1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балкански стереотипи за закана од бегалците

З. Јордановски12 октомври 2015

Весникот „Зиддојче Цајтунг“ во викенд-изданието посветува неколку тематски написи за бегалците и односот кон нив во Србија, Бугарија и Словенија - од автори кои потекнуваат од тие земји.

https://p.dw.com/p/1GmoV
Фотографија: Getty Images/AFP/C. Stache

„Зиддојче Цајтунг“ во викенд-изданието посветува неколку тематски написи за бегалците и односот кон нив во Србија, Бугарија и Словенија - од автори кои потекнуваат од тие земји.

„Србија има нешто заедничко со оние кои низ неа транзитираат - и таа самата со задоволство би сакала да оди во ЕУ“, се вели во поднасловот на прилогот во кој се констатира: „Бегалската криза го подели јавното мислење и во Србија. Едни сметаат дека мигрантите со друга вера им се закануваат на обичаите во Европа и на нејзините цивилизациски вредности; другите, мнозинството, во нив не гледаат никаква опасност. За хуманиот став спрема мигрантите Србија доби пофалби од земјите на ЕУ. (...) Дали мигрантската криза ќе го забрза отворањето преговори меѓу Србија и ЕУ на нејзиниот пат кон членство во Унијата? Или натамошните бегалски бранови засекогаш ќе ја променат Европа, во која и Србија сака да влезе?“, се прашува Драган Великиќ во „Зиддојче Цајтунг“.

Апокалипсна од инвазорите - кои ги нема

За „Хајка во Бугарија против туѓинците, во која дури ни црквата не знае за милост“ пишува Георги Господинов. „Ако во Бугарија се оди во социјалните мрежи, се добива впечаток дека непосредно претстои апокалипса: орди млади мажи полни со тестостерон се на пат да ги силуваат нашите христијанки, да го променат генетскиот пул на нацијата, да не асимилираат - нас и целото христијанство. (...) И самата Православна црква кон крајот на септември објави специјална декларација по повод бегалската криза. Кој мисли дека таа повика на милостивост и прием на страдалниците, ќе се чувствува разочаран. Напротив, Светиот синод инсистира владата веќе да не дозволува доаѓање на натамошни ’инвазори‘ на бугарска територија. (...) Но, има еден детал: ’инвазорите‘ всушност прават лак избегнувајќи ја Бугарија. Тажна иронија, што нерадо би ја коментирале. (...) Поматрано од кулата на новиот источноевропски национализам, се чини дека улогите се заменети. Наивната Западна Европа, особено Меркеловата Германија, контра рационално студената некогашна источна Европа. Германското просветителство потона во гнилиот хуманизам и кобниот емоционалитет, а некогаш толку широката словенска душа се претвори во чист разум, кој сака рационално да ја спаси Европа која тоне (во едно море од бегалци)“. žbž

„Крај на невидливата“

„Словенија долго беше игнорирана на политичката географска карта. Тоа сега би можело да се промени“, пишува Алеш Штегер. „Традиционално голема болка на Словенците им е дека се непознати во светот. Земјата (..) се обидува со децении меѓународно да се етаблира, но тоа никако не оди и не оди. Во потрага по странски инвеститори, во туристичката област или во уметничката дејност: Словенија страда оти се чини дека е проколната на невидливост“. Но, тоа има и друга страна - кај прашањата за имиграцијата „најрадо би се сокрила“, вели авторот. Според него, да се биде невидлив, да се сочека - со надеж да се остане неоткриен, била тактика на словенечката политика во случајот со мигрантското движење од Средниот Исток и Африка. „Но, тогаш дојде Виктор Орбан и затворањето на границите на Унгарија кон Европа. (...) Како што е вообичаено на Балканот, страдањето на мигрантите беше веднаш искористено за да се поентира надворешно-полтички. Речиси по традиција и овој пат соседите во регионот беа негативно претставени: повторно беа дипломатски подгреани погрешни информации, погрешни интерпретации и национални стереотипи. (...) Иако (во Словенија - н.з.) медиумите изненадувачки усогласено пренесоа воздржана и емпатиска слика за страдањата на бегалците, реакциите во интернет беа и се’ одвратни. Распространета исламофобија, национализам и ксенофобија“. Многу граѓани сепак се ангажираа и сакаа да помогнат, но на словенечко-хрватската граница речиси воопшто нема бегалци, оти тие се’ уште го претпочитаат патот преку Унгарија. „Но,се чини дека мирот од последните денови е лажен. (...) Многу е можно во наредната недела границата (на Унгарија - н.з.) кон Хрватска да биде затворена. Тогаш и во невидливата Словенија наското се’ ќе се промени“, пишува Алеш Штегер во „Зиддојче Цајтунг“.