамот, и оној со и оној без човечки лик, целосно и ненадејно се срушија како кула од песок. Френсис Фукујама прогласи крај на историјата, а Џефри Сакс ја пропагираше потребата од шок терапија како лек за болните плански економии. Либерализацијата во стопанскиот живот стана водечка мантра, а приватизацијата света крава. Сите, вклучително и довчерашните комунисти, станаа безалтернативни поборници на пазарната економија. Дебатите дали економските реформи на поранешните социјалистички држави во Европа можат и треба да се спроведат без претходно да се изградат ефикасни институции или двата процеси треба да се одвиваат паралелно, се актуелизираа подоцна. ММФ и Светска банка наметнаа високи реформски таргети што требаше брзо да се остварат. Политичарите се сметаа за успешни според бројот на фирми кои ги приватизирале или планираат да ги приватизираат. Со други зборови, во деведесеттите економската агенда на постсоцијалистичките општества беше повеќе од амбициозна и според неа и нејзините заговорници градењето нова пазарна економија, помеѓу другите општествени бенефити, неминовно и само по себе требаше да доведе до создавање на ефикасен пазар на капитал што ќе ги редистрибуира финансиските вишоци и ќе врши оптимална алокација на ресурсите во економијата. Ова стојалиште беше стимулирано и од локалниот, наивен ран ентузијазам и од странските експерти што ги преплавија земјите во транзиција во рамките на многубројните програми за техничка помош од Западот.

Во тој период, додека Унгарија и Полска, за разлика од денес, беа шампиони на новото време, а Советскиот Сојуз и неговите држави наследнички доживуваа катарза, повеќедецениската политичка и економска интеграција на јужнословенските простори се распадна по сите шевови. Приватизацијата, како мајка на сите реформи, започна уште во поранешна Југославија, со законот на Анте Марковиќ кон крајот на осумдесеттите, подзапре малку заради турбулентните политички и воени случувања на почетокот од деведесеттите, за во независна Македонија да се озакони и интензивно да продолжи од 1993 година натаму. Приватизацијата, освен што суштински ја менуваше сопственоста на капиталот, значеше и корпоратизација на транзициските економии во смисла на тоа што носечките деловни субјекти станаа акционерски друштва. Оттука, создавањето на акциите како преносливи хартии од вредност и бројните акционери како нивни сопственици го отвори прашањето за размена на акциите, односно нивно организирано и централизирано тргување.

Македонските економски работи и берзата

Историски гледано, берза на хартии од вредност на просторот на Македонија, без разлика на политичкото уредување, немало. Податоците покажуваат дека единствено постоела агроберза во Скопје основана во 1929 година, во предвечерието на Големата светска економска криза. Македонското стопанство, пред социјализмот, било доминантно аграрно, а формирањето на крупни трговци и граѓанска капиталистичка класа, како што е познато, одело многу споро. Дополнително, проминентните претставници на овие општествени слоеви често не биле од редот на домицилното население и сервисирањето и финансирањето на деловните потреби и личните инвестициите го правеле во другите поразвиени финансиски центри во регионот. До почетокот на Втората светска војна, бројот на акционерски друштва и локалните потреби за формирање на берза на хартии од вредност никогаш не пораснале на ниво за да се размислува за формирање на ваква институција во Македонија. Во кралството Југославија берзи на хартии од вредност постојат во Белград, Загреб и Љубљана. Токму во овие три града се формираат и првите нови берзи во 1989 и 1990 година, во ерата на создавањето на т.н. интерни акции. Ова се случува после речиси пет децении социјалистички модел на економија во кој за берза од идеолошки причини не можело да стане збор.

Задоцни ли берзата кај нас?

Во тие пет-шест години, од создавањето на првите акционерски друштва во тогашна сеуште Социјалистичка Република Македонија до формирањето на Македонската берза во 1996 година, преносот на сопственоста на акциите или не е дозволен (во првата фаза на постоење на т.н. интерни акции) или се одвива нетранспарентно и децентрализирано, преку билатерални договори и индосамент. Тоа е период кога фокусот е примарно на спроведување на приватизацијата и менување на економскиот поредок. Акциите се нус производи од тој процес. Практичниот фокус не е толку во преносот на сопственоста на акциите, односно организација на тргувањето (иако секако има интерес и за тоа во функција на стекнување на поголема сопственост во претпријатијата), туку во контрола на водењето на акционерските книги што се најголема деловна тајна. Посериозни иницијативи за формирање на организирана берза во Македонија нема, ниту кога непосредно пред распадот на Југославија, како што е погоре нотирано, се формираат берзите во другите републики, ниту во првите неколку години од независноста. Искуствата на другите држави во тој период се дека како основачи на берзите на хартии од вредност на почетокот на транзицијата најчесто се јавувале или државата (во некаква форма) или финансиските институции (спонтано или повторно поттикнати од државата). Во некои транзициски држави, во иницијалното нерегулирано окружување никнувале и повеќе од една берза, при што како основачи се јавувале различни субјекти, вклучително и физички лица (таков, е на пример, случајот со соседна Бугарија каде сето тоа на почетокот на деведесеттите одело многу стихијно). Во Македонија, според наши сознанија, во првите неколку години од деведесеттите приватна иницијатива за формирање берза не постои, а државните институции се преокупирани со други политички и економски приоритети и формирање на берза не е на нивната агенда. Гласност за потребата од формирање на берза како нужна институција во една пазарната економија и како место за организирано тргување со акциите што се креираат преку приватизацијата, најмногу доаѓа од Агенцијата за приватизација, односно нејзиниот претходник Фондот за развој.

До 1994 година нема конкретна иницијатива за основање берза, ниту државна ниту приватна. Таа година, на фонот на се посилните перцепции дека на новата корпоратизирана домашна економија и треба и функционална ефектна берза, под индиректно покровителство на Агенцијата за приватизација се канализира првата формална инцијатива од страна на повеќе правни лица, меѓу кои и неколку приватни претпријатија. Одржано е основачко собрание, избрани се органите на управување и поднесени се документи за добивање на дозвола за работа до Комисијата за хартии од вредност како регулатор во овој сегмент (истата е формирана една година претходно, во 1993 година). Но, Комисијата го одбива барањето за формирање на оваа берза, повикувајќи се на законски одредби кои биле донесени пред распадот на Југославија (дека основачи на берза можат да бидат само финансиски институции) и коишто македонската држава ги преземала при брзото формирање на новиот сопствен правен поредок. Дали оваа иницијатива морала да заврши токму на овој начин и каква била координацијата помеѓу основачите и различните институции што биле инволвирани во оваа епизода е прашање на кое, од историска дистанца, можат да се добијат различни одговори. Како и да е, по овој неуспешен обид, во текот на 1995 година, иницијативата за формирање на берза од Агенцијата за приватизација се префрла во Министерството за финансии. За овој проект, на државно ниво, се обезбедува сериозна техничка помош од Велика Британија, преку UK Know-How Fund, и истовремено се анимираат и убедуваат финансиските институции, како единствени можни основачи на берзата во важечката правна рамка, да влезат во овој проект, да вложат свој капитал и да овозможат да се формира првата берза на хартии од вредност во Македонија.      

Првото берзанско ѕвоно

Од овој момент работите рапидно се забрзуваат. Паралелно се случуваат неколку работи. Странските консултанти доаѓаат во Македонија и отпочнуваат со проектот за формирање на берза. Тие работат паралелно на неколку фронта – преговори со потенцијалните основачи на берзата, креирање на деталната правна рамка за функционирање на пазарот во целина и интерните акти на берзата, обука и лиценцирање на првите брокери и вработени во берзата, дизајнирање на системот и правилата за тргување со хартии од вредност и порамнување на берзанските трансакции итн. Се формира локалниот тим што работи на формирањето на берзата. Како резултат на сите овие интензивни активности 19 домашни финансиски институции (13 банки, 3 штедилници и 3 осигурителни друштва) потпишуваат Договор за основање на берзата на 13 септември 1995 година. Берзата е основана како непрофитно акционерско друштво под назив Македонска берза АД Скопје, со основачки капитал од 1 милон германски марки. Претходно, Комисијата за хартии од вредност позитивно го оценува барањето за основање на берза и дава формална дозвола за работа во август истата година. Основачите на Македонската берза се нејзините први членки. Воедно, до крајот на 1995 година, Комисијата организира обуки за работа со хартии од вредност за идните брокери и на почетокот на 1996 година ги издава првите лиценци за работа со хартии од вредност. Во оваа фаза процесот добива поддршка и од германската Агенција за техничка соработка GTZ.

На 28 март, во свечен амбиент, Македонска берза го организира првиот ден на тргување во своите тогашни деловни простории, на улица Мито Хаџивасилев Јасмин број 20. Берзата се смести во деловната зграда на компанијата Аутомакедонија, што во тој момент беше во стечај, и ја преуреди големата сала во централниот дел на вториот кат. Играта на судбината и настанатите тектонски општествени промени придонесоа истата сала, која во претходниот систем била место на бројни партиски состаноци и работнички совети, да стане центар на најпазарната институција на новиот економски поредок што се градеше во независна Македонија. Тој 28 март, пред две и пол децении, новата берзанска сала беше преполна. Покрај брокерите и вработените во Берзата, беа присутни многу новинари, претставници на берзанските членки и акционери и многу други протоколарни гости, а како на ретко кој друг настан истовремено беа присутни неколку министри во Владата, Гувернерот на Народната банка, Премиерот и Претседателот на државата. Точно во 10 часот, Претседателот Киро Глигоров, со неговата карактеристична насмевка, со три удара во ѕвоното означи почеток на работа на првата берза во македонската историја. На тој прв ден на тргување се склучија 25 трансакции со 8 различни хартии од вредност и се оствари вкупен промет од 1,1 милион денари.

Четврт век потоа

Изминатите 25 години се доволно долга временска отсечка за да може прецизно да се идентификуваат повеќе развојни фази на нашата берза. На почетокот, во деведесеттите години, како што веќе спомнавме, амбициозно, но наивно, се сметаше дека градењето на новиот економски систем базиран на пазарни принципи автоматски ќе доведе до создавање на ефикасен и функционален пазар на хартии од вредност во македонската економија. Затоа и се формираше берзата. Следуваше брзо соочување со реалниот транзициски амбиент - приватизација и консолидација на иницијално креираните сопственички структури преку берзата, дооформување и модернизација на правната, институционалната и на техничката инфраструктура на пазарот, по што дојде големиот берзански бум од 2005-2007 година, на бранот на глобалната и регионална супер ликивидност и оптимизам без преседан. Светската финансиска криза од 2008 година за локалниот пазар на капитал резултираше во долга изгубена деценија на хибернација, за во последните три-четири години повторно да станеме сведоци на поинтензивна пазарна динамика којашто, наспроти актуелната пандемијата, изминатава година дополнително се забрза.

Објективно гледано, четврт век потоа може да констатираме дека Македонска берза стана значаен чинител  и интегрален дел во нашиот финансиски систем. Своите функции ги обавува на високо ниво, почнувајќи од основната за која што е и формирана - организираното спојување на понудата и на побарувачката за хартии од вредност во македонската економија и пазарно формирање на цените на финансиските инструменти. Во изминатите две и пол децении на Берзата се склучени околу 580 илјади трансакции со повеќе од 640 акции и над 30 обврзници, при што вкупната вредност на целокупниот досегашен промет изнесува над 3,9 милијарди евра. Понатаму, Берзата континуирано обезбедува и дистрибуира во јавноста информации за тргувањето со хартии од вредност и работењето на котираните компании, се грижи за подобрување на културата на транспарентно работење на издавачите и квалитетот на нивното корпоративно управување, нуди алтернативни можности за инвестирање во економијата, придонесува за зголемување на финансиска писменост во општеството итн. Најголем предизвик што сеуште тешко се надминува е тоа што Берзата не е практично искористена и од корпоративниот и од јавниот сектор како пазарен механизам за нивно финансирање, но тоа е општа аномалија на економиите и на финансиските системи на сите пост-транзициски економии во регионот и пошироко. Немањето посериозни оперативни и суштински проблеми на пазарот, перманентното квантитативно и квалитативно зголемување на обемот и на нивото на услуги за брокерите, издавачите и инвеститорите, високиот рејтинг на Македонска берза во поширокиот регион (и покрај нејзината објективно мала големина) и иницирање и учество во многу меѓународни проекти, доволно кажува за нејзината досегашна перформанса. Што се однесува до иднината, стратегијата на Македонската берза е јасно формулирана – одржување и зголемување на ефикасноста на организираниот пазар на хартии од вредност во Македонија, постојано ширење на лепезата на производи и услуги, што поголема интеграција со други сродни институции во земјата и други регионални пазари поради поголеми синергии и воведување на модерни технологии во работењето и максимално можна дигитализација.

Иван Штериев е генерален директор на Македонска берза

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема