1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белоруско-руски воени маневри близу границата со Полска

ЖА
12 ноември 2021

Ситуацијата на надворешната граница на ЕУ кон Белорусија се заострува. Полска стационира трупи за да ги спречи мигрантите да влезат во земјата. Владата во Минск реагира остро и се заканува со руски војници.

https://p.dw.com/p/42wbm
Belarus Russland gemeinsame Militärmanöver
Фотографија: Russian Defense Ministry Press Service/AP Photo/picture alliance

Белорусија и нејзиниот сојузник Русија денеска соопштија дека биле одржани  заеднички воени вежби во белорускиот регион Гродно, во близина на полската граница. Министерството за одбрана во Минск чекорот го образложи со „зачестените воени активности“ во близина на белоруската граница.

Со тоа Белорусијаи Русија очигледно реагираат на стационирањето на полски војници на  полско-белоруската граница.  На секој напад, Минск ќе реагира остро, истакна белорускиот министер за одбрана Виктор Хренин во видео обраќање. За комуникацијата со Западот,  за која рече дека се состои од „ултиматуми, закани и уцени“, истакна дека е неприфатлива.

Заднина на тензиите е спорот на Белорусија со ЕУ околу мигрантите. На надворешната граница на ЕУ во Полска моментно се наоѓаат неколку илјади луѓе, претежно од Блискиот Исток, на минусни температури. Поради навалата на мигранти на границата, Полска стационираше 15.000 војници во областа и подигна ограда од бодликава жица. 

За  Белорусија тоа веројатно е повод за одржување заеднички воени маневри со Русија. На обидите за заплашување и неоснованите обвинувања, Белорусија ќе реагира на соодветен начин, изјави министерот Хренин во Минск, додавајќи: „белоруските воени сили се во состојба да ја обезбедат сигурноста на земјата, по потреба и заеднички со  нашиот најважен стратешки партнер, Русија.“

Десет мртви мигранти близу границата

Во провизорен логор во граничната област меѓу  Полска  и Белорусија се заглавени преку две илјади мигранти, под најтеши услови. Според извештај во полскиот весник „Газета Виборшча“, во изминатите недели починале десет лица.

Многу од бегалците се надеваат преку Белорусија и Полска да стигнат до Германија. Германската полиција, како што соопшти денеска, од почетокот на ноември до вчера регистрирала 1488 нелегални влегувања во земјата, а од почетокот на годината досега се вкупно 9329 недозволени влегувања преку Белорусија.