1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вонредна меѓународна контрола поради пиштолот на Мијалков?

Костадин Делимитов20 октомври 2015

Случајот со поранешниот директор на УБК кој беше приведен на белградскиот аеродром поради откриен пиштол во неговата торба запали црвен аларм околу спроведување на безбедносните процедури на македонските аеродроми.

https://p.dw.com/p/1Gqss
Фотографија: DW/P. Stojanov

Фактот што поранешен висок функционер во власта влегол во авион на скопскиот аеродром со пиштол, според дел од експертите можеби навистина е изолиран случај, но дефинитивно е предмет за сериозна истрага која остава силен негативен импакт врз имиџот на земјата. Експертите предупредуваат дека законските правила и процедури се јасни и многу строги околу тоа кој може да патува со оружје, во какви услови и на кој начин:

„Тоа е дефинирано со неколку меѓународни прописи и многу е битно за која авиокомпанија станува збор, бидејќи некои од нив си имаат и сопствени правила. Некои на пример бараат оружјето и муницијата да бидат разделени и да се сместат во специјална папка која му се предава на пилотот во кабина. Во САД на пример е пракса оружјето да се става во посебна кутија во просторот за багаж. Генерално има строга процедура која е јасно детерминирана и законски утврдена. Посебно со промената на правилниците по терористичките напади во 2001. година. Обични луѓе, односно цивили, во никој случај не можат да носат оружје во авион, освен со посебни дозволи во делот за карго транспорт, но тоа е комлицирано. Законските процедури се многу јасно утврдени и се однесуваат на придружбата на ВИП патници, односно официјални лица од безбедност кои може да патуваат со оружје, но со однапред утврдена постапка на контрола и проверка. Во авијацијата нема простор за играње со безбедносните процедури. Видете, во авионот пилотот е претседател на држава, се случувало и на други аеродроми да биде и државна делегација - ако не помине стандардна процедура, пилотот да не сака да полета. Тоа е негово дискреционо право. Во случајов не знаеме дали воопшто и можел да постапи, бидејќи очигледно не бил информиран дека има патник со оружје, но за тоа очигледно дека никој и не знаел, дури како што кажа и самиот патник“, коментира во изјава за Дојче веле Зоран Доревски, поранешен директор на службата за безбедност на скопскиот аеродром.

Flash-Galerie Flughafen Skopje
Фотографија: Archiv der Agentur Makfa

Вклучување меѓународи служби во истрагата

Кој и зошто „ги изиграл“ безбедносните процедури допрва треба да покаже истрагата која треба да ја водат домашните истражни органи. Но многу веројатно е дека во целиот случај ќе се вклучат и меѓународните служби:

„Постапката на Светската воздухопловна организација е многу јасна и имплицира вонредни инспекциски контроли на системите за безбедност во авиосообраќајот и се одредуваат мерки. Станува збор за организација која е дел од ОН и која е надлежна за правилата и стандардите. Тие имаат јасно пропишана правила и процедура која мора да се пропише во законските акти, кај нас тоа е дел од законот за цивилна и воздушна пловидба и подзаконските акти на Агенцијата за цивилна и воздушна пловидба. Претпоставувам дека ќе следува меѓународна контрола, бидејќи после некој посериозен воздухопловен инцидент, особено кога станува збор за безбедносен, меѓународните воздухопловни асоцијации прават вонредна контрола. Сепак како и да е овој случај фрла лош имиџ за нас, иако според мене ова е изолиран инцидент, бидејќи случајот е многу специфичен. Но како и да е во никој случај не може и не треба да биде оправдување за никого“, предупредува Доревски.

Поминал ли Мијалков низ контрола?

Грешката како оправдување и изјавата на Мијалков дека пред патувањето набрзина земал торба во која не знаел дека има пиштол, според експертите воопшто не треба да биде „алиби“ за одговорност во целиот случај:

„Треба да се испита и да се реши како е возможно тој да ја поминал контролата. Бидејќи видете, ако навистина тој поминал на контрола тогаш рентген апаратот буквално ќе пиштел кога ќе го детектирал пиштолот. Затоа прашањето е дали Мијалков и воопшто поминал контрола на безбедносниот апарат. Тоа мора да се истражи. А да не зборуваме и за неговата лична одговорност или злоупотреба како сакате. Па ви се молам, да не знаете дека носите пиштол со себе! Скандалозно, но се прашувам како во ваков случај ќе поминел обичен „смртник“ , коментира за Дојче веле експерт по безбедност.

Skopje Flughafen Umbenennung
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со оглед дека надлежните органи целата одговорност ја префрлија врз аеродромското обезбедување, засега очигледно дека само таму се врши истрага:

„Скопскиот аеродром ги следи сите безбедносни процедури кои што се бараат според меѓународните и локалните регулативи. Повторуваме дека ова е изолиран случај во којшто станува збор за индивидуална, човечка, грешка во примената на безбедносните процедури кои што секогаш се следат на скопскиот аеродром. Внатрешна истрага веќе е во тек и секој што има одговорност за овој настан ќе ги сноси последиците според правилата на компанијата. Сите потребни чекори ќе бидат превземени со цел да не се случуваат слични инциденти во иднина.

Во комуникација и координација сме со сите надлежни институции во авиосообраќајот на кои им ги имаме дадено сите релеватни податоци. Активностите кои се преземаат се во рамки на безбедносните и внатрешните процедури'', велат за Дојче веле од ТАВ Македонија.

Целиот случај доби големо медиумско внимание и во соседните држави. Српските медиуми објавуваат дека безбедносните служби на аеродромот во Белград го пуштиле Мијалков по силен притисок од страна на високи претставници на македонската влада. Дел од нив шпекулираат и за други пронајдени предмети во неговата торба, но и за повеќе мотиви за неговото патување. За краток период ова е втор случај поврзан со поранешниот прв човек на УБК кој крена прашина во јавноста. Претходно тој беше актуелен и со дипломатскиот пасош кој требало да му биде доделен како експерт, но откако информацијата беше пробиена во медиумите, Мијалков јавно се откажа од документот.