1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајер сака со ѓаволот тикви да сади

Ролф Венкел/ превод:Зоран Јордановски25 мај 2016

Германскиот хемиски концерн Бајер треба да крене раце од американскиот концерн за семенски материјал Монсанто, оти обидот да го преземе за огромни пари може само да заврши наопаку, смета Ролф Венкел.

https://p.dw.com/p/1Itvb
Фотографија: picture-alliance/dpa/Keystone/L. Gillieron

Бајер сака за 62 милијарди евра да го купи Монсанто, еден од најомразените концерни во светот, и сосем очигледно си вообразува дека таквиот имиџ нема да фрли дамки и врз него. Што мислат еколошките активисти за Монсанто можеше минатата сабота да се види во 250 градови: демонстрации против американскиот концерн имаше во повеќе од 40 држави, меѓу нив и Мексико, Аргентина, Канада, САД, Холандија, Хрватска, Швајцарија и Кина. Демострантите го изразија своето незадоволство со знамиња, транспаренти и скандирања против хербицидот „РаундАп“, чија активна супстанца глифосат е под сомневање дека предизвикува рак.

Но, тој концерн е уште попрочуен по безобѕирниот однос кон земјоделците кои не се придржуваат кон правилата на играта со семенскиот материјал, диктирани од Монсанто. Концернот како никој друг небрежно интервенира во гените на полезните растенија, неговиот оддел за односи со јавност го профилира како херој во борбата против гладот во светот, додека тој фактички безмилосно ги тужи земјоделците за повреда на патентиран производ ако тие се дрзнат дел од жетвата да зачуваат како семенски материјал, наместо повторно да го купуваат кај Монсанто.

Wenkel Rolf Kommentarbild App
Ролф Венкел

Накратко, Монсанто е брутално силен во бизнисот со семенски материјал, но во агрохемијата, освен глифосатот, чија патентна заштита одамна истече, нема со што друго да се пофали. Бајер, пак, е силен во агрохемијата, а слаб онаму, каде што е силен Монсанто: кај семенскиот материјал – и во Америка. Значи, не е за чудење што одделот за односи со јавност на концернот од Леверкузен радосно црцори дека купувањето на Монсанто би претставувало „можност што не смее да се испушти за да создаде водечка позиција во глобалното земјоделство, додека Бајер како лајф-сајенс претпријатие долгорочно ќе се зацврсти во една бранша во подем. Со преземање на Монсанто, Бајер сака да стане водечко претпријатие во аграрното стопанство во светот“.

Тројно обложување против зделката

Луѓе, да имам акции од Бајер, веднаш би ги продал, оти има најмалку три причини кои зборуваат дека намерата ќе биде до темел промашена. Прво, во Леверкузен многу го потценуваат мизерниот имиџ на концернот од САД. Второ, на Бајер му се заканува опасност финансиски да се преоптовари. Концернот сака самиот да обезбеди една четвртина од понудената цена, од што прецизно може да се заклучи дека акционерите ќе мораат значително да го покачат капиталот за коцернот да дојде до нов капитал. Преостанатиот дел од мамутската зделка треба да го преземат банките. Финансирање на 75 проценти од сумата од надворешни извори значи дека Бајер ќе мора да влезе во огромен долг за да го купи Монсанто. Може да се претпостави дека поради тоа рејтинг-агенциите ќе му го намалат бонитетот, што пак ќе ги качи до небо трошоците за финансирање од надворешните извори. Со други зборови, зделката е прескапа.

Третата причина за можниот неуспех на овој брак е законот на серијата: многу намери за фузионирање пропаѓаа поради политиката, поради темелно различниот менталитет на страните во фузијата, потоа поради изостанување на ефекти на синергија или поради енормните трошоци за преструктуирање на концернот. Во Германија треба да се потсетиме само на случајот со Дајмлер и Крајслер, како предупредување за акционерите. Патем, многумина од нив, се чини, исто така не се воодушевени од таквиот дил, па курсот на акциите на Бајер со недели оди само во една насока – удолу.