1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балкан, што да се прави...

Среќко Матиќ
15 април 2017

Германците немаат поим за Балканот, а медиумите се преполни со стереотипи- тврдат Данијел Мајиќ и Крсто Лазаревиќ, германски новинари со потекло од БиХ. Затоа почнаа да прават подкаст- на германски јазик

https://p.dw.com/p/2ayDJ
Krsto Lazarevic und Danijel Majic
Фотографија: privat

ДВ: Подкаст за случувањата на Балканот за германската публика? Зарем Германците навистина ги интересира што се случува на Балканот?
Крсто Лазаревиќ:
Не. Во Германија баш и не владее големо интересирање за балканските теми. Данијел и јас постојано зборувавме за тоа, тоа ги нервираше нашите пријатели, и тогаш одлучивме да започнеме подкаст- и да им одиме на нерви само на оние луѓе кои навистина сакаат да ги слушнат нашите балкански дрдорења.
Данијел Мајиќ: ... доколку сега не го прекинам Крсто, тој повторно ќе одржи двочасовно предавање за тоа што е Балкан, од каде потекнува терминот, и зошто на Западна Европа и е потребно такво разграничување. Просечниот германски медиумски конзумент на Балканот и на сиот тој хаос гледа, доколку воопшто гледа, како на некој псевдо- документарец на РТЛ2 за сиромашно семејство од социјален стан во соседството. И таа слика германските медиуми силно ја поттикнуваат: тие (на Балканот, н.з.) се едноставно такви, хаотични, раскарани. Тоа е нивниот менталитет: Балкан, што да се прави...
ДВ: Има ли тука разлика меѓу германските и австриските медиуми?
Крсто: Австрија е поблагодарна од Германија. Австријците сѐ уште се грижат за своите стари колонии и ги интересира што се случува таму. Па и главниот шеф во БиХ е Австриец.
Данијел: Австрија е дел од Балканот.
ДВ: Кога луѓето ќе прочитаат како зборувате, многумина ќе помислат дека вашиот подкаст е од сатиричен карактер. Но, не е. Тој е сериозен.

Данијел: Да, така е. Ние го конципиравме, начелно како нешто сериозно. Не знам како е кај Крсто, но во моето опкружување отсекогаш постоело одредено интересирање, особено за случувањата во поранешна Југославија. Но во истовреме, познавањето на историјата и на актуелната политичка состојба, така да речам, е многу слабо. И тука има многу за објаснување. Ние понекогаш сме смешни, но всушност тоа не е нашата намера.
Крсто: Ние не се обидуваме да бидеме сатиричари, политиката на Балканот е сама по себе реална сатира. Хуморот помага за сето тоа да се поднесе. Секако, раскажуваме и многу вицови, но во основа тоа е сериозна работа. Се обидуваме да продуцираме по едно издание на подкастот месечно. Темите воглавно се нудат сами од себе. Во актуелното издание зборуваме за Србија и претседателските избори. Понекогаш се занимаваме и со теми кои се однесуваат на целиот регион. Фокусот го ставаме и на состојбата во која таму се хомосексуалците, лезбејките и транссексуалците. Разговараме и за балканската рута и состојбата во која таму се наоѓаат бегалците.
ДВ: Што воопшто знаат Германците за Балканот? Имаат ли воопшто поим што се случува таму?
Крсто:
Луѓето кои потекнуваат од поранешна Југославија се една од најбројните мигрантски групи во Германија, но сеедно за нив ништо не се говори. Од една страна, тоа е сигурно знак за добра и успешна интеграција, но од друга страна, би било убаво да има поголем интерес. Во просториите на хрватската заедница во Германија беше прикажан филм со кој се релативизираше холокаустот. И тоа никого не го интересираше. Замислете тоа да беше направено во некоја турска џамија. Сѐ ќе ечеше!
Данијел: Има уште многу примери. На пример, активностите на хрватски фундаменталистички католички здруженија во Германија. Тоа ги опфаќа само Хрватите, а каде се другите! И не само во Германија. Но, како што реков, ни кај публиката, ниту во редакциите на германските медиуми нема изразена желба за знаење за она што се случува на Балканот. Кој воопшто знае дека ЕУ во Македонија соработува со авторитарен режим, кој малтретира новинари и токму се обидува да разгори етнички конфликт за по секоја цена да се одржи на власт.
Крсто: Да, политичари како австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц дури и настапуваа во предизборната кампања на автократот Никола Груевски. Истовреме, господин Курц не сака турски политичари да настапуваат на предизборни собири во Австрија. Тоа и не е многу веродостојно.

ДВ: Во Германија има многу стереотипи за Балканот и Балканците на кои често може да се налета во медиумите. Што најмногу ве лути во нив?
Крсто:
Ме лути што Западниот Балкан секогаш го поистоветуваат со војна. Уредниците постојано прашуваат дали во оваа или онаа земја повторно избила војна. Бидејќи доколку во насловот се вели дека на Балканот му се заканува нова војна, тогаш текстовите повеќе се читаат. А таквите текстови воопшто не одговараат на реалната состојба и реалноста на теренот или се лошо истражени. Така само се потврдува сликата која уредниците и читателите ја имаат за регионот.
Данијел: Уште повеќе ме лути недостатокот на вистински интерес. Се работи за регион кој од Франкфурт е оддалечен еден час лет, две земји, поранешни републики во состав на Југославија денес се членки на ЕУ. И сеедно, Балканот се третира како да се работи за некој егзотичен регион, чии проблеми немаат никаква врска со проблемите на Западна Европа.
Крсто: Во многу редакции едноставно нема луѓе кои во тој дел би можеле да воведат одредена ориентација кога се работи за Балканот. Големите новински агенции по изборите во Србија јавија дека победил „проевропски кандидат“. И тоа, потоа, без било каква критика го преземаат останатите медиуми. Притоа Александар Вучиќ е сѐ поавторитарен, тој ги контролира медиумите, правосудството и инсталира свои партиски приврзаници на сите релевантни јавни позиции. Кога сето тоа ќе се означи како „проевропско“, тогаш тој збор губи секаква смисла. Тогаш може да се рече дека и Путин и Ердоган се големи Европејци. Данијел: Она што е навистина штета е што остатокот од Европа можеше нешто да научи од поранешна Југославија. Ние гледаме дека сега во голем стил се враќа национализмот, под услов дека едно време воопшто го немало. Кога ги гледам германските новинари како се одеднаш изненадени од интензитетот на шовинизмот, кои гледаат дека со расистички предрасуди и со лажни вести може да се прави политика и дека многу, многу луѓе се подготвени да следат авторитарни лидери, тогаш јас можам само да кажам: нема потреба да бидете изненадени, тоа пред речиси 30 години можевте да го набљудувате и пред сопствениот куќен праг. Но заборавив дека повторно, тоа е само Балкан, тоа е нешто друго...

Данијел Мајиќ работи за дневниот весник Франкфуртер Рундшау, а Крсто Лазаревиќ е слободен новинар кој работи за различни медиуми, меѓудругите и за ДВ. Со нив разговараше Среќко Матиќ.