1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Банките се најмалку погодени од економската криза

29 јули 2009

Реалниот сектор е во тешка состојба, вкупната економија влегува во рецесија, но банкарскиот систем е стабилен и тоа дава оптимизам дека Македонија полесно ќе ја преброди економската криза.

https://p.dw.com/p/IzHT
Фотографија: picture-alliance / chromorange

Во Македонија банките се најмалку погодени од глобалното економско цунами. Тоа, според економските експерти, е шанса за вкупната економија полесно да се извлече од рецесијата која е на прагот. Финансискиот сектор е крвотокот на секоја економија и многу е важно тој дел од економскиот организам да биде здрав, објаснува поранешниот банкар, сега финансиски консултант Зоран Трпески во изјавата за Дојче веле: „Капиталната адекватност на банките во Македонија е многу висока, далеку над критериумите на Базелската спогодба и воопшто на финансиските системи на западните банки. Во прв ред затоа што банките беа конзервативни, а во втор ред затоа што монетарната политика беше така прилагодена да ги држеше банките во висока ликвидност и стабилност во функционирањето.“

Како успеаја македонските банки да останат стабилни во услови кога големите светски банкарски имиња се соочуваат со сериозни тешкотии да ја одржат ликвидноста?

Објаснувањето е едноставано. Банките во Македонија најголемиот дел од кредитните пласмани го обезбедуваат од домашни извори, што значи дека се надвор од тој систем на врзани садови кој можеше да ги вовлече во криза. Директорот на една од најголемите банки во земјата - Стопанска банка, Глигор Бишев вели: „Најголемиот дел од овие финансиски средства ги обезбедуваа банките на тој начин што земаа од матичните банки и ги пласираа во националните економии.“

Bankberatung
Банките во Македонија најголемиот дел од кредитните пласмани го обезбедуваат од домашни извориФотографија: Bilderbox

Македонската влада не размислува за дополнителни анти-кризни мерки

По последните статистички податоци кои обелоденија пад на индустриското производство во јуни од 16 проценти, Владата очеува негативни економски показатели и за вкупната економија во вториот квартал. Тоа ќе биде официјална потврда дека Македонија е во рецесија. Но, во Владата се оптимисти дека рецесијата ќе биде бргу надмината. Министерот за финансии Зоран Ставревски вели: „Веројатно дека индицираат дека вториот квартал ќе има негативна стапка на економски раст, што би значело два последователни квартали на негативна стапка на економски раст. Гледано за во иднина, и најавите на економските субјекти се дека има очекувања оти работите постепено ќе почнат да се подобруваат.“

Symbolbild Rezession Finanzkrise Weltwirtschaft Bauindustrie Depression

Опозицијата не го дели владиниот оптимизам. Зоран Јовановски од СДСМ вели: „По падот на економијата од 0,9% во првиот квартал, очекуваме поголем пад во вториот квартал и официјална потврда дека Македонија е влезена во рецесија. Предвидуваме, за жал, дека Македонија ќе го продолжи падот и дека економијата ќе има пад и во третиот квартал“,

За закрепнување на стопанството, бизнисмените побараа од владата нов пакет антикризни мерки, царински и даночни олеснувања и забрзување на операцијата за кредитирање на малите и средни бизниси. Владата засега не размислува за дополнителни антикризни мерки, ги очекува ефектите од досегашните.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска