1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атомските реактори се надвор од контрола?

13 март 2011

Бројот на загинати во Јапонија би можел да надмине 10 илјади луѓе, соопшти полицијата, додека други официјални лица ја уверуваат јавноста дека проблемите во двата реактори во Фукушима не претставуваат итна опасност.

https://p.dw.com/p/10YMj
Атомската централа во ФукушимаФотографија: AP

„Немам сомневање дека бројот на загинати ќе се зголеми над 10 илјади во префектурата Мијаги“, го цитираше денеска јапонската национална телевизија НХК, шефот на полицијата во регионот, Такеучи Наото. Околу 800 смртни случаи досега се потврдени во Мијаги и другите региони во североисточна Јапонија, кои беа најтешко погодени од земјотресот со интензитет од 8,9 степени според Рихтеровата скала и разурнувачкото цунами што следуваше потоа. Само во пристанишниот град Минамисанрику не може да биде воспоставен контакт со околу 10 илјади жители. Полицијата претходно соопшти дека 2000 луѓе во погодените региони загинале или се водат како исчезнати. Околу 390 илјади луѓе ги напуштиле своите домови и многумина од нив нашле засолниште во околу 1400 кризни центри. Јапонскиот премиер Наото Кан издаде наредба во погодените региони да бидат испратени уште 50 илјади војници, со што бројот на армиски трупи кои се во функција на спасувачи се искачи на 100 илјади.

Japan Sendai Erdbeben FLASH Galerie
Околу 390 илјади луѓе ги напуштиле своите домови и многумина од нив нашле засолниште во околу 1400 кризни центриФотографија: AP

Сега се топи јадрото и на реакторот 3

Покрај битката за спасување животи во погодените подрачја јапонските власти денеска ја продолжија битката за избегнување на атомска катастрофа.

Тие се обидуваат да спречат целосно топење на јадрата во два реактори во атомската централа Фукушима, чии системи за ладење беа оштетени како последица на земјотресот и цунамито. И додека вчера во фокусот беше само реакторот еден, кадешто се случи силна експлозија, денеска властите соопштија дека и во реакторот 3 не функционира системот за ладење.

„Можно е да дошло и до помало топење на реакторското јадро“, изјави утрината портпаролот на владата Јукио Едано.

Japan / Tsunami / Erdbeben / Minamisanriku
Градот Минамисанрику - не може да биде воспоставен контакт со околу 10 илјади жителиФотографија: AP

Очајнички обиди?

Доколку дојде до целосно топење на јадрата на реакторите, се создава високорадиоактивна течност која веќе не може да се контролира и во најлош случај може да се очекуваат последици како оние по катастрофата во нуклеарката Чернобил во 1986 година. Во обидите да го спречат тоа, јапонските сили за безбедност во оштетените реактори пумпаат морска вода која би требало да помогне во нивното ладење. Според многумина експерти, тоа се очајнички обиди да се спречи најлошото. Од подрачјето околу централата Фукушима, во меѓувреме, се евакуирани 170 илјади луѓе, а на некои места во регионот е измерена радијација 400 пати поголема од дозволената.

Автор: СН/ЕМФ/ртр/дпа/афп

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска