1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атланта 1996 – Кока Кола игри?!

24 јули 2008

Атина сакаше да оддржи историски Олимписки игри. 1996 година игрите во Атланта сепак го добија епитетот Кола Кола Олимпијада.

https://p.dw.com/p/EinA
Карл Луис на ОИ 1996Фотографија: AP

„Меѓународниот олимписки комитет му ги доделува Олимписките игри 1996 на градот.... Атланта!“ Славје кај Американците, откако претседателот на МОК, Хуан Антонио Самаранч ја соопшти одлуката. Разочарување, пак, во Атина, која по 100 години сакаше повторно да биде логички домаќин на Игрите. Манфред Лемер, спортски историчар од Келн, вели:

„Бев во Атина кога одлуката беше сооптштена. Стоев таму пред еден голем екран на плоштадот Синтагма, каде завладеа огромно разочарување и тишина“ – се присетува Лемер. Но, наскоро потоа одекна извик на огорченост: дали со ова МОК сакаше тивко да му ја искаже својата благодарност на долгогодишниот спонзор од Атланта? Во јавноста почна да се зборува за „Кока Кола игри“, но Лемер смета дека немало ништо неправедно во носењето на одлуката.

„Она што го понудија Грците во 1996 едноставно не беше доволно и тоа го знаеше секој во МОК. Сега прашањето беше дали тие имаат историско право на игрите. Мнозинството во МОК не можеше да се одлучи за ова. Ако ме прашате мене, мислам дека Кока Кола вложи повеќе напори игрите да се одржат во Пекинг, отколку во Атланта“ – вели спортскиот експерт.

Неговата поента е дека светскиот концерн е позаинтересиран да освои нови пазари, отколку да се занимава со веќе добро познатиот домашен терен.

Ѕвездите не и` беа наклонети на Атланта

Расправиите стивнаа кога беше одржана церемонијата на отворање на ОИ во сојузната држава Џорџија, шест години подоцна. Тогаш сите очи беа вперени кон враќањето на една легенда.


„Извонреден боксер! Рацете се тресат, но тој е тука. Мохамед Али, порано Касиус Клеј. Петпати го крши непишаното правило: никогаш не се врааќаат.“

Покосен од тешката Паркинсова болест, некогашниот шампион го запали олимпискиот факел и и` даде човечност на Олимпијадата.

Gedenkzeremonie zu Ehren der Opfer des Bombenanschlags bei den Olympischen Spielen 1996 in Atlanta
Спомен за жртвите од бомбашкиот нападФотографија: AP

Меѓутоа, се чини дека ѕвездите не и` беа наклонети на Атланта. Бобашки напад на олимпискиот парк Сентениал, на 27. јули. Загинаа две лица, а 100 беа повредени. Дури години подоцна еден американски државјанин го призна делото, изведено како револт против општеството и владата.

Тогашниот претседател, Бил Клинтон, изјави: „Не смееме да му дозволиме на насилството да победи – Американците не го прават тоа така. Олимпијадата ќе се одржи, игрите ќе продолжат, олимпискиот дух ќе завладее. Не смееме да дозволиме да не исплашат вакви насилнички дела!“ – ја охрабри Клинтон американската и светската јавност.

Одличен спорт – лоша атмосфера

Така светското натпреварување продолжи и донесе одлични спортски моменти, за кои, пред се`, се погрижија домаќините. Пливачката Еми Ван Дајкен, со четири златни медали, беше најуспешната учесничка на игрите. Мајкл Џонсон, со соборувањето на рекордот во трка над 200 метри исто така влезе во историјата.

Моменти како овие придонесоа за олимписката возбуда, но како кај учесниците, така и кај јавноста, се` уште постои чувство дека игрите во Атланта беа малку „пластични“. Спортскиот историчар Манфред Лемер не е единствен во ставот дека атмосферата во Алтанта не може да се спореди со градовите-домаќини како Барселона или Сиднеј.

„Олимписките игри во Атланта, од спортски аспект, поминаа онака како што требаше да поминат. Но, игрите не се славеа во градот. Во Атланта едноставно немаше атмосфера.“